2023
Запознавање со нашиот Спасител Исус Христос
Јануари 2023


Порака од Обласното Раководство

Запознавање со нашиот Спасител Исус Христос

Кога бев млад мисионерите ми раскажуваа за Исус Христос, Неговиот живот, и неговите учења. Сега, кога веќе сум член на Црквата цели 30 години, понекогаш се прашувам себе си дали навистина го познавам мојот Спасител Исус Христос. Одговорот е да, јас го познавам, а и вие исто така.

Но, како што ни стануваат туѓи луѓето со кои долго време немаме контакт, така и нашиот Спасител станува странец за нас. Запознавањето со Него и познавањето е процес што трае. Сакам да споделам со вас некои постапки што ми помогнаа да го запознаам подобро Христос и постојано да го познавам.

Молитва

„Верен кон Верата“ нѐ учи за молитвата: „Вашиот Небесен Отец ве сака и ги знае вашите потреби, и Тој сака да комуницирате со Него преку молитва. … Кога создавате навика за пристапување кон Бога во молитва, ќе Го запознаете и ќе се приближите сѐ поблиску до Него. Вашите желби ќе станат слични на Неговите. Ќе бидете во можност да ги обезбедите за вас и за другите благословите што Тој е подготвен да ги даде, само доколку вие го побарате тоа со вера“1. Кога почнав да се молам, се зближив со мојот небесен Отец и Неговиот Син. Редовните молитви помагаат да се одржи оваа блиска врска. Благодарен сум за моќта на молитвата.

Проучување на Светото Писмо

Книгата на Мормон ги користи следните зборови за да ги опише синовите на Мосија, „… да, и тие зајакнаа во спознанието на вистината; бидејќи беа мажи со здрав разум и тие ги истражуваа светите писма трудољубиво, за да го знаат Божјото слово“2. Секојдневното проучување на светото писмо ни помага да бидеме приемчиви на шепотењата на Светиот Дух. Ја зајакнува нашата вера, ни помага да им одолееме на искушенијата и ни помага да научиме да го познаваме нашиот Небесен Отец и неговиот сакан Син.

Служба

Читањето на светите писма ни помага да го запознаеме Спасителот. Сепак, не е доволно само да го познаваме, мора и ние да станеме како Него. За да станеме како Спасителот, мора да дејствуваме. Служејќи им на другите, ние сме Христови слуги.

Кога бев млад член на Црквата, имаше тешки времиња во мојата татковина, и многумина се мачеа финансиски. Понекогаш им носев храна на членовите од нашата гранка, и тајно им оставав торби позади нивните врати. Сакав да мислам дека кога ќе ја пронајдат торбата со храна, не знаејќи кој им ја донел, ќе му заблагодарат на Бога а не мене. Една од моите омилени параболи од светото писмо е Параболата на Добриот Самајанин. Самарјанинот не планирал никакви добри дела за тој одреден ден, но ја увидел потребата и дејствувал. Исус му рекол на законикот на крајот од овој запис, „Оди и направи го истото“3. Оваа Исусова порака е упатена и кон сите нас. Помагајќи им на другите, ние ќе бидеме во можност да се почувствуваме на начин на кој Исус се чувствувал, кога Им служел на другите.

Завети

Заветите се склопуваат помеѓу две или повеќе страни. Кога склопуваме завети во Црквата, ние сме едниот од партнерите а другиот е Бог. Нашиот прв завет е Заветот за Крштевање, и со склопување на овој завет ветуваме дека ќе го преземеме името на Исус Христос врз нас. Во неделите присуствуваме на Сакраменталните средби за да ги обновиме нашите Крштални Завети. Во храмовите склопуваме завети што ќе стапат на сила дури откако ќе го напуштиме овој свет.

Претседателот Нелсон рече дека ние „ја зголемуваме Спасителовата моќ во нашите животи кога склопуваме свети завети и ги одржуваме тие завети со прецизност. Нашите завети нѐ врзуваат за Него и ни даваат божествена моќ“4. За да им помогнеме на другите да ја зголемат моќта на Спасителот во нашите животи, можеме да ги охрабриме и да им помогнеме да примаат божествени обреди и завети.

Сведоштво за Исус Христос

Нашето лично сведоштво вообичаено започнува со нечие друго сведоштво. Мојата сестра го сподели нејзиното сведоштво со мене после крштавањето. Почувствував желба да слушнам нешто повеќе за што сведочеше сестра ми. Потоа мисионерите дојдоа и сведочеа за Исус Христос, Неговото Евангелие, и обновената Црква. Беше толку моќно што целосно го промени мојот живот. Во еден миг, еден атеист стана верник кој имаше желба да ги следи учењата и примерот на Христос. На ист начин, нашето сведоштво може да промени нечиј живот. Поради нашето сведоштво, некој што не го познавал Христос претходно, може да го запознае.

Јас ви сведочам вам дека знам дека имаме Небесен Отец исполнет со љубов. Јас знам дека Неговиот син, Исус Христос, сите нас нѐ откупил од грев. Ви ветувам дека кога се молите, ги проучувате светите писма, им служите на другите, склопувате завети со Господ, и сведочите за Него, ќе го запознаете подобро нашиот Спасител Исус Христос.

Референци

  1. „True to the Faith – Prayer“ (Верни на верата – Молитва)

  2. Алма 17:2.

  3. Лука 10:37.

  4. Претседател Расел М. Нелсон, „Drawing the Power of Jesus Christ into Our Lives,“ Лиахона, мај 2017.