„Долната облека на светото свештенство“, Лиахона, септ. 2024.
Месечна Порака на Liahona, септември 2024
Долна Облека на Светото Свештенство
Како дел од храмското обдарување, ни беше даден свет опиплив потсетник на нашите завети – симбол на Самиот Спасител.
Без оглед на подготовката што несомнено им беше дадена и уверувањата што се обидоа да ги запомнат, мора да било неверојатен шок за Адам и Ева да ја напуштат својата рајска Еденска градина и да зачекорат во отпаднатиот свет.
Со искрена свесност, тие сфатиле што значи да се тргува со нивниот мирен, безгрижен живот во замена за свет на противење, пот, трње и тага - проследени со нешто што се нарекува смрт На почетокот не можеле да знаат што значи сето ова, но наскоро дознале дека секој ден може да донесе нова болка. Подоцна Мојсеј ќе забележи дека, навистина, најболното од сè било сознанието дека ќе се соочат со сето ова одвоени од нивниот Отец на небесата - „исфрлени од неговото присуство“.
Со оглед на оваа одвоеност и осаменост во студениот, мрачен свет, колку мора да било утешно за Адам и Ева да се сетат на една работа: дека биле дадени ветувања - нешто свето и вечно наречено завети. Тие ветиле дека ќе му бидат послушни на Отецот во текот на целиот свој живот, а Тој ветил дека ќе им даде Спасител, кој ќе им ја ублажи болката и тагата, ќе ги искупи нивните грешки и безбедно ќе ги врати во Неговото присуство.
Но како овие смртници би се сетиле на ветеното? Како би можеле да останат постојано свесни за нивната опасна ситуација - дење и ноќе?!
Потсетник на Нивните Завети
За да имаат таков потсетник, Тој им дал „облеки од кожа“. Каков благослов беше ова и колку навремен. Откако го вкусиле забранетото овошје, Адам и Ева речиси веднаш сфатиле дека се голи. Прво, се обиделе да ја покријат својата голотија со листови од смоква Потоа, плашејќи се дека лисјата ќе бидат несоодветни, се обиделе да се скријат од Господ. (Таков глупав потфат бил доказ дека се навикнуваат на смртноста!) Од тој момент до денес, грижливиот Отец ги кани Своите чеда да дојдат, од местото каде што не може да бидат пронајдени, кај Него. И како и со облеките од кожа од тоа време и разните парчиња облека оттогаш наваму, Тој од милост не нè оставил голи, туку го облекува послушникот во „облека на праведност“, потсетување на нашите ветувања и завети. Оваа „долна облека на спасението“ го симболизира најголемиот дар од сите, Помирувањето на Исус Христос.
Долната облека е симбол на Спасителот
Па, сето ова размислување за Адам и Ева и заветите и облеката е, се разбира, повеќе од само ментална вежба. Не е тешко да се замисли како се чувствувале Адам и Ева, бидејќи и ние се соочуваме со проблеми во овој отпаднат свет. И ние бевме одвоени од Божјото присуство, и понатаму се дистанцираме секогаш кога ќе направиме престап. Како и Адам и Ева, даден ни е истиот тој Спасител, Исус Христос на Назарет, Алфа и Омега, Синот на живиот Бог. Како и Адам и Ева, и ние се заветивме со Бога. И, како дел од храмското обдарување, ни беше даден свет опиплив потсетник на тие завети– симбол на Самиот Спасител. Во нашата евангелска епоха тој се нарекува долна облека на светото свештенство.
Оваа долна облека ја носиме под нашата горна облека. Без оглед на одговорностите што ги имам, без оглед на улогата што ја имам во животот, без оглед што бараат должностите на секојдневниот живот, во основата на сите нив се моите завети - секогаш и засекогаш. Во основата на сите нив се сите оние свети ветувања за кои очајно се држевме. Долната облеката не се истакнува или покажува пред светот, ниту пак моите завети. Но и едното и другото ги чувам блиску до мене- колку што е можно поблиску. Тие се исклучително лични и наполно свети.
Во знак на сеќавање на тие завети, тие двонасочни ветувања, ја носиме долната облека во текот на нашите животи. Оваа навика ја одразува нашата желба Спасителот да има постојано влијание во нашите животи. Другите популарни симболи се периодични. Се крштеваме еднаш во нашите животи. Земаме сакрамент еднаш неделно. Присуствуваме во храмот како што ни дозволуваат околностите. Но, долната облеката на светото свештенство е нешто сосема поинакво: на овој симбол му искажуваме почит секој ден и ноќ.
И тоа е начинот на кој се даваат заветите - не се оставаат настрана поради удобност или невнимание и не се обликуваат за да одговараат на стиловите и модата на општеството. Во животот на еден ученик на Исус Христос, световните начини мора да се обликуваат за да се усогласат со нашите завети, а не обратно.
Кога ја облекуваме долната облека, ние, како што не учи Првото Претседателство, го облекуваме светиот симбол на Исус Христос. Ако тоа е така, зошто тогаш би барале оправдување да го соблечеме тој симбол? Зошто би се лишиле од ветувањето за моќ, заштита и благодат што ја претставува таа долна облека? Напротив, секогаш кога мораме привремено да ја отстраниме долната облека, треба да бидеме желни да ја облечеме повторно што е можно поскоро, бидејќи се сеќаваме и на ветувањата и на опасностите што им даваат значење на нашите завети. Најважно од сè, се сеќаваме на крстот и празниот гроб на Христос.
Некои би можеле да кажат: „Имам други начини да се сетам на Исус“. И јас би одговорил, тоа е прекрасно. Колку повеќе толку подобро. Ајде сите да разгледаме колку што е можно повеќе начини за да ја одржиме нашата заложба „секогаш да се сеќаваме на него“. Но постапувајќи на тој начин, би било неискрено намерно да се занемари потсетникот што Самиот Господ им го дал на обдарените, долната облека на светото свештенство.
Исус Христос и Неговото Евангелие ми значат сé. Сите мои вечни надежи и аспирации, сé што го сметам за драго, се држат за Него. Тој е „карпата на моето спасение“, мојот начин за пристап до мојот Небесен Отец, мојот единствен начин за пристап до она што некогаш го имав и сега сакам да го имам повторно, заедно со уште многу повеќе. Неговиот дар за нас е најголемиот што некогаш е даден, – купен како што беше со бесконечно страдање, подаден до бесконечен број, доделен со бесконечна љубов. Трњето и троскотот, болката и страдањето, тагата и гревот на овој отпаднат свет, сите тие се „проголтани во Христа“.
Така, јас ја носам долната облека на светото свештенство - секој ден и ноќ како што е соодветно, откако бев обдарен пред 64 години, на 19-годишна возраст - затоа што го сакам и затоа што имам потреба од ветувањата што таа ги претставува.
Имате прашања за Носењето на Долната Облека?
Некои од вас можеби ја читаат оваа статија надевајќи се дека ќе одговорам на некое конкретно прашање за долната облека. Можеби ќе се надевате на „Така вели Господ“, или дури и „Така велат Неговите слуги“, за некоја работа блиска до вашето срце. Вашето прашање може да произлегува од личните околности поврзани со вработувањето, вежбањето, хигиената, климата, скромноста, јавни тоалети или дури и болеста.
Некои одговори на ваквиот вид прашања можат да се најдат на temples.ChurchofJesusChrist.org и во делот 38.5 од Општиот Прирачник. Членовите на семејството и водачите во кои имате доверба може да бидат консултирани за некоја лична работа. Сепак, постои многу јасна насока дадена во иницијалните обреди, а постои и засекогаш е, вашиот Небесен Отец, кој ве познава и ве сака и е интимно врзан за вашите околности. Тој би бил воодушевен ако вие лично Му ги поставите овие прашања.
Ве молам, немојте погрешно да го разберете. Додека посегнувате по божественото водство, Духот нема да ве инспирира да направите помалку од следењето на упатството добиено во храмот и пророчкиот совет споделен од Првото Претседателство преку нивната неодамнешна изјава. Саканиот Отец нема да ви помогне да станете поефикасни правејќи помалку отколку што можете за да се усогласите со Неговите стандарди за посветеност и скромност што ќе ве благословуваат сега и засекогаш. Но, дали Тој ги разбира вашите прашања и дали ќе ви помогне да ги добиете благословите за искажување почит кон долната облека и одржување на вашите завети? Да! Дали треба да се консултирате и со компетентни медицински и здравствени работници кога е потребно? Секако! Дали треба да го игнорирате здравиот разум или да гледате подалеку од целта? Се молам тоа да не случи.
Не можам да одговорам на секое ваше прашање. Не можам дури ни да одговорам на секое прашање што го имам. Но, јас можам, како апостол на Господ Исус Христос, да ви ја ветам помошта од саканиот Бог, кој го бара секој ваш успех и благослов, на начини кои сега не можете да ги сфатите или предвидите, додека се држите до заветите што сте ги склучиле со Него.
© 2024 by Intellectual Reserve, Inc. All rights reserved. Печатено во САД. Одобрено на англиски: 6/19. Одобрен превод: 6/19. Превод на Monthly Liahona Message, September 2024. Macedonian. 19295 158