Лиахона
Спасителот на сите, едно евангелие за сите
Март 2024


„Спасителот на Сите, едно Евангелие за Сите“, Лиахона, мар. 2024.

Месечна порака на Лиахона, март 2024

Спасителот на сите, едно евангелие за сите

Евангелието, Помирувањето и Воскресението на Исус Христос ги благословуваат сите Божји чеда.

Христос и куциот човек

Христос и Куциот Човек, од Џ. Кирк Ричардс, не смее да се копира

Обновеното евангелие на Исус Христос е првиот, најважниот и основен извор на трајна среќа, вистински мир, и радост за сите во овие подоцнежни денови. Благословите што произлегуваат од евангелието и од Исусовата бескрајна добрина никогаш не биле наменети само за неколкумина привилегирани, во древните или во сегашните времиња.

Без разлика колку се чувствуваме несоодветни, и покрај гревовите, што можеби за некое време нѐ оддалечуваат од Него, нашиот Спасител нѐ уверува дека „ги подава своите раце кон [нас] цел ден“ (Јаков 6:4), повикувајќи нѐ сите, да дојдеме при Него и да ја почувствуваме Неговата љубов.

Евангелски благослови за целиот свет

Евангелието на Исус Христос беше „обновено во овие подоцнежни денови за да ги задоволи … потребите на секоја нација, племе, јазик и народ на земјата.“1 Евангелието ги надминува сите националности и бои, притоа ги преминува сите културни бариери за да поучи дека „сите пред Бога се еднакви“ (2 Нефи 26:33).2 Книгата на Мормон стои како необично сведоштво за оваа вистина.

Овој одличен запис сведочи дека Исус е свесен за сите народи (види 2 Нефи 29:7) и ќе им се покаже „на сите кои веруваат во него, … [и ќе изврши] моќни чуда, знаци, и чудесии меѓу децата човечки“ (2 Нефи 26:13). Меѓу овие моќни чуда, знаци и чудесии е ширење на евангелието. Затоа, испраќаме мисионери ширум светот да сведочат за неговата добра вест. Ние исто така, го споделуваме евангелието со оние околу нас. Практикувањето на обновените свештенски клучеви за живите и мртвите гарантира дека на крај целосното евангелие ќе биде достапно за секој син и ќерка на нашите небесни родители—минати, сегашни или идни.

Срцето на ова евангелие—централната порака на секој пророк и апостол кој некогаш бил повикан за ова дело—е дека Исус е Христос и дека Тој дојде за да ги благослови сите луѓе. Како членови на Црквата на Исус Христос на Светците од Подоцнежните дни, изјавуваме дека Неговата искупителна жртва е за целиот свет.

Потребата за бесконечно и вечно Помирување

Кога шетам по светот, интервјуирам различни членови на Црквата. Инспириран сум да чујам како тие ги чувствуваат благословите од помирувањето на Исус Христос во нивните животи, дури и кога ќе признаат некој далечен грев. Колку е прекрасно што очистувачката утеха од Неговото Помирување е секогаш достапна за сите нас!

„Потребно е да се изврши помирување“, изјави Амулек, „инаку целиот човечки род неизбежно ќе настрада.“ Ние секогаш ќе бидеме „отпаднати и … изгубени, … освен со посредство на помирувањето“, што бара „бесконечна и вечна жртва“. Зашто „не може да има ништо друго освен бесконечното помирување што ќе биде доволно за спасување од гревовите на светот“ (Алма 34:9, 10, 12).

И големиот пророк Јаков поучуваше дека „како што смртта дојде на сите луѓе, … мора, секако да постои и моќта на воскресението“ за да нѐ врати во Божјото присуство (2 Нефи 9:6).

И гревот и смртта требаше да се надминат. Ова беше мисијата на Спасителот, што Тој храбро ја изврши за сите Божји чеда.

Христос во Гетсиманија

Гетсиманија, од Ј. Кирк Ричардс, не смее да се копира

Жртвата на нашиот Спасител

За време на Неговата последна ноќ во смртноста, Исус Христос влезе во Гетсиманската градина. Таму, тој клекна меѓу маслиновите дрвја и започна да запаѓа во агонија каква што вие и јас никогаш нема да ја спознаеме.

Таму, Тој започна да ги презема врз Себе световните гревови. Ја почувствува сета болка, срцеболка и тага и Тој истраја низ сите маки и страдања кои вие и јас ги доживеавме, и секоја душа која некогаш живеела или ќе живее. Ова големо и бесконечно страдање „предизвика [Тој], … најголемиот од сите, да трепери од болка, и да крвари од секоја пора“ (Учењата и Заветите 19:18). Само Тој би можел да го стори ова.

Немаше друг доволно добар.

Да ја плати цената за гревот

Само тој можеше да ја отвори портата.

На рајот и да нė пушти внатре.3

Исус потоа беше одведен на Голгота, и во најтрагичниот неправеден момент во историјата на овој свет, Тој беше распнат. Никој не би можел да му го одземе животот. Како Единствен Единороден Божји Син, Тој имал моќ над телесната смрт. Можел да му се помоли на Неговиот Отец, и легии на ангели би дошле да ги победат Неговите мачители и да ја покажат Неговата надмоќност над сė. „Но, како ќе се исполнат Писмата“, запраша Исус соочен со Неговото предавство, „ако ова не стане“? (Матеј 26:54).

Поради совршената покорност кон Неговиот Отец—и совршента љубов кон нас—Исус доброволно го дал Својот живот и го извршил Своето бесконечно и вечно помирување што се протега назад во времето и напред кон вечноста

Победата на Нашиот Спасител

Исус им заповеда на Своите апостоли да го продолжат Неговото дело по неговата смрт. Како би го направиле тоа? Неколкумина од нив биле само обични рибари и ниту еден од нив не бил обучен во синагогите за службата. Во тој момент, Исусовата Црква изгледала предодредена за исчезнување. Но апостолите најдоа сила да го прифатат нивниот повик и да ја обликуваат историјата на светот.

Што предизвика силата да дојде од ваквата очигледна слабост? Англиканскиот црковен водач и научник Фредерик Ферар вели: „Постои еден, и само еден можен одговор—воскресението од смртта. Сета оваа огромна револуција се должи на моќта на Христовото воскресение“.4 Како сведоци на воскреснатиот Господ, Апостолите знаеја дека ништо не би можело да го сопре напредокот на ова дело. Нивното сведоштво било извор на одржлива моќ додека ранохристијанската Црква ги надминувача сите пречки.

Оваа велигденска сезона, како еден од Неговите ракоположени сведоци, изјавувам дека едно рано неделно утро, Господ Исус Христос воскресна од мртвите за да нė зајакне и да ги скрши оковите на смртта за секого. Исус Христос живее! Поради Него, смртта не е крај. Воскресението е Христовиот бесплатен и универзален подарок за сите.

Христос и Марија Магдалена на гробот

Христос и Марија на гробот, од Џозеф Брики

Дојдете при Христа

Евангелието и помирувањето на Исус Христос се за секого—односно за, секој. Единствениот начин да ги доживееме сите благослови од Спасителовата помирувачка жртва е преку индивидуално прифаќање на Неговата покана: „Дојдете при мене“ (Матеј 11:28).

Доаѓаме при Христа кога градиме вера во Него и се каеме. Доаѓаме при Него кога се крштеваме во Негово име и го примаме дарот на Светиот Дух. Доаѓаме кај Него кога се држиме до заповедите, ги примаме обредите, ги почитуваме заветите, ги прифаќаме искуствата во храмот и живееме живот каков што живеат Христовите следбеници.

Понекогаш, ќе се соочите со обесхрабрување и разочарување. Срцето може да е скршено за себе или за некој од блиските. Можеби ќе бидете оптоварени со гревовите на другите. Грешките што сте ги направиле—можеби дури и сериозни—можат да ве натераат да се плашите дека мирот и среќата ве напуштиле засекогаш. Во такви моменти, запомнете дека Спасителот не само што го олеснува товарот на гревот, туку и, „издржал болки и болести од секаков вид“ (Алма 7:11), вклучително и вашите! Поради она низ што минал заради вас, Тој знае лично како да ви помогне ако ја прифатите Неговата покана што ќе ви го промени животот: „Дојдете при мене“.

Сите се Добредојдени

Исус Христос јасно стави до знаење дека сите чеда на Небесниот Отец имаат еднакви права на благословите од Неговото евангелие и Помирувањето. Тој нė потсетува дека сите „ја имаат истата привилегија, и на никој не му се забранува“ (2 Нефи 26:28).

„Тој ги кани сите да дојдат при Него и да ја споделат Неговата добрина; и Тој не одбива никого кој ќе дојде кај Него, ни црн ни бел, ни заробен ни слободен, ни машко ни женско“ (2 Нефи 26:33).

„Тој ги кани сите““—што значи сите нас! Не треба да нанесуваме површни етикети и вештачки дистинкции за себе или за другите. Никогаш не треба да поставуваме пречки за љубовта на Спасителот или да ја забавуваме идејата дека ние или другите сме надвор од Неговиот дофат. Како што кажав и претходно, „Не е можно [некој] да потоне подлабоко од бесконечната светлина на Исусовото Помирување“.5

Наместо тоа, како што сестра Холанд и јас поучувавме, само неколку месеци пред нејзината смрт, заповедано ни е да „имаме милосредие, и тоа милосрдие од љубов“ (2 Нефи 26:30).6 Ова е љубовта што Спасителот ни ја покажува, зашто „Тој не прави ништо што не е за добробит на светот, зашто го даде и сопствениот живот за да ги приближи сите луѓе кон него“ (2 Нефи 26:24).

Сведочам дека евангелието и Помирувањето на Исус Христос се за сите луѓе. Се молам радосно да ги прегрнете благословите што Тој ги носи.

Белешки

  1. Howard W. Hunter, “The Gospel—A Global Faith,“ Ensign, Nov. 1991, 18.

  2. Види Howard W. Hunter, “All Are Alike unto God“ (Brigham Young University fireside, Feb. 4, 1979), 1–5, speeches.byu.edu.

  3. There Is a Green Hill Far Away,“ Hymns, no. 194.

  4. Frederic W. Farrar, The Life of Christ (1994), 656.

  5. Jeffrey R. Holland, „The Laborers in the Vineyard,“ Liahona, May 2012, 33.

  6. Види Jeffrey R. and Patricia T. Holland, „A Future Filled with Hope“ (worldwide devotional for young adults, Jan. 8, 2023), broadcasts.ChurchofJesusChrist.org.