Свети Писма
Мојсеј 5


Глава 5

(Јуни–Октомври 1830)

Адам и Ева раѓаат деца—Адам нуди жртва и му служи на Бог—Каин и Авел се родени—Каин се буни, го сака Сатаната повеќе од Бог, и станува Пропаст—Убиство и пакост се шират—Евангелието се проповеда од почетокот.

1 И се случи откако Јас, Господ Бог, бев ги протерал, дека Адам започна да ја обработува земјата, и да има власт врз сите полски ѕверови, и да го јаде својот леб со потта од неговото чело, како што Јас Господ бев му заповедал. И Ева, исто, неговата жена, работеше со него.

2 И Адам ја знаеше неговата жена, и таа му роди синови и ќерки, и тие започнаа да се размножуваат и да ја исполнуваат земјата.

3 И од време на време, синовите и ќерките на Адам започнаа да се одвојуваат двајца по двајца во земјата, и да ја обработуваат земјата, и да чуваат стада, и тие исто родија синови и ќерки.

4 И Адам и Ева, неговата жена, го повика името на Господ, и тие го слушнаа гласот на Господ од патот кон Едемската Градина, говорејќи им на нив, а тие не го видоа; зашто тие беа отстранети од Негово присуство.

5 И Тој им даде на нив заповеди, дека тие треба да го обожаваат Господ нивниот Бог, и треба да ги принесат првородените од нивните стада, како принос за Господ. И Адам, беше послушен на заповедите на Господ.

6 И после многу денови еден ангел на Господ му се појави на Адам, велејќи: Зошто му принесуваш жртви на Господ? И Адам му кажа на него: Не знам, освен дека Господ ми заповеда.

7 И тогаш ангелот говореше, велејќи: Ова е сличност на жртвата на Единородениот од Отецот, кој е полн со благодат и вистина.

8 Затоа, ти ќе правиш сѐ што правиш во името на Синот, и ти ќе се покаеш и го повикаш Бог во името на Синот засекогаш.

9 И на тој ден Светиот Дух се спушти врз Адам, кој дава сведоштво од Отецот и Синот, велејќи: Јас сум Единородениот од Отецот од почетокот, отсега и засекогаш, како што ти си паднал така ќе можеш да бидеш искупен, и сето човештво, и тоа сите кои ќе посакаат.

10 И на тој ден Адам го благослови Бог и беше исполнет, и започна да пророкува во врска со сите семејства на земјата, велејќи: Нека е благословено името на Бог, зашто поради мојот престап моите очи се отворени, и во овој живот јас ќе имам радост, и повторно во тело ќе го видам Бог.

11 И Ева, неговата жена, ги слушна сите овие нешта и на неа ѝ беше мило, велејќи: Да не беа нашите престапи ние никогаш не би имале потомство, и никогаш не би познавале добро и зло, и радоста на нашето искупување, и вечниот живот кој Бог го дава на сите послушни.

12 И Адам и Ева го благословуваа името на Бог, и тие ги обелоденија сите нешта на нивните синови и ќерки.

13 И Сатаната дојде помеѓу нив, велејќи: Јас сум исто син на Бог; и тој им заповеда, велејќи: Не верувајте во тоа; и тие не веруваа во тоа, и тие го љубеа Сатаната повеќе од Бог. И луѓето оттогаш па наваму започнаа да бидат телесни, сензуални, и ѓаволски.

14 И Господ Бог ги повика луѓето преку Светиот Дух насекаде и им заповеда дека тие треба да се покајат;

15 И сите тие што веруваа во Синот, и се покаеја за нивните гревови, треба да бидат спасени; а сите тие што не веруваа и што не се покаеја, треба да бидат проколнати; и зборовите излегоа од устата на Бог како цврста одредба; затоа мора да се исполнат.

16 И Адам и Ева, неговата жена, не престанаа да го повикуваат Бог. И Адам ја знаеше Ева неговата жена, и таа зачна и го роди Каин, и кажа: Јас родив машко од Господ; затоа тој не може да ги одбие Неговите зборови. Но ете, Каин не послуша, велејќи: Кој е Господ за јас да го знам Него?

17 И таа повторно зачна и го роди неговиот брат Авел. И Авел го послуша гласот на Господ. И Авел беше чувар на овците, но Каин беше обработувач на земјата.

18 И Каин го љубеше Сатаната повеќе од Бог. И Сатаната му заповеда на него, велејќи: Принеси му жртва на Господ.

19 И во текот на времето се случи дека Каин донесе од плодот на земјата еден принос на Господ.

20 И Авел, тој исто донесе од првородените на неговото стадо, и од нивната маст. И Господ имаше почит кон Авел, и кон неговиот принос;

21 Но за Каин, и за неговиот принос, тој немаше почит. Сега Сатаната знаеше за ова, и му беше мило. И Каин многу се разлути, и лицето му се намршти.

22 И Господ му кажа на Каин: Зошто се лутиш? Зошто се помрачи лицето твое?

23 Ако правиш добро, ти ќе бидеш прифатен. А ако не правиш добро, тогаш гревот е пред вратата; и Сатаната сака да те има; и ако не ги послушаш Моите заповеди, ќе те предадам, и ќе ти биде според неговата желба. И ќе владееш врз него;

24 Зашто отсега натаму ти ќе бидеш татко на неговите лаги; ти ќе бидеш наречен Пропаст; зашто ти исто беше пред светот.

25 И ќе биде кажано во времето што следи—Дека овие одвратности беа од Каин; зашто тој го одби поголемиот совет кој беше од Бог; и ова е клетва која ја ставам врз тебе, ако не се покаеш.

26 И Каин се разлути, и не го слушаше повеќе гласот на Господ, ниту на Авел, неговиот брат, кој чекореше во светоста пред Господ.

27 И Адам и неговата жена оплакуваа пред Господ, поради Каин и неговите браќа.

28 И се случи дека Каин зема една од ќерките на неговите браќа за жена, и тие го сакаа Сатаната повеќе од Бог.

29 И Сатаната му кажа на Каин: Заколни ми се на мене со твоето грло, и ако кажеш за ова ќе умреш; и браќата твои нека се заколнат со нивните глави, и со живиот Бог, дека нема да го кажат тоа; зашто ако го кажат, тие сигурно ќе умрат; и ова за твојот татко да не знае; и овој ден ќе го предадам твојот брат Авел во твои раце.

30 И Сатаната му се заколна на Каин дека тој ќе направи според неговите заповеди. И сите овие нешта беа направени тајно.

31 И Каин кажа: Вистина јас сум Махан, господарот на оваа голема тајна, да можам да убијам и да стекнам добивка. Затоа Каин беше наречен Господар Махан, и тој славеше во неговата пакост.

32 И Каин замина во полето, и Каин зборуваше со Авел, неговиот брат. И се случи додека беа во полето, Каин се заврте против Авел, неговиот брат, и го погуби.

33 И Каин славеше поради тоа што го стори, велејќи: Јас сум слободен; сигурно стадата на мојот брат ќе паднат во мои раце.

34 И Господ му кажа на Каин: Каде е Авел, твојот брат? И тој кажа: Не знам. Дали сум јас чувар на брат ми?

35 И Господ му кажа: Што стори ти? Гласот на крвта на твојот брат плаче при Мене од земјата.

36 И сега проклет да си од земјата која ја отвори нејзината уста да ја проголта крвта на твојот брат од твоја рака.

37 Кога ќе ја обработуваш земјата таа повеќе нема да ти ја дава нејзината сила. Бегалец и изгнаник ти ќе бидеш на земјата.

38 И Каин му кажа на Господ: Сатаната ме искуши поради стадата на мојот брат. И јас исто бев разлутен; зашто ти го прифати неговиот принос а не мојот; мојата казна е поголема од што можам да ја поднесам.

39 Ете Ти ме изгони овој ден од лицето на Господ, и од твоето лице јас ќе се скријам; и јас ќе бидам бегалец и изгнаник на земјата; и ќе се случи, дека тој што ќе ме најде ќе ме убие, поради моите беззаконија, зашто овие нешта не се скриени од Господ.

40 И Јас Господ му кажав на него: Кој и да те убие, одмазда ќе падне врз него седумкратно. И Јас Господ го обележав Каин, за некој да не го пронајде и убие.

41 И Каин беше отстранет од присуство на Господ, и со неговата жена и многу од неговите браќа живееја во земјата Нод, на истокот од Едем.

42 И Каин ја знаеше жена му, и таа зачна и го роди Енох, и тој исто роди многу синови и ќерки. И тој изгради град, и тој го нарече името на градот по името на неговиот син Енох.

43 И на Енох му се роди Ирад, и други синови и ќерки. И Ирад го роди Мехујаел, и други синови и ќерки. И Мехујаел го роди Матусал, и други синови и ќерки. И Матусал го роди Ламех.

44 И Ламех си зема за себе две жени; името на едната беше Ада, а на другата Зила.

45 И Ада го роди Јавал; тој беше татко на оние кои живеат во шатори, и тие беа чувари на добиток; а името на неговиот брат беше Јувал, кој беше татко на сите тие што свиреа на гусли и шупелки.

46 И Цила, исто го роди Тувал-Каин, кој беше ковач на секакви работи од бакар и железо. А сестрата на Тувал-Каин се нарекуваше Ноема.

47 И Ламех им кажа на неговите жени, Ада и Цила: Слушнете го мојот глас, вие жени на Ламех, послушајте го мојот говор; зашто јас убив човек поради рана, и момче заради модрица.

48 Ако за Каин треба да се одмазди седумпати, навистина за Ламех ќе се одмазди седумдесет и седум пати;

49 Зашто Ламех бидејќи влезе во завет со Сатаната, според начинот на Каин, затоа тој стана Господар Махан, господар на таа голема тајна која беше послужена при Каин од Сатаната; и Ирад, синот на Енох, знаејќи ја нивната тајна, започна да ја открива на синовите на Адам;

50 Затоа, Ламех, беше лут, го погуби, не на ист начин како Каин, со неговиот брат Авел, за да стекне добивка, туку го погуби заради заклетвата.

51 Зашто, од деновите на Каин, постоеше еден таен сојуз, и нивните дела беа во темнината, и секој од нив го познаваше нивниот брат.

52 Затоа, Господ ги проколна Ламех, и неговиот дом, и сите тие што беа заветиле со Сатаната; зашто тие не ги одржуваа заповедите на Бог, а тоа не му беше угодно на Бог, и тој не им послужуваше, и нивните дела беа одвратности, и започнаа да се шират помеѓу сите синови човечки. И беше помеѓу синовите човечки.

53 И помеѓу ќерките човечки овие нешта не беа говорени, бидејќи Ламех ги кажа тајните на неговите жени, и тие се побунија против него, и ги објавија овие нешта наоколу, и немаа сочувство;

54 Затоа Ламех беше презиран, и отфрлен, и не дојде помеѓу човечките синови, за да не умре.

55 И така делата на темнината започнаа да преовладуваат помеѓу сите синови човечки.

56 И Бог ја проколна земјата со тешка клетва, и беше лут со пакосните, со сите синови човечки кои Тој беше ги создал;

57 Зашто тие не би го послушале Неговиот глас, ниту би верувале на Неговиот Единороден Син, и тоа Тој за кого објави дека треба да дојде во зенит на времето, Кој беше подготвен пред основата на светот.

58 И така Евангелието започна да се проповеда, од почетокот, беше објавувано од свети ангели испратено од присуството на Бог, и Неговиот сопствен глас, и преку дарот на Светиот Дух.

59 И така сите нешта беа потврдени на Адам, преку свет обред, и Евангелието проповедано, со испратена одредба, дека треба да се појави во светот, до неговиот крај; и така и беше. Амин.