Свети Писма
Мојсеј 8


Глава 8

(Февруари 1831)

Метушелах пророкуваше—Ное и неговите синови го проповедаа евангелието—Голема пакост преовладуваше—Повикот за покајание не е послушан—Бог одредува уништување на секое тело од Потопот.

1 И сите денови на Енох броеја четиристотини и триесет години.

2 И се случи дека Метушелах, синот на Енох, не беше земен, за заветите на Господ да може да се исполнат, кој Тој ги склучи со Енох; зашто Тој навистина се завети со Енох дека Ное треба да биде од плодот на Неговите бедра.

3 И се сличи дека Метушелах пророкуваше дека од неговите бедра треба да потекнуваат сите царства на земјата (преку Ное), и тој ја зема славата за себеси.

4 И се појави огромен глад во земјата, и Господ ја проколна земјата со тешка клетва, и многу од нејзините жители умреа.

5 И се случи дека Метушелах живееше сто осумдесет и седум години, и му се роди Ламех;

6 И Метушелах живееше, откако му се роди Ламех, седумстотини осумдесет и две години, и му се родија синови и ќерки;

7 И сите денови на Метушелах броеја деветстотини шеесет и девет години, и тој умре.

8 И Ламех живееше сто осумдесет и две години, и му се роди еден син,

9 И тој го нарече Ное, велејќи: Овој син ќе нè утеши во врска со нашето дело и напорите на нашите раце, поради земјата која Господ ја проколна.

10 И Ламех живееше, откако му се роди Ное, петстотини деведесет и пет години, и му се родија синови и ќерки;

11 И сите денови на Ламех броеја седумстотини седумдесет и седум години, и тој умре.

12 И Ное имаше четиристотини и педесет години, и му се роди Јафет; а четириесет и две години подоцна му се роди Сим од таа која беше мајка на Јафет, и кога тој имаше петстотини години му се роди Хам.

13 И Ное и неговите синови го послушаа Господ, и му обрнаа внимание, и тие беа наречени синови на Бог.

14 И кога овие луѓе започнаа да се размножуваат на лицето на земјата, и ќерките им беа родени при нив, синовите на луѓето видоа дека тие ќерки беа убави, и ги земаа за жени, и тоа како што одбраа.

15 И Господ му кажа на Ное: Ќерките на Твоите синови се продале себеси; зашто ете Мојот гнев е распален против човечките синови, зашто нема да го слушнат Мојот глас.

16 И се случи дека Ное пророкуваше, и ги поучуваше нештата на Бог, дури и како што беше на почетокот.

17 И Господ му кажа на Ное: Мојот Дух нема секогаш да се стреми со човекот, зашто тој знае дека секое тело ќе умре; сепак неговите денови ќе бидат сто и дваесет години; и ако луѓето не се покајат, јас ќе ги испратам поплавите врз нив.

18 И во тие денови постоеја џинови на земјата, и го бараа Ное да му го одземат животот; но Бог беше со Ное, и моќта на Господ беше врз него.

19 И Господ го ракоположи Ное според Неговиот сопствен ред, и му заповеда на него дека тој ќе оди напред и објави Неговото Евангелие при човечките деца, и тоа како што му беше дадено на Енох.

20 И се случи дека Ное ги повика децата на луѓето да се покајат; но тие не ги послушаа неговите зборови;

21 И исто, откако беа го слушнале него, тие дојдоа пред него, велејќи: Ете, ние сме синовите на Бог; зарем не сме ги земале при нас човечките ќерки? И зарем ние не јадеме и пиеме, и не се венчаваме и не се впуштаме во брак? И нашите жени ни раѓаат деца на нас, и истите се моќни мажи, кои се како мажите од минатото, мажи кои се прочуени. И тие не ги послушаа зборовите на Ное.

22 И Бог виде дека пакоста на луѓето беше станала толку голема на земјата; и секој човек беше кренат во замислата на мислите на неговото срце, како постојано злобен.

23 И се случи дека Ное продолжуваше со Неговото проповедање при народот, велејќи: Послушајте, и обрнете внимание на Моите слова;

24 Верувајте и покајте се од вашите гревови и бидете крстени во името на Исус Христос, Синот на Бог, и тоа како наши татковци, и ќе го примите Светиот Дух, за да можете сите нешта да ги прикажете; и ако вие не го сторите ова, поплавите ќе надојдат врз вас; сепак тие не послушаа.

25 И Ное зажали, и неговото срце беше болно дека Господ го создаде човекот на земјата, и му беше жал во срцето.

26 И Господ кажа: Јас ќе го уништам човекот кого Јас сум го создал, од лицето на земјата, и маж и ѕвер, и влечугите, и птиците во воздухот; зашто Ное зажали што сум ги создал, и што сум ги направил; и тој ме повика Мене; зашто тие го бараа неговиот живот.

27 И така Ное пронајде благодат во очите на Господ; зашто Ное беше праведен човек, и совршен во неговото поколение; и тој чекореше со Бог, а исто и неговите тројца синови, Сим, Хам, и Јафет.

28 Земјата беше распадлива пред Бог, и беше исполнета со насилство.

29 И Бог погледна врз земјата, и ете, беше распадлива, зашто секое тело беше го расипало неговиот пат врз земјата.

30 И Бог му кажа на Ное: Крајот на секое тело ќе дојде пред Мене, зашто земјата е исполнета со насилство, и ете Јас ќе го уништам секое тело од земјата.