Глава 10
Сведоштво за Книгата на Мормон доаѓа преку моќта на Светиот Дух—Даровите на Духот се делат на верните—Духовните дарови секогаш ја придружуваат верата—Словата на Морони зборуваат од правта—Дојдете кај Христос, бидете усовршени во Него, и осветете ги вашите души. Околу 421 н.е.
1 Сега јас, Морони, пишувам нешто што ми се чини дека е добро; и им пишувам на моите браќа, Ламанитите; и би сакал да знаат дека поминаа повеќе од четиристотини и дваесет години откако беше даден знакот за доаѓањето на Христос.
2 И јас ги запечатувам овие записи, откако ќе ви кажам неколку зборови на опоменувачки начин.
3 Ете, јас би сакал да ве охрабрам кога ќе ги читате овие нешта, ако биде според Божјата мудрост да ги читате, да се сетите колку милостив беше Господ спрема човечките деца, од создавањето на Адам па сѐ до времето кога вие ќе ги примите овие нешта, и размислувате за тоа во вашите срца.
4 И кога ќе ги примите овие нешта, ве повикувам да го прашате Бог, Вечниот Отец, во името на Христос, дали овие нешта не се вистинити; и ако прашате со искрено срце, со вистинска намера, имајќи вера во Христос, Тој ќе ви ја прикаже вистината на вас преку моќта на Светиот Дух.
5 И преку моќта на Светиот Дух можете да ја знаете вистината за сите нешта.
6 И што и да е добро, е праведно и вистинито; затоа, ништо што е добро не Го негира Христос, туку Го признава дека е Тој.
7 И вие можете да знаете дека е Тој, преку моќта на Светиот Дух; затоа ве повикувам да не ја негирате моќта на Бог; бидејќи Тој делува со моќ, според верата на човечките деца, истото денес и утре, и засекогаш.
8 И повторно, ве опоменувам мои браќа да не ги негирате Божјите дарови, бидејќи тие се многу; и тие доаѓаат од истиот Бог. И постојат различни начини на кои се послужени; но Бог е ист Кој делува во сѐ и сешто; и тие се дадени преку појавувањето на Божјиот Дух на луѓето, за нивна корист.
9 Зашто ете, на некој му се дава преку Божјиот Дух, за да го поучува словото на мудроста;
10 И на друг, да може да го поучува словото на знаење од истиот Дух;
11 И на друг, прекумерно голема вера; а на друг, даровите на исцелување од истиот Дух;
12 И повторно, на друг, да може да прави моќни чуда;
13 И повторно, на друг, да може да пророкува за сите нешта;
14 И повторно, на друг, да гледа ангели и духови кои служат;
15 И повторно, на друг, секакви јазици;
16 И повторно, на друг, толкувањето на јазици и на различни видови наречја.
17 И сите овие дарови доаѓаат преку Духот на Христос; и доаѓаат кај секој човек одделно, како што Тој сака.
18 И јас би ве охрабрил, мои љубени браќа, да запомните дека секој добар дар доаѓа од Христос.
19 И јас би ве охрабрил, мои љубени браќа, да запомните дека Тој е истиот вчера, денес, и засекогаш и дека сите овие дарови за кои зборував, кои се духовни, никогаш нема да бидат прекинати, сѐ додека постои светот, само според неверувањето на човечките деца.
20 Затоа, мора да постои вера; и ако мора да постои вера мора исто така да постои и надеж; и ако мора да постои надеж исто така мора да постои и милосрдие.
21 И ако немате милосрдие, никако не можете да бидете спасени во Божјото царство; ниту пак можете да бидете спасени во Божјото царство ако немате вера; ниту пак ако немате надеж.
22 И ако немате надеж морате секако да очајувате; и очајот доаѓа поради беззаконието.
23 И Христос навистина им кажа на нашите татковци: Ако имате вера можете да ги направите сите нешта кои според Мене се целисходни.
24 И сега зборувам на сите краеви на земјата—дека ако дојде денот кога моќта и даровите на Бог ќе бидат прекинати помеѓу вас, тоа ќе биде поради неверување.
25 И тешко на човечките деца ако ова е случајот; бидејќи нема да има ниту еден што прави добро помеѓу вас, не ниту еден. Бидејќи ако постои еден помеѓу вас што прави добро, тој ќе делува според моќта и даровите на Бог.
26 И тешко на оние кои ќе ги тргнат овие нешта и ќе умрат, бидејќи тие умираат во нивните гревови, и не можат да бидат спасени во Божјото царство; и јас зборувам според словата на Христос; и не лажам.
27 И ве опоменувам да се сетите на овие нешта; бидејќи времето брзо доаѓа кога ќе знаете дека јас не лажам, бидејќи ќе ме видите на Божјиот суд; и Господ Бог ќе ви каже: Зарем Јас не ви ги објавив Моите слова на вас, кои беа напишани од овој човек, како некој кој довикува од мртвите, да, дури и како некој кој зборува од правта?
28 Ги прогласувам овие нешта за исполнување на пророштвата. А ете, тие ќе излезат од устата на вечниот Бог; и Неговиот збор ќе одекнува од поколение до поколение.
29 И Бог ќе ви покаже, дека тоа што го напишав е вистина.
30 И повторно ќе ве охрабрам да дојдете при Христос, и да го држите секој добар дар, и да не го допирате злобниот дар, ниту пак нечистите нешта.
31 И разбуди се, и стани од правта, О Ерусалим; да, и облечи ги убавите облеки, О ќерко на Сион; и зацврсти ги колците и прошири ги границите засекогаш, за да не бидеш повеќе збркана, за заветите на Вечниот Отец кои Тој ги направи со тебе, О доме Израелов, да се исполнат.
32 Да, дојдете кај Христос, и бидете усовршени во Него, и одречете се од секоја безбожност; и ако се одречете од секоја безбожност, и го љубите Бог со целата ваша моќ, ум и сила, тогаш ви е доволна Неговата благодат, за да можете преку Неговата благодат да бидете усовршени во Христос; и ако преку Божјата благодат вие сте усовршени во Христос, никако не можете да ја негирате Божјата моќ.
33 И повторно, ако вие преку Божјата благодат сте усовршени во Христос, и не ја негирате Неговата моќ, тогаш вие сте осветени во Христос преку Божјата благодат, преку пролевање на Христовата крв, која е во заветот на Отецот за опростување на вашите гревови, за да станете свети, без флека.
34 И сега ви кажувам на сите, збогум. Јас наскоро одам да одморам во Божјиот рај, додека моето тело и дух повторно не се соединат, и додека не сум победнички понесен преку воздухот, да ве запознаам пред пријатниот суд на големиот Јехова, Вечниот Судија и на живите и на мртвите. Амин.
Крај