Царства на Слава
Имаме сакан Небесен Отец кој ќе гледа да го добиеме секој благослов и секоја придобивка што ни ги дозволуваат нашите желби и избори.
На членовите на Црквата на Исус Христос на Светците од Подоцнежните Дни често им се поставува следното прашање, „По што се разликува вашата Црква од останатите Христијански цркви?“ Меѓу одговорите што ги даваме е и целосноста на доктрината на Исус Христос. Најбитното во ова учење е фактот дека нашиот Небесен Отец толку многу ги сака сите свои чеда, што Toj сака сите ние засекогаш да живееме во некое царство на слава. Што е уште поважно, Тој сака вечно да живееме со Него и со Неговиот Син, Исус Христос. Неговиот план ни дава лекции и можност да направиме избори што ќе ја осигураат судбината и животот што ќе ги избереме.
I.
Од современото откровение дознаваме дека крајната судбина на сите луѓе на земјата не е несоодветната идеја–рај за праведниците и вечно страдање и пекол за останатите. Љубовниот план на Бог за Неговите чеда ја вклучува оваа реалност, поучувана од нашиот Спасител, Исус Христос: „Во домот на мојот Отец има многу места за живеење“.1
Доктрината добиена преку откровение на обновената Црква на Исус Христос на Светците од Подоцнежните Дни учи дека сите Божји чеда—со одредени исклучоци —на крај ќе наследат едно од трите царства на слава, дури и она кое ги „надминува сите разбирања“.2 По периодот во кој непокорните страдаат за своите гревови, чии страдања ги подготвуваат за она што следи, сите ќе воскреснат и ќе бидат изложени на Крајниот Суд на Господ, Исус Христос. Таму, нашиот сакан Спасител, кој, како што сме поучени, „го прославува Отецот и ги спасува сите дела на неговите раце“,3 ќе ги испрати сите Божји чеда до едно од овие царства на слава според желбите што тие ги покажале во нивните избори.
Уште една единствена доктрина и практика од обновената Црква е дека заповедите и заветите добиени преку откровение им ја нудат на сите Божји чеда светата привилегија да се квалификуваат за највисокиот степен на слава во селестијалното царство. Таа најценета дестинација–воздигнување во селестијалното царство–е во фокусот на Црквата на Светците од Подоцнежните Дни.
Од современите откровенија, Божјиот план за среќа на Неговите чеда, им е даден на Светците од подоцнежните Дни како уникатно разбирање. Овој план започнува со нашиот живот како духови во духовниот свет пред да се родиме, ја открива целта и условите на нашето избрано патување во смртноста, и нашата посакувана дестинација потоа.
II.
Од современите откровенија знаеме дека „законот е даден за сите царства“4 и дека царството на слава кое го добиваме при Крајниот Суд е одредено од законите што ќе ги избереме да ги следиме на нашето смртно патување. Според овој љубовен план, постојат многу царства–многу места за живеење–за да може сите Божји чеда да го наследат царството на слава според чии закони тие можат удобно „да се постават“.
Кога ги опишуваме природата и барањата на секое од трите царства во планот на Отецот, почнуваме од највисокото, кое е централно место на божествените заповеди и обреди што Бог ни ги открил преку Црквата на Исус Христос на Светците од Подоцнежните Дни. Во „селестијалната“ слава5 постојат три нивоа,6 од кои највисокото е воздигнување во селестјалното царство. Ова е живеалиштето на оние „кои примија од неговата потполност, и од неговата слава“, поради што, „тие се цареви, дури и синови [и ќерки] на Бог“7 и „живеат во присуство на Бога и неговиот Христос засекогаш“.8 Преку откровение, Бог ги открил вечните закони, обреди и завети кои мора да се почитуваат за да се развијат побожни особини неопходни за да се оствари овој божествен потенцијал. Црквата на Исус Христос на Светците од Подоцнежните Дни се фокусира на овие работи , бидејќи целта на оваа обновена Црква е да ги подготви Божјите чеда за спасение во селестијалната слава и, поконкретно, за воздигнување до највисок степен.
Божјиот план, основан на вечна вистина, бара тоа воздигнување да може да се постигне само преку верност кон заветите за вечен брак помеѓу маж и жена во светиот храм,9 кој брак на крајот ќе им биде достапен на сите верници. Ова е причината што учиме дека „родот е суштинска особина на претсмртниот, смртниот, и вечниот идентитет и судбина на поединецот“.10
Еднакво вредно учење што ќе нѐ подготви за воздигнување е прогласот од 1995 година за семејството.11 Неговите изјави ги разјаснуваат барањата што нѐ подготвуваат за живот со Бог Отецот и Неговиот Син, Исус Христос. Оние кои нецелосно го разбираат љубовниот план на Небесниот Отец за Неговите чеда, може да го сметаат овој семеен проглас само како менлива изјава или политика. Напротив, признаваме дека прогласот за семејството, заснован на неоповиклива доктрина, ги дефинира семејните односи на земјата каде се случува и најважниот дел од нашиот вечен развој.
Апостолот Павле ги опишува трите степени на слава, и ги споредува со славата на сонцето, месечината и ѕвездите.12 Го именува највисокото „селестијално“, а второто „терестијално“.13 Тој нема име за најниското, но отковението на Џозеф Смит го додаде неговото име: „телестијално“.14 Уште едно од откровенијата ја опишува природата на луѓето кои треба да се постават во секое од царствата на слава. Оние кои нема да изберат „да го почитуваат законот на селестијално царство“15 ќе наследат друго царство на слава, пониско од селестијалното, но во согласност со законите што ги избрале и каде може удобно и безбедно да се сместат. Тој збор abide, толку често спомнуван во светите писма, значи безбедно сместување.16 На пример, оние во терестијалното царство–споредливо со популарниот концепт за рај–„се оние кои примаат од присуството на Синот, но не и потполноста на Отецот“.17 Тие биле „чесни луѓе на земјата, заслепени од лукавството на луѓето“,18 но „не многу храбри во сведочењето за Исус“.19
Описот даден преку откровение за оние на кои им е зададено најниското царство на слава, телестијалното, е „оној што не е безбедно сместен … терестијална слава“.20 Ги опишува оние кои го отфрлаат Спасителот и не почитуваат божествени граници во своето однесување. Ова е царството каде грешниците ќе живеат, откако настрадале поради нивните гревови. Во современите откровенија се опишани како „оние кои не го примиле евангелието на Христос, ниту имале сведоштвото за Исус. …
„Тоа се лажговците, маѓепсниците, прељубниците и блудниците и сите што љубат и лажат”.21
Кога зборуваше за овие три царства на слава преку неговата пророчка визија, Претседателот Расел М. Нелсон неодамна напиша: „Животот на еден смртник е само наносекунда во споредба со вечноста. Но колку клучна таа наносекунда е! Размислете внимателно како се движат работите: за време на овој смртен живот ќе треба да изберете на кои закони сте подготвени да им се покорите–оние на селестијалното царство, или терестијалното, или телестијалното–и, следствено на тоа, во кое царство засекогаш ќе живеете. Каков одличен план! Ова е план кој целосно ја почитува вашата слобода на избор”.22
III.
Апостолот Павле поучувал дека Господовите учења и заповеди се дадени за да можеме сите да ја достигнеме „мера на возраста на христовата полнота“.23 Овој процес бара далеку повеќе од стекнување знаење. Не е доволно ниту да се увериме во евангелието; ние мора да дејствуваме така што ќе бидеме преобратени од него. За разлика од другите проповеди, кои нѐ учат да знеме нешто, евангелието на Исус Христос нѐ поттикнува да станеме нешто.
Од ваквите учења заклучуваме дека Крајниот Суд не е само проценка на вкупната сума на добри и лоши дела–што сме ги извршиле. Тоа се заснова на конечниот ефект на нашите постапки и мисли—она што станавме. Се квалификуваме за вечен живот преку процесот на преобраќање. Како што се користи овде, овој збор со многу значења означува длабока промена во човековата природа. Не е доволно некој само површно да мине низ сето тоа. Заповедите, обредите и заветите на евангелието не се список на влогови што треба да се депонираат во некоја рајска сметка. Евангелието на Исус Христос е план кој ни покажува како да станеме она што Небесениот Отец сака да станеме24
IV.
Поради Исус Христос и Неговото помирување, кога нешто ќе ни недостасува во овој живот, можеме да се покаеме и повторно да се вратиме на заветниот пат што води кон она што нашиот Небесен Отец го посакува за нас.
Книгата на Мормон учи дека „овој живот е времето за [ние] да се подготвиме за средба со Бога“.25 Но ова предизвикувачко ограничување до „овој живот“ доби надежен контекст (барем до одреден степен за некои луѓе) преку она што Господ му го открил на Претседателот Џозеф Ф. Смит, сега запишано во Учења и Завети дел 138. „Забележав“, запиша пророкот, „дека верните старешини од оваа евангелска епоха, кога ќе заминат од овој смртен живот, ќе продолжат со својата работа да го проповедаат евангелието за покајанието и откупувањето, преку жртвата на Единородниот Божји Син, меѓу оние кои се во темнина и под ропство на гревот во големиот свет на духовите на мртвите.
„Мртвите кои ќе се покаат ќе бидат искупени, преку покорност кон обредите во Божјиот дом,
„И откако ќе ја платат цената за нивните престапи, и ќе се исчистат, ќе добијат награда според нивните дела, зашто се наследници на спасението“.26
Дополнително, ние знаеме дека Милениумот, илјада годишни по второто доаѓање на Спасителот, ќе биде време за извршување на потребните обреди за оние кои не ги примиле во смртниот живот.27
Има многу што не знаеме за трите главни периоди во планот за спасение и нивниот однос еден кон друг: (1) претсмртниот духовен свет, (2) смртноста, и (3) следниот живот, и нивниот меѓусебен однос. Но ги знаеме овие вечни вистини: „Спасението е лична работа, а воздигнувањето е семејна”.28 Имаме Небесен Отец кој ќе се погрижи да ги добиеме сите благослови и придобивки што ни ги дозволуваат нашите желби и избори. Ние исто така знаеме дека Тој нема да принуди никого на врска која ќе биде запечатена против негова или нејзина волја. Благословите на запечатен однос се обезбедени за сите кои ги одржуваат своите завети, но никогаш преку изнудување на запечатена врска со лице кое е недостојно или неподготвено.
Почитувани браќа и сестри, јас сведочам за вистиноста на овие работи. Јас сведочам за нашиот Господ Исус Христос, „зачетникот и довршителот на [нашата] вера“,29 чие Помирување, според планот на нашиот Отец на Небесата, го овозможува сето тоа, во името на Исус Христос, амин.