Свети Писма
Јаков 5


Глава 5

Јаков го цитира Зенос во врска за алегоријата за питомите и диви маслинови дрва—Тие се слични како Израел и Неевреите—Се укажуваат распрснувањето и собирањето на Израел—Се упатуваат наговестувања за Нефитите и Ламанитите и за целиот Израелов дом—Неевреите ќе бидат прикалемени во Израел—На крајот лозјето ќе биде запалено. Околу 544–421 п.н.е.

1 Ете, браќа мои, не се сеќавате ли дека ги читавте зборовите на пророкот Зенос, кој му говореше на домот Израелов, велејќи:

2 Послушај, О доме Израелов, и чуј ги зборовите од мене, пророкот на Господ.

3 Зашто ете, овака зборува Господ, Јас ќе те споредам тебе, О доме Израелов, со питомото маслиново дрво, кое човекот го зема и негуваше во неговото лозје; и тоа порасна, и остаре, и почна да скапува.

4 И се случи господарот на лозјето да излезе, и тој виде дека неговото маслиново дрво почна да скапува; и тој кажа: Јас ќе го режам, и ќе копам околу него, и ќе го негувам, па можеби ќе изникнат млади и нежни гранки, и нема да овене.

5 И се случи да го режеше, и ископа околу него, и го негуваше според неговото слово.

6 И се случи да после многу денови почнаа да изникнуваат нешто помали, млади и нежни гранки; но ете, неговиот врв почна да венее.

7 И се случи господарот на лозјето да го види тоа, и му кажа на својот слуга: Жал ми е што ќе го изгубам ова дрво; затоа, одете и соберете гранки од дива маслинка, и донеси ги овде кај мене; и ќе ги искршиме тие главни гранки кои започнуваат да овенуваат, и ќе ги фрлиме во огнот да бидат изгорени.

8 И ете, кажа Господ на лозјето, земам многу од овие млади и нежни гранки, и ќе ги прикалемам каде и да сакам; и не е важно ако овене коренот на дрвово, можам да го сочувам неговиот род за себе; затоа, јас ќе ги земам овие млади и нежни гранки, и ќе ги прикалемам каде што сакам.

9 Ти земи ги гранките од дивото маслиново дрво, и прикалеми ги на нивно место; а овие кои ги скршив ќе ги фрлам во огнот и ќе ги запалам, за да не попречуваат во дворот на моето лозје.

10 И се случи слугата на Господ на лозјето да постапи според зборовите на Господ на лозјето, и ги прикалеми гранките на дивото маслиново дрво.

11 И Господ на лозјето нареди да се копа околу него, и да се реже, и да се негува, велејќи му на својот слуга: Жал ми е што ќе го изгубам ова дрво; затоа, за да ги зачувам неговите корени да не овенат го направив тоа за да го зачувам за себе.

12 Затоа, оди по твојот пат; гледај го дрвото, и негувај го, според моите зборови.

13 А овие ќе ги сместам во најдалечниот дел на моето лозје, каде што сакам, тоа не е важно за тебе; а го правам тоа за да ги зачувам природните гранки на дрвото за себе; и исто така, за да можам после да зачувам од неговиот род за очекувано време, за себе; бидејќи ми е жал да го изгубам ова дрво и родот негов.

14 И се случи Господ на лозјето да тргне по својот пат, и ги скри природните гранки на питомото маслиново дрво во најоддалечениот дел на лозјето, некои во еден дел а некои во друг дел, според неговите волја и задоволство.

15 И се случи да помине долго време, и Господ на лозјето му кажа на својот слуга: Дојди, да се симнеме во лозјето, за да работиме во лозјето.

16 И се случи Господ на лозјето, а исто така и слугата, се симнаа долу во лозјето за да работат. И се случи слугата да му каже на својот господар: Ете, погледни овде; гледај го дрвото.

17 И се случи Господ на лозјето да го гледаше и здогледа дрвото каде што беа прикалемени дивите маслинови гранки; а тоа беше изникнало и започнало да раѓа плод. И тој здогледа дека беше добро; а тој плод беше како природен плод.

18 И тој му кажа на слугата: Ете, гранките на дивото дрво ја прифатија влагата од неговиот корен, тој негов корен даде голема сила; и поради големата сила на неговиот корен дивите гранки дадоа питом плод. Сега, да не бевме ги прикалемиле овие гранки, тоа дрво ќе овенеше. А сега, ете, јас ќе соберам многу плод, кој го даде тоа дрво; и неговиот плод ќе го соберам за подготовка, за самиот себе.

19 И се случи Господ на лозјето да му каже на својот слуга: Дојди, да одиме во најоддалечениот дел на лозјето, и да видиме дали и природните гранки на дрвото донесоа многу плод, за да можам да го соберам неговиот плод за подготовка, за самиот себе.

20 И се случи тие да отидат таму каде што господарот беше ги скрил природните гранки на дрвото, и тој му кажа на слугата: Гледај ги овие; и тој ја здогледа првата што донесе многу плод; и забележа дека беше добар. И тој му кажа на слугата: Земи од овошјето, и собери го за подготовка, да можам да го зачувам за самиот себе; зашто ете, кажа тој, долго време го негував, и донесе многу плод.

21 И се случи слугата да му каже на својот господар: Зошто дојде овде да го насадиш ова дрво, односно оваа гранка од дрвото? Зашто ете, тоа беше најнеплодното место во целото земјиште на твоето лозје.

22 И Господ на лозјето му кажа на него: Не ме советувај; знаев дека тоа беше неплодно земјиште; затоа, ти реков на тебе, го негував долго време, и гледаш дека донесе многу плод.

23 И се случи Господ на лозјето да му каже на својот слуга: Погледни овде; ете јас исто така насадив уште една гранка од дрвото; а знаеш дека земјиштето на ова место беше понеплодно од првото. Но, гледај го дрвото. Јас го негував ова долго време, и донесе многу плод; затоа, собери го, и стави го за подготовка, да го зачувам за самиот себе.

24 И се случи Господ на лозјето пак да му каже на својот слуга: Погледни овде, и ете уште една гранка, што ја насадив; гледај дека исто така ја негував, и тоа донесе плод.

25 И тој му кажа на слугата: Погледни овде и гледај ја последната. Ете, ја насадив оваа на плодно место на земјиштето; и ја негував ова долго време, и само дел од дрвото донесе питом плод, а другиот дел на дрвото донесе див плод; ете, јас го негував ова дрво како и другите.

26 И се случи Господ на лозјето да му каже на слугата: Скрши ги гранките кои не донесоа добар плод, и фрли ги во огнот.

27 Но ете, слугата му кажа на него: Да го режеме, и да копаме околу него, и да го негуваме малку подолго, дека можеби може да ти донесе добар плод, за да можеш да го собереш за подготовка.

28 И се случи Господ на лозјето и слугата на Господ на лозјето да го негуваат целиот плод во лозјето.

29 И се случи да беше поминало долго време, и Господ на лозјето му кажа на својот слуга: Дојди, да се симнеме во лозјето, за да можеме повторно да работиме во лозјето. Зашто ете, дојде времето, и наскоро доаѓа крај; затоа, морам да го зачувам плодот за подготовка, за самиот себе.

30 И се случи Господ на лозјето и слугата да се симнат во лозјето; и тие дојдоа до дрво чии природни гранки беа искршени, и дивите гранки беа прикалемени; и ете сите видови на овошје го попречуваа дрвото.

31 И се случи Господ на лозјето да проба од плодот секоја сорта според бројот. И Господ на лозјето кажа: Ете, толку долго го негувавме ова дрво, и зачував многу плод за подготовка за себеси.

32 Но ете, овој пат донесе многу плод, од кој ништо не е добро. И ете, има секакви видови на лош плод; и ова не ми носи ништо, без оглед на сиот наш труд; и сега ми е жал да го изгубам ова дрво.

33 И Господ на лозјето му кажа на слугата: Што да правиме со дрвото, за пак да можам да го зачувам неговиот добар плод за самиот себе?

34 И слугата му кажа на господарот: Ете, бидејќи ти ги прикалеми гранките на дивото маслиново дрво тие ги негуваа корените, така што живеат и не се изчезнати; затоа гледаш дека тие се уште добри.

35 И се случи Господ на лозјето да му каже на својот слуга: Ништо не ми носи ова дрво, а ни неговите корени, сѐ додека дава злобен плод.

36 Сепак, знам дека корените се добри, и за моја лична цел ги зачував; и поради нивната голема сила тие овде даваа добар плод од дивите гранки.

37 Но ете, дивите гранки пораснаа и ги надраснаа неговите корени; и поради тоа што дивите гранки ги надминаа неговите корени тоа донесе многу злобен плод; и поради тоа што донесе многу злобен плод ете ти гледаш дека почнува да овенува а наскоро ќе созрее, за да биде фрлено во оган, освен ако не направиме нешто за да го зачуваме.

38 И се случи Господ на лозјето да му каже на својот слуга: Да се симнеме во најоддалечениот дел на лозјето, и да видиме дали и природните гранки даваа злобен плод.

39 И се случи тие да се симнаа во најоддалечениот дел на лозјето. И се случи да видат дека и плодот од природните гранки беше станал гнил; да, првиот и вториот а исто и последниот; и сите тие беа станале гнили.

40 И дивиот плод од последната го беше надминал оној дел од дрвото што даваше добар плод, така што гранката беше се исушила и умрела.

41 И се случи Господ на лозјето да заплаче, и му кажа на слугата: Што уште можев да направам за моето лозје?

42 Ете, знаев дека целиот плод на лозјето, освен овој, беше станал гнил. А сега и овие што порано даваа добар плод исто така станаа гнили; и сега сите дрвја во моето лозје не се добри за ништо освен да се исечат и да се фрлат во оган.

43 И ете, ова последното, чии гранки овенаа, го засадив на добро земјиште; да, дури и тоа кое беше избрано од сите други делови во моето лозје.

44 И ти виде дека јас исто го исеков тоа што му попречуваше на ова земјиште, за да можам да го насадам ова дрво наместо него.

45 И ти виде дека еден негов дел дава добар плод, а другиот дел дава див плод; и бидејќи не ги тргнав неговите гранки и не ги фрлив во оган, ете, тие ја надраснаа таа добра гранка што пресуши.

46 И сега, ете, без оглед на целата грижа која ја преземавме за моето лозје, дрвјата станаа гнили, така што тие не даваат добар плод; и овие бев се надевал да ги зачувам, за да ги соберам нивните плодови за подготовка, за самиот себе. Но ете, тие станаа како дивото маслиново дрво, и тие немаат вредност освен да бидат пресечени и фрлени во огнот; и жал ми е да ги изгубам.

47 Но што повеќе можев да сторам во моето лозје? Дали ја спуштив својата рака, за да не го негувам? Не, го негував, и копав околу него, и го режев, и го наѓубрив; и ја испружував раката речиси цел ден, и крајот се приближува. И жал ми е што ќе морам да ги исечам сите овие дрва во моето лозје, и да ги фрлам во огнот за да бидат изгорени. Кој е тој што го расипа моето лозје?

48 И се случи слугата да му каже на својот господар: Не е возвишеноста на лозјето—нели неговите гранки ги надраснаа корењата кои се добри? И бидејќи гранките ги надминале нивните корења, ете тие растеа побрзо од силата на корењата, земајќи сила за нив. Ете, јас велам, не е ли ова причината поради која дрвјата од лозјето станаа гнили?

49 И се случи Господ на лозјето да му каже на слугата: Да одиме и да ги исечеме дрвјата во лозјето и да ги фрлиме во огнот, за да не го попречуваат земјиштето на моето лозје, бидејќи јас направив сѐ. Што можев јас да направам повеќе за моето лозје?

50 Но, ете, слугата му кажа на Господ на лозјето: Поштеди го малку подолго.

51 И Господ рече: Да, ќе го поштедам уште малку, бидејќи ми е жал да ги изгубам дрвата од моето лозје.

52 Затоа, да земеме од гранките од овие кои ги насадив во најоддалечениот дел на моето лозје, и да ги прикалемиме на дрвото од кое потекнуваат; и да ги скршиме оние гранки од дрвото чиј плод е најгорчлив, и да ги прикалемиме природните гранки на нивно место.

53 И ќе го направам ова за да не умре дрвото, за, можеби, да можам за себе да ги сочувам неговите корења за моја сопствена цел.

54 И, ете, корените на природните гранки на дрвото кои јас ги насадив каде што сакав се уште живи; затоа, да можам да ги зачувам за моја сопствена цел, ќе ги земам гранките на ова дрво, и ќе ги прикалемам на нив. Да, ќе ги прикалемам на нив гранките од нивното родно дрво, за да можам да ги зачувам корењата за самиот себе, за кога тие ќе бидат доволно силни можеби ќе можат да ми дадат добар плод, и можеби сепак ќе се прославам со плодот во моето лозје.

55 И се случи тие да земат од природното дрво кое беше станало диво, и ги прикалемија на природните дрвја кои исто така беа станале диви.

56 И тие исто така земаа од природните дрва кои беа станале диви, и ги прикалемија на нивното родно дрво.

57 И Господ на лозјето му кажа на слугата: Не ги крши дивите гранки на дрвјата, освен оние кои се најгорчливи; и на нив ќе прикалемиш онака како што ти кажав.

58 И повторно ќе ги негуваме дрвата во лозјето, и ќе ги кастриме нивните гранки; и ќе ги кршиме од дрвата оние гранки кои се созреани, кои мораат да умрат и ќе ги фрлиме во огнот.

59 И го правам ова, за можеби, да можат нивните корења да се засилат поради нивната добрина; и поради промената на гранките, така што добрите ги надминуваат злобните.

60 И бидејќи ги заштитив природните гранки и нивните корења, и ги прикалемив природните гранки повторно на нивното родно дрво, и ги зачував корењата на нивното родно дрво, за, можеби, дрвата од моето лозје повторно да даваат добар плод; и повторно да имам радост во плодот на моето лозје, и, можеби, за да се радувам премногу што ги зачував корењата и гранките на првиот плод—

61 Затоа, оди, и повикај слуги, за да работиме трудољубиво со нашата моќ во нашето лозје, за да можеме да го подготвиме патот, за повторно да донесам природен плод, затоа што природниот плод е добар и најскапоцен од сите други плодови.

62 Затоа, да одиме и да работиме со нашата моќ овој последен пат, бидејќи ете крајот се ближи, и ова ќе биде последен пат да го режам своето лозје.

63 Прикалеми ги гранките; почни од последните за да можат да бидат први, и првите да бидат последни, и ископај околу дрвјата и стари и млади, први и последни; и последни и први, за уште еднаш да можат сите тие да бидат негувани за последен пат.

64 Затоа, ископај околу нив, и режи ги, и наѓубри ги уште еднаш, за последен пат, бидејќи крајот се ближи. И ако биде така овие последни прикалемени гранки да раснат, и да даваат природен плод, тогаш ти ќе го подготвиш патот за нив, за да можат да пораснат.

65 И додека тие започнуваат да растат ти ќе ги отстраниш гранките кои даваат горки плодови, според силата на добрите и нивната големина; и нема да ги отстраниш сите лоши оддеднаш, за да не бидат нивните корења претешки за калемењето, и тие прикалемените ќе страдаат, и ќе ги изгубам дрвата од моето лозје.

66 Бидејќи ми е жал да ги изгубам дрвата од моето лозје; затоа ќе ги отстраните лошите според тоа како добрите растат, за коренот и врвот да бидат еднакво силни, додека добрите не ги надминат лошите, и лошите да се пресечени и фрлени во огнот, за да не го попречуваат земјиштето на моето лозје; затоа ќе ги отстранам лошите од моето лозје.

67 И гранките на природното дрво повторно ќе ги прикалемам на природното дрво;

68 И природните гранки на дрвото ќе ги прикалемам на природните гранки на дрвото; така што повторно ќе ги спојам, за да даваат природен плод и тие ќе бидат едно.

69 А лошите ќе бидат фрлени, да, дури од земјиштето на моето лозје; зашто ете, само овој пат ќе го режам моето лозје.

70 И се случи Господ на лозјето да го прати својот слуга; и слугата отиде и направи како што Господ му беше заповедал, и донесе други слуги; и тие беа малку.

71 И Господ на лозјето им кажа: Одете, и работете во лозјето, со вашата моќ. Зашто ете, ова е последен пат да го негувам своето лозје; бидејќи крајот е сосема близу, и времето брзо доаѓа; и ако работите со вашата моќ со мене ќе се радувате на плодот што ќе ги зачувам за себе за времето кое наскоро ќе дојде.

72 И се случи слугите да отидат и работат со нивната моќ; и Господ на лозјето исто така работеше со нив; и тие ги послушаа заповедите на Господ за сите нешта.

73 И ете повторно почна да се појавува природен плод во лозјето; и природните гранки започнаа да раснат и премногу да напредуваат; а дивите гранки започнаа да бидат скршени и фрлени; и тие ги задржаа коренот и врвот еднакви, според неговата сила.

74 И така работеа, со целата нивна трудољубивост, според заповедите на Господ на лозјето, дури и кога лошите беа исфрлени надвор од лозјето, и Господ ги зачува за себе дрвата за повторно да станат природен плод; и тие станаа како едно тело; и плодовите беа еднакви; и Господ на лозјето го зачува за себе природниот плод, кој му беше најскапоцен уште од почетокот.

75 И се случи кога Господ на лозјето виде дека неговиот плод беше добар, и дека неговото лозје не беше веќе гнило, тој ги повика неговите слуги, и им кажа: Ете, за овој последен пат го негувавме моето лозје; и вие гледате дека јас направив според мојата волја; и го зачував природниот плод, што е добар, како што беше на почетокот. И благословени сте; бидејќи бевте трудољубиви да работите со мене во моето лозје, и ги одрживте моите заповеди, и повторно ми го донесовте природниот плод, така моето лозје веќе не е гнило, и лошото е исфрлено, ете ќе имате радост со мене поради плодот во моето лозје.

76 Зашто ете, долго ќе го чувам плодот на моето лозје за самиот себе, за очекувано време кое наскоро ќе дојде; и за последен пат го негував моето лозје, и го режев, и копав околу него, и го наѓубрив; затоа ќе го соберам овошјето за самиот себе, за долго време, според она што го говорев.

77 И кога ќе дојде времето лошиот плод повторно да се појави во моето лозје, тогаш ќе направам да се соберат доброто и лошото; и доброто ќе го зачувам за самиот себеси, а лошото ќе го исфрлам на неговото место. И тогаш доаѓа сезоната и крајот; и ќе направам моето лозје да биде запалено со оган.