Глава 7
Шерем го негира Христос, се препира со Јаков, бара знак, и е погоден од Бог—Сите пророци зборуваа за Христос и Неговото Помирување—Нефитите ги проживеаа нивните денови како скитници, родени во страдање, и мразени од Ламанитите. Околу 544–421 п.н.е.
1 И сега се случи откако беа поминале неколку години, се појави човек помеѓу Нефитите, чие име беше Шерем.
2 И се случи тој да започне да проповеда помеѓу народот, и да им објави дека нема да постои Христос. И проповедаше многу нешта кои беа ласкави за народот; и го стори ова за да го отфрли Христовото учење.
3 И работеше трудољубиво за да ги одведе срцата на луѓето, толку што одведе многу срца; и тој знаејќи дека јас, Јаков, имав вера во Христос кој ќе дојде, бараше многу можности за да може да дојде до мене.
4 И беше учен, така што имаше совршено знаење за јазикот на народот; затоа, можеше да користи многу ласкање, и многу говорна моќ, според моќта на ѓаволот.
5 И имаше надеж да ме поколеба во верата, без оглед на многуте откровенија и многуте нешта кои бев ги видел во врска со овие нешта; бидејќи навистина бев видел ангели, и тие ми служеа. И исто така, бев го слушнал Господовиот глас како ми зборува со самото слово, од време на време; затоа, не можев да се поколебам.
6 И се случи тој да дојде при мене, и вака ми говореше, велејќи: Брат Јаков, барав многу можности да зборувам со тебе; бидејќи исто слушнав и знам дека одиш околу многу, проповедајќи тоа што велиш дека е евангелие, односно Христово учење.
7 И си одведел многу од овој народ така што тие го изопачуваат вистинскиот Божји пат, и не го одржуват Мојсиевиот закон кој е прав пат; и го претвораат Мојсиевиот закон во обожавање на битие за кое велиш дека ќе дојде многу стотици години отсега. И сега ете, јас, Шерем, ти објавувам дека ова е богохулство; бидејќи ниту еден човек не знае за овие нешта; бидејќи не може да каже за нештата кои следат. И на овој начин Шерем се препираше против мене.
8 Но ете, Господ Бог го излеа Неговиот Дух во мојата душа, толку што го збунив во сите негови зборови.
9 И му реков: Дали Го негираш Христос кој ќе дојде? И тој кажа: Ако постои Христос, не би го негирал Него; но знам дека не постои Христос, ниту постоел, ниту ќе постои.
10 И му реков: Дали веруваш во светите писма? И тој кажа, Да.
11 И му реков: Тогаш не ги разбираш; бидејќи тие навистина сведочат за Христос. Ете, ти велам дека никој од пророците не напишал, ниту пророкувал, освен што тие зборувале во врска со овој Христос.
12 И ова не е сѐ—ми беше прикажано, бидејќи слушнав и видов; и исто така ми беше прикажано преку моќта на Светиот Дух; затоа, знам дека ако немаше направено помирување целото човештво мора да биде изгубено.
13 И се случи да ми каже: Покажи ми знак преку оваа моќ на Светиот Дух, преку што знаеш толку многу.
14 И му реков: Што сум јас да го искушувам Бог да ти покаже знак за нештата кои знаеш дека се вистинити? Сепак ќе го негираш, бидејќи си од ѓаволот. Сепак, нема да биде мојата волја; туку ако Бог те удри, нека тоа ти биде знак дека Тој има моќ, и на небесата и на земјата; и исто така, дека Христос ќе дојде. И Твојата волја, О Господе, нека биде сторена, а не мојата.
15 И се случи кога јас, Јаков, бев ги кажал овие зборови, Господовата моќ го стигна, толку што тој падна на земјата. И се случи да беше негуван во период од многу денови.
16 И се случи тој да му каже на народот: Соберете се заедно утре, бидејќи ќе умрам; затоа, посакувам да зборувам со народот пред да умрам.
17 И се случи утрешниот ден мноштвото беше собрано заедно; и тој им зборуваше јасно и ги негираше нештата на кои беше ги поучил, и Го призна Христос, и моќта на Светиот Дух, и служењето на ангели.
18 И јасно им говореше, дека беше измамен од моќта на ѓаволот. И говореше за пекол, и за вечност, и за вечна казна.
19 И кажа: Се плашам да не сторив неопростлив грев, зашто Го лажев Бог; зашто го одбив Христос, и кажав дека верував во светите писма; и тие навистина сведочат за Него. И зашто така Го лажев Бог многу се плашам мојот случај да не е ужасен; но му признавам на Бог.
20 И се случи кога беше ги кажал овие зборови не можеше да каже ништо повеќе, и му се предаде на духот.
21 И кога мноштвото беше сведочело дека тој ги говореше овие нешта додека сакаше да се предаде на духот, тие беа премногу запрепастени; толку што Божјата моќ се симна врз нив, и беа совладани така што паднаа на земјата.
22 Сега, ова нешто беше пријатно за мене, Јаков, бидејќи бев го барал од мојот Отец кој беше на небесата; бидејќи Тој го слушна моето довикување и одговори на мојата молитва.
23 И се случи мирот и љубовта на Бог повторно да бидат обновени помеѓу народот; и ги пребараа светите писма, и повеќе не ги слушаа зборовите на овој пакосен човек.
24 И се случи многу средства да бидат измислени да се преземат и обноват Ламанитите до знаењето за вистината; но сѐ беше залудно, бидејќи се воодушевуваа во војни и крвопролевање, и имаа вечна омраза против нас, нивните браќа. И бараа преку моќта на нивните раце да нѐ уништат постојано.
25 Затоа, Нефитскиот народ се утврди против нив со нивните оружја, и со сета нивна моќ, верувајќи во Бог и карпата на нивното спасение; затоа, тие станаа како допрва, победници врз нивните непријатели.
26 И се случи јас, Јаков, започнав да стареам; и записот за овој народ беше чуван на другите Нефитски плочи, затоа, го завршувам овој запис, објавувајќи дека напишав според моето најдобро знаење, велејќи дека времето помина со нас, и исто нашите животи поминаа како да бевме во сон, бевме осамен и свечен народ, скитници, отфрлени од Ерусалим, родени во страдање, во дивина, и мразени од нашите браќа, што предизвика војни и препирања; затоа, ги жалевме нашите денови.
27 И јас, Јаков, видов дека наскоро морам да се симнам долу во гроб; затоа, му кажав на мојот син Енос: Земи ги овие плочи. И му ги кажав нештата кои брат ми Нефи ми ги заповеда, и тој вети послушност на заповедите. И ставам крај на моето пишување врз овие плочи, кое беше мало; и на читателот му посакувам збогум, надевајќи се дека многу од моите браќа можат да ги читаат моите зборови. Браќа, збогум.