Препорачано на Господ
Започнете го процесот сега за да станете „препорачани на Господ“, така што Неговиот Дух ќе биде со вас во изобилство.
Добро утро, браќа и сестри. Како ученик на нашиот спасител, Исус Христос, се радував на ова собирање виртуелно, од сите страни на светот за оваа конференција.
Ова беше најневообичаена година. За мене започна со задача од Првото Претседателство да го посветам светиот храм на Господ во Дурбан, Јужна Африка. Никогаш нема да ја заборавам величественоста на зградата. Но многу повеќе од местоположбата на настанот, јас секогаш високо ќе го ценам достоинството на луѓето кои беа толку добро подготвени да влезат во тоа свето здание. Тие дојдоа спремни да учествуваат во еден од крунските благослови на Обновувањето: Посветувањето на куќата на Господ. Тие дојдоа со срца исполнети со љубов за Него и за Неговото Помирување. Дојдоа исполнети со благодарност кон нашиот Отец на Небесата за овозможување на светите обреди што би довеле до егзалтација. Тие дојдоа достојни.
Храмовите, без разлика каде се наоѓаат, се издигнуваат над патиштата на светот. Секој храм на Светците од Подоцнежните дни во светот—сите 168 од нив—стојат како сведоштва на нашата вера во вечниот живот и радоста да го поминеме со нашите семејства и нашиот Небесен Отец. Присуството во храмот го зголемува нашето разбирање за Отецот, Синот и Светиот Дух и за вечното евангелие, нашата посветеност да живееме и да поучуваме вистината, и нашата спремност да го следиме примерот на нашиот Господ и Спасител, Исус Христос.
На надворешноста од секој храм во Црквата се соодветните зборови, „Светоста за Господ“. Храмот е Господовата куќа и едно светилиште од светот. Неговиот Дух ги обвиткува оние кои се поклонуваат во рамките на овие свети ѕидови. Тој поставува стандарди со кои влегуваме како Негови гости.
Мојот дедо, Блејн Твичел, еден од најдобрите луѓе што некогаш сум ги познавал, ми одржа одлична лекција. Сестра Расбанд и јас отидовме да го посетиме кога се приближуваше крајот на неговото смртно патување. Кога влеговме во неговата соба, неговиот епископ само што заминуваше. Кога се поздравувавме со епископот, јас помислив, „Колку љубезен епископ. Тој тука е на служба кај верен член од неговиот оддел“.
Јас му спомнав на Блејн, „Зар не е љубезно што епископот дојде на посета.“
Блејн ме погледна и одговори, „Тоа беше многу повеќе од само посета. Јас барав да дојде епископот бидејќи сакав да ме интервјуира за храмска препорака. Сакам да заминам препорачан на Господ.“ И тој тоа го направи!
Таа фраза, „препорачан на Господ“, остана со мене. Тоа донесе потполно нов поглед на редовното интервјуирање од страна на нашите црковни водачи. Толку е значајна храмската препорака што во раната Црква, сѐ до 1891, секоја храмска препорака била одобрувана од Претседателот на Црквата.1
Без разлика дали за млади или за возрасни, вашето интервју за храмска препорака не е во врска со тоа што треба а што не треба да правите. Една препорака не е список на проверки, пропусница за сала за бал, или билет за посебни седишта. Има многу повисока и посвета цел. За да се квалификувате за честа на храмската препорака, мора да живеете во согласност со учењата на Црквата на Исус Христос на Светците од Подоцнежните-дни.
Во вашето интервју вие ја имате можноста да пребарувате по вашата душа за вашата лична вера во Исус Христос и Неговото Помирување. Го имате благословот да го искажете вашето сведоштво за обновеното евангелие, вашата спремност да ги поддржите оние кои Господ ги повикал да ја водат Неговата Црква; вашата вера во учењата на евангелието; вашето исполнување на семејните одговорности; и вашите квалитети на чесност, чедност, точност, послушност, и одржување на Словото на Мудроста, законот за десеток, и светоста на Сабат. Тоа се темелните принципи на живот посветен на Исус Христос и Неговата работа.
Вашата храмска препорака одразува длабока, духовна намера дека се стремите да ги живеете законите на Господ и да го сакате она што Тој го сака: понизност, кротост, непоколебливост, добротворност, храброст, сочувство, прошка и покорност. Вие се посветувате на овие стандарди кога го запишувате вашето име на тој свет документ.
Вашата храмска препорака ги отвора портите на небото за вас и за другите со обреди и уредби од вечно значење вклучувајќи крштавања, дарувања, бракови, и запечатувања.
За да се биде “препорачан за Господ“ е да се биде потсетен на она што се очекува од заветениот Светец од Подоцнежните-дни. Мојот дедо по закон, Блејн, глдаше на тоа како непроценлива подготовка за денот кога тој понизно ќе застане пред Господ.
Размислете кога Мојсеј се искачи на Планината Хореб и Господ Јехова му се појави во пламената грмушка. Бог му кажа, „Соблечи ги твоите кондури од стапалата зашто местото на кое сега стоиш е света земја“.2
Соблекување на кондурите на вратата од храмот е ослободување од световните желби или задоволства што нѐ одвлекуваат од духовен развој, оставајќи ги настрана оние нешта кои ја заобиколуваат нашата драгоцена смртност, издигање над спорното однесување, и барање време да бидеме свети.
По божествен дизајн, нашето физичко тело е креација на Бог, храм за нашиот дух, и треба да биде третирано со почит. Толку се вистинити зборовите на песната од Основно: „Моето тело е храм [што] има потреба од најголема грижа.“3 Кога Господ им се појави на Нефијците, Тој заповедал, „Бидете осветени со примање на Светиот Дух, за да стоите безгрешни пред мене“.4 „Какви луѓе треба да бидете?“ прашал Господ а потоа одговорил, „Дури и такви како што сум јас.“5 За да бидеме „препорачани на Господ“, се стремиме да бидеме како Него.
Се сеќавам дека го слушнав Претседателот Хауард В. Хантер во своето прво обраќање на генерална конференција како 14-ти Претседател на Црквата. Тој рече: „Тоа е најдлабоката желба на моето срце секој член на Црквата да биде достоен да влезе во храмот. Господ ќе биде задоволен доколку секој возрасен член би бил достоен за— и носи—важечка храмска препорака“.6 Јас би додал дека препораката за ограничена-употреба ќе постави јасен пат за нашата драгоцена младина.
Претседателот Расел М. Нелсон потсети на зборовите на Претседателот Хантер: „На тој ден, 6 јуни, 1994, храмската препорака што ние ја носевме стана поинаков предмет во мојот паричник. Пред тоа, таа беше средство за постигнување на целта. Таа беше средство што ќе ми дозволи да влезам во светата куќа на Господ; но откако тој ја даде таа изјава, препораката стана цел сама по себе. Стана моја беџ на покорност кон еден пророк на Бог.“7
Ако сѐ уште не сте примиле препорака или пак вашата препорака престанала да важи, застанете во ред пред вратата на епископот исто како што тоа го правеа раните Светци пред вратата на Храмот Наву во 1846.8 Моите предци беа помеѓу оние верните. Тие го напуштаа својот убав град и одеа на запад, но знаеја дека во храмот ги очекуваат свети искуства. Сара Рич напиша од суровата патека на Ајова, „Ако не беше верата и знаењето што ни беше дарувано во тој храм…, нашето патување ќе беше како …правејќи скок во темнината“.9 Тоа е она што ни недостасува ако минуваме низ овој живот сами без инспирацијата и мирот ветени во храмот.
Започнете го процесот сега за да станете „препорачани на Господ“ така што Неговиот Дух ќе биде со вас во изобилство а Неговите стандарди да ви донесат „мир на совеста“.10
Вашите водачи на младите, претседателот на Кворумот на старешините, претседателот на Здружението за Помош, и браќата и сестрите што служат, ќе ви помогнат да се подготвите, а вашиот сакан епископ или претседател на гранка ќе ве води.
Искусивме време кога храмовите се затворени или лимитирани во своето користење. За претседателот Нелсон и оние од нас кои служат на негова страна, инспиративната одлука да се затворат храмовите беше „болна“ и „упропастена од грижа.“ Претседателот Нелсон се пронајде како се прашува, „Што ќе му кажам на Пророкот Џозеф Смит? Што би му кажал на Бригам Јанг, Вилфорд Вудруф и на останатите Претседатели, сѐ до Претседателот Томас С. Монсон?“11
Сега, постепено и со благодарност повторно ги отвораме храмовите за запечатувања и дарувања во ограничен обем.
Да се биде достоен за присуство во храмот, меѓутоа, не е суспендирано. Да појаснам, без разлика дали имате пристап до храм или не, ви треба важечка храмска препорака за да останете цврсто на заветниот пат.
Кон крајот на минатата година сестра Расбанд и јас бевме на задача во Нов Зеланд зборувајќи со голема група на млади самохрани возрасни лица. Тие немаа лесен пристап до храм; тој во Хамилтон се реновираше, а тие сѐ уште го чекаа на храмот во Оукланд. Сепак, се почувствував поттикнат да ги охрабрам да ги обноват или да ги примат храмските препораки.
Иако не можат да ги презентираат во храмот, тие би се претставиле себе си пред Господ чисти и подготвени да му служат. Да се биде достоен за да се добие храмска препорака е заштита од противникот, зашто вие цврсто се обврзавте кон Господ за вашиот живот, и ветување дека Духот ќе биде со вас.
Ние правиме храмска работа кога пребаруваме за нашите предци и ги поднесуваме нивните имиња за обреди. Додека нашите храмови се затворени, ние сѐ уште сме во можност да истражуваме за нашите семејства. Со Духот на Бога во нашите срца, ние сме, нивни посредници, кои стојат наместо нив за да бидат „препорачани за Господ“.
Кога служев како извршен директор во Храмскиот Оддел, јас често го слушав Претседателот Гордон Б. Хинкли како се повикува на овие свети писма кажани од Господ за Храмот Наву: „Дозволете работата за мојот храм, и сета работа која ја одредив за вас, да продолжи а не да престане; и нека вашата трудољубивост, и истрајност и трпеливост, и вашата работа да се удвои, и во никој случај да не ја изгубите својата награда, кажа Господ на Силите.“12
Нашата работа во храмот е врзана со нашата вечна награда. Неодамна бевме ставени на тест. Господ нѐ повика да работиме во храмовите со „трудољубивост … истрајност и трпеливост“.13 Да се биде „препорачан на Господ“ ги бара овие квалитети. Мора да бидеме вредни во исполнување на заповедите, истрајни во нашето внимание кон храмските завети, да бидеме благодарни за она што Господ продолжува да поучува за нив и да бидеме трпеливи додека чекаме храмовите повторно да се отворат во целост.
Кога Господ повикува за нас да ги „удвоиме“ нашите напори, Тој бара да ја зголемиме праведноста. На пример, можеме да го прошириме нашето знаење од светите писма, да го продлабочиме нашето истражување на семејната историја, и нашите молитви на вера за да може да ја споделиме нашата љубов за Господовата куќа со оние кои се подготвени да примат храмска препорака, особено членовите на нашето семејство.
Ви ветувам како Апостол на Господ Исус Христос дека додека се стремите да ги удвоите вашите праведни напори, ќе се почувствувате обновени во вашата посветеност кон Бог Отецот и Исус Христос, во изобилство ќе го чувствувате Светиот Дух како ве води, ќе бидете благодарни за светите завети, и ќе чувствувате мир знаејќи дека сте „Препорачани на Господ“. Во името на Исус Христос, амин.