Свети Писма
Вовед


Вовед

Книгата на Мормон е збирка на свети писма, споредлива со Библијата. Таа е запис на Божјите постапки со древни жители на Америка и ја содржи целината на вечното евангелие.

Книгата е напишана од многу древни пророци, преку духот на пророштвото и откровението. Нивните зборови, напишани врз златни плочи, беа цитирани и скратени од пророк-историчар, наречен Мормон. Нивниот запис дава извештај за две големи цивилизации. Една дојде од Ерусалим во 600 п.н.е. и потоа се раздели на две нации, познати како Нефитите и Ламанитите. Другата дојде многу порано кога Господ ги измеша јазиците на кулата на Вавилон. Оваа група е позната како Јаредити. После илјадници години, сите беа уништени освен Ламанитите, а тие се помеѓу предците на Американските Индијанци.

Крунисувачкиот настан запишан во Книгата на Мормон е личната служба на Господ Исус Христос помеѓу Нефитите наскоро по Неговото воскреснување. Таа ги истакнува учењата на евангелието, го прикажува планот за спасение, и им кажува на луѓето што мора да направат, за да стекнат мир во овој живот и вечно спасение во животот што следува.

Откако Мормон ги комплетираше неговите пишувања, тој го предаде извештајот на неговиот син Морони, кој додаде неколку свои зборови и ги скри плочите во ридот Кумора. На 21 септември, 1823, истиот Морони, тогаш прославено и воскреснато битие, му се појави на пророкот Џозеф Смит и го упати во врска со древниот запис и неговото предодредено преведување на англиски јазик.

Во одредено време, плочите беа доставени кај Џозеф Смит, кој ги преведе преку дарот и моќта на Бог. Записот сега е објавен на многу јазици како ново и дополнително сведоштво дека Исус Христос е Синот на живиот Бог и дека сите кои ќе дојдат при Него и се покоруваат на законите и обредите на Неговото евангелие можат да бидат спасени.

Во врска со овој запис, пророкот Џозеф Смит кажа: „Им реков на браќата дека Книгата на Мормон беше најточната од било која книга на земјата, и каменот темелник на нашата религија, и човек би се доближил до Бог придржувајќи се до нејзините принципи, повеќе отколку преку било која друга книга.“

Покрај Џозеф Смит, Господ овозможи уште единаесетмина други да ги видат златните плочи за себе и да бидат специјални сведоци на вистината и божеството на Книгата на Мормон. Нивните напишани сведоштва се вклучени тука како „Сведоштвото на Тројцата Сведоци“ и „Сведоштвото на Осумте Сведоци“.

Ние ги покануваме сите луѓе секаде да ја читаат Книгата на Мормон, да размислуваат во нивните срца за пораката што ја содржи, а потоа да Го прашат Бог, Вечниот Отец, во името на Христос дали книгата е вистинска. Оние кои го следат овој правец и прашуваат со вера ќе добијат сведоштво за нејзината вистина и божественост преку моќта на Светиот Дух (видете Морони 10:3–5.)

Оние кои го добиваат ова божествено сведоштво од Светиот Дух, исто ќе дознаат преку истата моќ дека Исус Христос е Спасителот на светот, дека Џозеф Смит е Неговиот откровител и пророк во овие последни денови, и дека Црквата на Исус Христос на Светците од Подоцнежните Дни е Господовото царство повторно воспоставено на земјата, како подготовка за Второто Доаѓање на Месијата.