Сведоштвото на Пророкот Џозеф Смит
Сопствените зборови на пророкот Џозеф Смит за појавата на Книгата на Мормон се:
„Вечерта на…дваесет и први Септември [1823 г.]…Се упатив себеси со молитва и молба до Семоќниот Бог…
„Додека бев така во чин на повикување на Бог, открив дека светлина се појавува во мојата соба, која продолжуваше да се зголемува сѐ додека собата не беше посветла отколку на пладне, кога веднаш една личност се појави покрај мојот кревет, стоејќи во воздухот, бидејќи неговите стапала не го допираа подот.
„Носеше лабава наметка од најисклучителна белина. Тоа беше белина вон било што земно што некогаш бев видел; ниту верувам дека нешто земно може да биде создадено да изгледа толку извонредно бело и блескаво. Дланките му беа голи, а исто така и рацете, малку над зглобот; па, исто и стапалата му беа голи, како што му беа и нозете, малку над глуждовите. Неговата глава и врат му беа исто така непокриени. Можев да видам дека немаше друга облека на себе освен неговата наметка, што беше отворена, па така можев да му ги видам градите.
„Не само што неговата наметка му беше извонредно бела, туку и целиот негов лик беше величествен вон опис, а лицето му беше навистина како молња. Собата беше извонредно светла, но не толку многу јасна како непосредно околу неговиот лик. Кога првпат го погледнав, бев исплашен; но стравот набргу ми помина.
„Ме повика по име и ми кажа дека тој беше гласник пратен од присуството на Бог кај мене, и дека неговото име беше Морони; дека Бог имаше дело за мене што треба да го извршам; и дека моето име ќе биде познато за добро и зло помеѓу сите нации, колена и јазици, односно дека ќе се изговара за добро и зло помеѓу сите народи.
„Тој кажа дека постои една положена книга, напишана врз златни плочи, која дава извештај за поранешните жители на овој континент, и за изворот од каде што тие потекнуваа. Исто така кажа дека целината на вечното Евангелие беше содржана во неа, како што е доставена преку Спасителот до древните жители.
„Исто така, дека постоеја два камења во сребрени арки—а тие камења, прицврстени на граден оклоп, го сочинуваа она што се нарекуваше Урим и Тумим—положени со плочите; а поседувањето и користењето на овие камења беа тие што ги сочинуваа „јасновидците“ во древните односно поранешните времиња; и дека Бог беше ги подготвил со целта за преведување на книгата…
„Повторно ми рече, дека кога ќе ги добијам плочите за кои беше ми зборувал—бидејќи времето кога ќе ги добијам сѐ уште не беше дојдено—Не треба да ги покажувам на ниту една личност; ниту пак градниот оклоп со Уримот и Тумимот; само на оние на кои ќе ми биде заповедано да им ги покажам; Ако го сторам тоа ќе бидам уништен. Додека тој зборуваше со мене за плочите, визијата беше прикажана во мојот ум така што можев да го видам местото каде што плочите беа положени, и тоа толку јасно и видливо што повторно го знаев местото кога го посетив.
„После ова соопштение, видов како светлината во собата почна да се собира непосредно околу личноста на тој што ми зборуваше, и тоа продолжи така сѐ додека собата повторно не стана темна, освен само околу него; кога, одеднаш видов, како, премин се отвора право кон небото, и тој се воздигна сѐ додека сосема не исчезна, а собата остана каква што беше пред оваа небесна светлина да беше се појавила.
„Лежев размислувајќи за единственоста на сцената, и чудејќи се многу на тоа што ми беше кажано преку овој невообичаен гласник; кога, среде моето размислување, одеднаш открив дека мојата соба повторно почнуваше да се осветлува, и во еден момент како што беше, истиот небесен гласник беше повторно покрај мојот кревет.
„Тој започна, и повторно ми ги раскажа истите нешта што беше ги кажал при неговата прва посета, без најмала измена; кога го стори тоа, ме извести за големите пресуди кои доаѓаа врз земјата, со големи пустоши од глад, меч и чума; а дека овие тешки пресуди би дошле на земјата во ова поколение. Откако ми ги раскажа овие нешта, тој повторно се воздигна како што беше направил претходно.
„До ова време, толку длабоки беа впечатоците направени во мојот ум, што сонот беше ми избегал од очите и лежев совладан од вчудоневиденост од она што бев го видел и слушнал. Но колкаво беше моето изненадување кога повторно го здогледав истиот гласник покрај мојот кревет, и го слушнав како пак ми ги раскажува односно повторува истите нешта како претходно; а додаде и предупредување за мене, велејќи ми дека Сатаната ќе се обиде да ме искушува (како последица на сиромашните околности во семејството на татко ми), да ги земам плочите со намера да се збогатам. Тој ми го забрани ова, велејќи дека не смеам да имам друга цел на видик за добивање на плочите освен да Го славам Бог, и не смеам да бидам под влијание на ниту еден друг мотив освен оној за градење на Неговото царство; во спротивно не би можел да ги добијам.
„После оваа трета посета, тој повторно се воздигна кон небото како и претходно, а јас повторно бев оставен да размислувам за необичноста на она што пред малку бев го искусил; кога речиси веднаш откако небесниот гласник беше се воздигнал по трет пат, петелот закукурика, и видов дека се разденуваше, па така нашите разговори сигурно траеле целата таа ноќ.
„Јас набргу потоа станав од креветот, и, како и обично, започнав со неопходните работи во денот; но, обидувајќи се да работам како порано, мојата сила беше толку истрошена што ме направи сосема неспособен. Татко ми, кој работеше заедно со мене, виде дека нешто не е во ред со мене, и ми рече да си одам дома. Тргнав со намера да одам на кај куќата; но, во обид да ја преминам оградата на нивата каде што бевме, силата целосно ме напушти, и паднав беспомошен на земјата и извесно време бев прилично несвесен за било што.
„Првото нешто на кое можам да се сетам беше еден глас што ми зборува, повикувајќи ме по име. Погледнав нагоре и го здогледав истиот гласник што стоеше над мојата глава, опкружен со светлина како претходно. Тој тогаш повторно ми раскажа сѐ што беше ми раскажал претходната ноќ, и ми заповеда да одам кај татко ми и да му кажам за визијата и заповедите кои бев ги добил.
„Послушав; се вратив кај татко ми на нивата и му раскажав за целиот случај. Тој ми одговори дека тоа беше од Бог, и ми рече да одам и да сторам како што е заповедано од гласникот. Ја напуштив нивата, и отидов до местото каде што гласникот беше ми рекол дека плочите беа положени; и поради јаснотијата на визијата што бев ја имал во врска со тоа, го знаев местото во мигот кога пристигнав таму.
„Блиску до селото Манчестер, округот Онтарио, Њујорк, стои рид со значителна големина, и најиздигнат од било кои во соседството. На западната страна на овој рид, недалеку од врвот, под еден камен со значителна големина, лежеа плочите, положени во камена кутија. Овој камен беше дебел и заоблен по средината на горната страна, а потенок кон рабовите, така што средниот дел му беше видлив над почвата, но работ наоколу беше покриен со земја.
„Откако ја отстранив земјата, зедов еден лост, што го подметнав под работ на каменот и со малку напор го подигнав. Погледнав внатре и таму навистина ги здогледав плочите, Уримот и Тумимот, и градниот оклоп, како што кажа гласникот. Кутијата во која лежеа беше направена од поставени камења заедно со некаков вид на цемент. На дното на кутијата беа положени два камења, напречно од кутијата, а на овие камења лежеа плочите и другите нешта со нив.
„Се обидов да ги извадам надвор, но ми беше забрането од гласникот, и повторно бев известен дека времето за нивно појавување сѐ уште не беше дошло, ниту би дошло, додека не поминат четири години од тогаш; но ми рече дека треба да дојдам на тоа место точно по една година од тогаш, и дека тој таму ќе се сретне со мене, и дека треба да продолжам да правам така додека да дојде времето за добивање на плочите.
„Според тоа, како што ми беше заповедано, одев на крајот од секоја година и секој пат го наоѓав истиот гласник таму и добивав упатства и просветлување од него при секој од нашите разговори, во поглед на тоа што Господ ќе го направи, и како и на кој начин Неговото царство треба да биде спроведено во последните денови…
„Најпосле дојде времето за добивање на плочите, Уримот и Тумимот, и градниот оклоп. На дваесет и вториот ден од Септември илјада осумстотини дваесет и седмата кога отидов како вообичаено на крајот од уште една година до местото каде што беа положени, истиот небесен гласник ми ги предаде со ова задолжение: дека јас треба да бидам одговорен за нив; дека, ако ги оставам безгрижно, односно преку било какво мое запоставување, ќе бидам отсечен; но ако ги употребам сите мои настојувања да ги зачувам, сѐ додека тој, гласникот, не ги побара, тие ќе бидат заштитени.
„Наскоро ја открив причината зошто бев добил толку строги задолженија да ги чувам безбедни, и зошто гласникот беше рекол дека кога ќе бев го сторел тоа што се бараше од мене, тој ќе ги побара. Штом беше познато дека јас ги имав, најтешките напори беа преземени да ми бидат одземени. Секоја итрина што можеше да се измисли беше употребена за таа цел. Прогонувањето стана погорко и потешко отколку порано, а мноштвата беа на готовост постојано да ми ги одземат ако е можно. Но преку мудроста на Бог, тие останаа безбедни во моите раце, додека не бев го исполнил преку нив она што се бараше од мене. Кога, според договорите, гласникот ги побара, му ги предадов; и тој ги има во негово задолжение до овој ден, а тоа е вториот ден од Мај, илјада осумстотини триесет и осма.“
За покомплетен извештај, видете Џозеф Смит—Историја во Скапоцениот Бисер.
Древниот запис така изваден од земјата како гласот на еден народ кој зборува од правта, и преведен на современ говор преку дарот и моќта на Бог, како што е заверено преку Божествено потврдување, беше прв пат објавен во светот на Англиски во годината 1830 како The Book of Mormon (Книгата на Мормон).