Генерална Конференција
Украс место пепел: Исцелувачкиот Пат на Простувањето
Октомври 2022 Генерална Конференција


Украс место пепел: Исцелувачкиот Пат на Простувањето

Да се живее на таков начин што ќе ја направи пепелта од вашиот живот убава е чин на вера што го следи Спасителот.

Книгата 1 на Самуил вклучува помалку позната приказна за Давид, идниот цар на Израел, и една жена по име Авигеја.

По Самуиловата смрт, Давид и неговите луѓе го избегнувале царот Саул, кој го барал животот на Давид. Тие ги чувале стадата и слугите на еден богат човек по име Навал, кој бил злобен по дух. Давид испратил 10 од неговите луѓе да го поздрават Навал и да ја побараат многу потребната храна и намирници.

Навал одговорил на Давидовото барање со навреда и ги вратил неговите луѓе со празни раце.

Навреден, Давид ги подготвил неговите луѓе да излезат против Навал и неговиот дом, велејќи, „Тој ми плаќа зло за добро.“1 Слугата ѝ кажал на Авигеја, Наваловата жена, за лошото постапување на нејзиниот сопруг кон Давидовите луѓе. Авигеја брзо ја собрала потребната храна и намирници и заминала да посредува.

Кога Авигеја се сретнала со него, таа „паднала ничкум пред Давид, и се поклонила до земја,

„Падна до нозете негови, и рече, Врз мене да е гревот, господаре мој, нека биде врз мене ова беззаконие. …

„И сега, … Господ нема да дозволи да пролеваш крв, а ќе ја здржи раката твоја да не се одмаздуваш. …

„… Сега еве ги даровите што робинката твоја му ги донесе на твојот господар, за да им се разделат на момците. …

„Прости и ја вината на робинката своја. …

„А Давид ѝ рече на Авигеја: „Благословен да е Господ, Бог Израелов, Кој те испрати денес во пресрет мој:

„И благословен да биде твојот разум, да бидеш благословена ти, поради тоа што сега не ме остави да пролевам крв и да се одмаздам за себе си. …

„Така Давид го зеде од рацете нејзини она што му го беше донела, и ѝ рече, Оди си со мир во домот свој; … го послушав гласот твој, и го почитав лицето твое.“2

И двајцата заминаа мирно.

Во овој запис, Авигеја може да се види како моќна личност, или симбол на Исус Христос.3 Преку Неговата искупителна жртва, Тој може да нѐ ослободи од гревот и од тежината на завојуваното срце и да ни ја обезбеди потребната храна.4

Исто како што Авигеја била подготвена да го превземе гревот на Навал врз себе, така и Спасителот—несватливо ги превзеде на себе нашите гревови и гревовите на оние кои нѐ повредиле или навредиле.5 Во Гетсеманија и на крстот, Тој ги побара овие гревови. Создаде начин да се ослободиме од нашето одмаздољубиво срце. Тој „начин“ е преку простување—што може да биде една од најтешките работи што некогаш сме ја направиле и една од најтешките работи што сме ги доживеале. На патот на простувањето, искупителната моќ на Исус Христос може да дотече во нашите животи и да почне да ги лекуваат длабоките пукнатини на срцето и душата.

Претседателот Расел М. Нелсон поучува дека Спасителот ни дава способност за простуваме:

„Преку Неговото бесконечно помирување, можете да им простите на оние кои ве повредиле и кои можеби никогаш нема да ја прифатат одговорноста за нивната суровост кон вас.

„Обично е лесно да му се прости на некој кој искрено и понизно бара ваша прошка. Но, Спасителот ќе ви ја даде способноста да му простите на секој што ве малтретирал на каков било начин. Така, нивните повредливи дела повеќе не можат да ја загрозат ваша душа.“6

Фактот дека Авигеја носи изобилство храна и намирници може да нѐ поучи дека Спасителот им ја нуди на оние кои биле повредени и ранети, храната и помошта што им е потребна, за да се излечат и оздрават.7 Не сме оставени сами да се соочиме со последиците од постапките на другите; и ние можеме да се излечиме и да имаме шанса да се спасиме од тежината на завојуваното срце и од сите дејствија што може да следат.

Господ рече, „Јас, Господ, ќе му простам на кому ќе му простам, но од вас се бара да им простувате на сите луѓе.“8 Господ бара од нас да простиме за наше добро.9 Но Тој не бара од нас да го направиме тоа без Неговата помош, Неговата љубов и разбирање. Преку нашите завети со Господ, секој од нас може да ја добие зајакнувачката моќ, водство и помошта што ни се потребни, за да простиме и да ни биде простено.

Сфатете дека простувањето некому не значи дека се ставате во позиција во која ќе продолжите да бидете повредувани. „Можеме да се трудиме да простиме некому, додека се чувствуваме поттикнати од Духот да се држиме подалеку од него.“10

Како што Авигеја му помогна на Давид да нема „огорчено срце“11 и да ја добие потребната помош, така и Спасителот ќе ви помогне вам. Тој ве сака, и Тој ве среќава на вашиот пат „Со исцеление на Неговите крилја.“12 Тој го посакува вашиот мир.

Јас лично бев сведок на чудото на Христос кое го исцели моето завојувано срце. Со дозвола на татко ми, ви споделувам дека пораснав во дом каде што не секогаш се чувствував безбедно, поради емоционалната и вербална злоупотреба. Кога бев млада, му замерив на татко ми и имав гнев во срцето поради оваа болка.

Со текот на годините и во моите напори да пронајдам мир и исцеление на патот на простувањето, сфатив на мудар начин дека истиот Божји Син кој ги искупи моите гревови, е истиот Искупител кој ќе ги спаси и оние кои длабоко ме повредиле. Не можев вистински да поверувам во првата вистина без да верувам во втората.

Како што растеше мојата љубов за Спасителот, така растеше и мојата желба да ги заменам болката и гневот со Неговиот исцелувачки мелем. Тоа беше долгогодишен процес, кој бара храброст, ранливост, истрајност и учење да се верува во Спасителовата божествена моќ да спаси и да исцели. Имам уште работа, но моето срце не е повеќе на воената патека. Дадено ми е „ново срце“13—срце што ја чувствува длабоката и постојана љубов на личниот Спасител, кој остана покрај мене, кој нежно и трпеливо ме доведе до подобро место, кој плачеше со мене, кој ја знаеше мојата тага.

Господ ми испрати компензирачки благослови исто како што Авигеја му го донесе потребното на Давид. Тој испрати ментори во мојот живот. А најслаткиот и најпреобразувачкиот од сѐ беше мојот однос со мојот Небесен Отец. Преку Него, со благодарност ја познавам нежната, заштитничка и насочувачка љубов на совршениот Отец.

Старешина Ричард Г. Скот рече: „Не можете да го избришете она што е направено, но можете да простите.14 Простувањето лекува ужасни и трагични рани, бидејќи Божјата љубов дозволува да го ослободи срцето и умот од отровот на омразата. Ја чисти вашата совест од желбата за одмазда. Отстапува место за очистување, исцелување, и обновување на љубовта Господова.“16

Мојот земен татко, исто така, имаше чудесна промена на срцето и се сврте кон Господ—нешто што не би го очекувала во овој живот. Уште едно сведоштво за мене за целосната и преобразувачка моќ на Исус Христос.

Знам дека Тој е во состојба да ги исцелува грешниците и оние на кои им згрешил. Тој е Спасителот и Искупителот на светот, кој го даде Својот живот за да можеме повторно да живееме. Тој рече: „Духот Господов е врз мене; зашто Господ ме помаза да им соопштам радосна вест на бедните; ме прати да ги исцелувам оние со скршено срце, да им проповедам на заробените ослободување, и на слепите прогледување, да ги пуштам на слобода напатените.”16

На сите што се со скршено срце, заробени, помодрени и можеби, заслепени од повреда или грев, Тој им нуди исцелување, обновување и избавување. Сведочам дека исцелувањето и обновувањето што Тој ги нуди се вистински. Времето на ова исцелување е индивидуално, и не можеме да судиме кога тоа ќе му се случи на друг. Важно е да си го дадеме себе си потребното време за исцелување и да бидеме љубезни кон себе во тој процес. Спасителот е секогаш милостив и внимателен и е подготвен да ја пружи помошта што ни е потребна.17

На патот кон простувањето и исцелувањето лежи изборот да не се овековечат нездравите примери или односи, во нашите семејства или на друго место. На сите што се во опсегот на нашето влијание, можеме да им понудиме добрина за суровоста, љубов за омразата, благост за агресија, безбедност за неволја, мир за расправии.

Да се даде она што сте го порекнувале е моќен дел од божественото исцелување можно преку вера во Исус Христос. Да се живее на таков начин што давате, како што Исаија вели, убавина за пеплиштата од вашиот живот18 е чин на вера што го следи врховниот пример на Спасителот кој претрпел сѐ за да може да им помогне на сите.

Јосиф од Египет живеел живот со пепел. Тој бил омразен од своите браќа, издаден, продаден како роб, погрешно затворен, и заборавен од некој кој ветил дека ќе му помогне. Сепак верувал во Господ. „Господ беше со Јосиф“19 и ги освети неговите искушенија за сопствен благослов и раст—и спасение на неговото семејство и целиот Египет.

Кога Јосиф ги запознал своите браќа како голем владетел во Египет, неговото простување и префинета перспектива се покажале во милостивите зборови што ги кажал:

„Затоа, сега не тагувајте и, не лутете се на себе, што ме продадовте овде: зашто Бог е Оној, Кој ме испрати пред вас, за да го зачувам животот. …

„Вие не ме испративте ваму, туку Бог“20

Благодарение на Спасителот, животот на Јосиф стана „место пепел украс“21

Кевин Џ. Вортен, претседател на УБЈ, рече дека Бог „може да донесе добро … не само од нашите успеси, туку и од нашите неуспеси и од неуспесите на другите што ни предизвикуваат болка. Бог е толку добар и толку моќен.“22

Сведочам дека најголемиот пример на љубов и простување е оној на нашиот Спасител, Исус Христос, кој во горчлива агонија ќе рече „Оче, прости им; зашто не знаат што прават.“23

Знам дека нашиот Отец во Небесата посакува добрина и надеж за секое од Неговите деца. Во Еремија читаме, „Зашто само јас ги знам замислите, што сум ги смислил за вас, вели Господ, замислите за мир.“24

Исус Христос е вашиот личен Месија, вашиот сакан Искупител и Спасител, кој ги знае молбите на вашето срце. Тој го посакува вашето исцелување и среќа. Тој ве сака. Тој плаче со вас во вашите таги и се радува што повторно ќе ве лекува. Да се охрабриме и да ја земеме Неговата нежна рака која е секогаш подадена,25 додека одиме по исцелувачкиот пат на простувањето е мојата молитва во името на Исус Христос, амин.