Генерална Конференција
Победете го Светот и Најдете мир
Октомври 2022 Генерална Конференција


Победете го Светот и Најдете мир

Најдете одмор од интензитетот, неизвесноста и маката на овој свет со тоа што ќе го победите преку вашите завети со Бога.

Мои почитувани браќа и сестри, благодарен сум што ве поздравувам во ова славно Сабатно утро. Вие сте постојано во моите мисли. Се воодушевувам од начинот на кој преземате дејствие кога и да видите други кои имаат потреба. Останувам вчудоневиден од верата и сведоштвото што ги покажувате повторно и повторно. Плачам за вашите болки, разочарувања и грижи. Ве сакам. Ве уверувам дека нашиот Небесен Отец и Неговиот Возљубен Син, Исус Христос, ве сакаат. Тие се крајно свесни за вашите околности, вашата добрина, потребите и вашите молитви за помош. Повторно и повторно, се молам за да ја почувствувате Нивната љубов за вас.

Да се искуси Нивната љубов е од витално значење, бидејќи се чини дека секојдневно сме нападнати од налет на отрезнувачки мисли. Можеби сте имале денови кога сте посакувале да можете да ги облечете пижамите, да се свиткате во клопче, и да замолите некого да ве разбуди кога превирањата ќе завршат.

Но, почитувани мои браќа и сестри, толку многу убави нешта се пред нас. Во деновите што претстојат, ќе ги видите најголемите манифестации на Спасителовата сила што светот некогаш ги видел. Помеѓу сега и времето кога Тој ќе се врати, „со сила и голема слава,“1 Тој ќе дарува безброј привилегии, благослови, и чуда помеѓу верниците.

Сепак, моментално живееме во она што секако е едно од најкомплицираните времиња во историјата на светот. Сложеноста и предизвиците оставаат многу луѓе да се чувствуваат презаситени и исцрпени. Сепак, размислете за едно неодамнешно искуство што може да фрли малку светлина врз тоа како вие и јас можеме да го најдеме мирот.

Во текот на неодамнешниот прием-време определено за неформално собирање во Храмот Вашингтон (Д.К.), член на комисијата за неформални собири беше сведок на просветлена размена додека придружуваше неколку истакнати новинари низ храмот. На извесен начин едно младо семејство стана приврзано кон оваа медиумска турнеја. Еден известувач не престана да прашува за „патувањето“ на храмскиот патрон додека тој или таа се движеа низ храмот. Тој сакаше да знае дали храмското патување ги симболизира предизвиците на патувањето на една личност низ животот.

Младото дете од семејството го подигна разговорот. Кога групата влезе во просторијата за дарување, детето покажа кон олтарот, каде луѓето клечат за да се заветат со Бога, и рече, „Ох, тоа е убаво. Еве место за луѓето да одморат на нивното храмско патување.“

Се сомневам дека момчето знае колку длабока беше неговата опсервација. Веројатно воопшто не бил свесен за директната врска помеѓу склопувањето завет со Бога во храмот и неверојатното ветување на Спасителот:

„Дојдете кај мене, сите изморени и обременети и јас ќе ве успокојам.

„Земете го мојот јарем на себе, и поучете се од мене; … и ќе најдете мир за душите ваши.

„Зашто јаремот мој е благ и бремето мое е лесно.“2

Почитувани браќа и сестри, тагувам за тие кои ја напуштаат Црквата бидејќи мислат дека членството бара премногу од нив. Тие сѐ уште не откриле дека склопувањето и одржувањето завети во суштина го прави животот полесен. Секоја личност која склопува завети во кршталница и во храмовите—и ги одржува—има зголемен пристап до моќта на Исус Христос. Ве молам размислете за оваа неверојатна вистина!

Наградата за одржување на завети со Бога е небесната сила—моќ што нѐ зајакнува подобро да ги издржиме нашите искушенија, предизвици и таги. Оваа моќ ни го олеснува нашиот пат. Оние кои ги живеат повисоките закони на Исус Христос имаат пристап до Неговата виша моќ. Така, чуварите на заветот имаат право на посебен вид на одмор што им доаѓа од нивниот заветен однос со Бог.

Пред да се подложи на агонијата на Гетсиманија и Голгота, Спасителот им изјавил на Неговите апостоли, „Ќе имате неволји во светот; но бидете сигурни; Го освоив светот.“3 Подоцна, Исус го замоли секој од нас да го стори истото кога Тој рече, „Јас сакам да и вие го победите светот.“4

Почитувни браќа и сестри, мојата порака до вас денес е дека поради тоа што Исус Христос го победи овој отпаднат свет и затоа што Тој се искупи за секој од нас, и вие можете да го надминете овој грешен, егоцентричен и често исцрпувачки свет.

Бидејќи Спасителот, преку Неговото бескрајно помирување, го откупи секој од нас од слабост, заблуда и грев, и затоа што Тој ги искуси сите болки, грижи и оптоварувања што некогаш сте ги имале,5 тогаш, ако навистина се покаете и побарате помош од Него, вие може да се издигнете над овој сегашен несигурен свет.

Можете да ги надминете духовните и емоционалните исцрпувачки неволји на светот, вклучувајќи ароганција, гордост, неморалност омраза, алчност, љубомора и страв. И покрај одвлекувањата на внимание и изобличувањата што се вртат околу нас, можете да најдете вистински мир—односно олеснување и одмор—дури и среде вашите највознемирувачки проблеми.

Оваа важна вистина поттикнува три основни прашања:

Прво, што значи да се надмине светот?

Второ, како да го направиме тоа?

И трето, како надминувањето на светот ги благословува нашите животи?

Што значи да се надмине светот? Тоа значи надминување на искушението да се грижиме повеќе за работите од овој свет отколку за Божјите работи. Тоа значи да се има повеќе доверба во доктрината на Христос отколку во човековите филозофии. Тоа значи да доживееме среќа во вистината, да ја разоткриеме измамата и да станеме „покорни следбеници на Христос.“6 Тоа значи да изберете да се воздржувате од сѐ што го тера Духот. Тоа значи да бидеме подготвени да се „откажеме“ дури и од нашите омилени гревови.7

Сега, да се победи светот секако дека не значи да се стане совршен во овој живот, ниту значи дека вашите проблеми магично ќе исчезнат—бидејќи нема. И тоа не значи дека повеќе нема да правите грешки. Но да се победи светот значи дека вашата отпорност кон гревот ќе се зголеми. Вашето срце ќе омекне кога вашата вера во Исус Христос се зголемува.8 Да се победи светот значи да научиме да ги сакаме Бог и Неговиот Возљубен Син повеќе од било кој или било што.

Како, тогаш, да се победи светот? Царот Венијамин нѐ научи како. Тој рече дека „природниот човек е непријател Божји“ и останува таков засекогаш“освен ако не се предаде на повиците на Светиот Дух, и не го остави природниот човек и не стане светец со помирување преку Христос, Господ.“9 Секој пат кога ги барате и ги следите поттикнувањата од Духот, секој пат кога правите нешто добро—работи што „природниот човек“ не би ги направил—вие го надминувате светот.

Победувањето на светот не е настан што се случува за еден или два дена. Се случува во текот на целиот живот додека ние постојано ја прифаќаме доктрината на Христос. Ние ја негуваме верата во Исус Христос преку секојдневно покајание и одржување на заповедите кои нѐ даруваат со моќ. Остануваме на заветниот пат и благословени сме со духовна сила, лично откровение, зголемена вера, и служење на ангелите. Живеењето според доктрината на Христос може да го создаде најмоќниот доблесен циклус, создавајќи духовен моментум во нашите животи.10

Кога се стремиме да ги живееме повисоките закони на Исус Христос, нашите срца и самата наша природа почнуваат да се менуваат. Спасителот нѐ издигнува над привлечноста на овој отпаднат свет благословувајќи не со повеќе милосрдност, понизност, великодушност, љубезност, само дисциплина, мир и одмор.

Сега, можеби мислите дека тоа повеќе звучи како напорна духовна работа отколку на одмор. Но, тука е големата вистина: додека светот инсистира дека моќта, имотот, славата и телесните задоволства носат среќа, тие не носат! Тие не можат! Она што го предизвикуваат не е ништо друго освен една шуплива замена за „благословена и среќна состојба на оние [кои] ги одржуваат Божјите заповеди.“11

Вистината е дека е многу поисцрпувачки да се бара среќа таму каде што никогаш не можете да ја најдете! Меѓутоа, кога се држите до Исус Христос и вршите духовна работа потребна за да го победите светот, Тој, и само Тој, ја има моќта да ве издигне над привлечноста на овој свет.

Сега, како победувањето на светот ги благословува нашите животи? Одговорот е јасен: влегувањето во заветен однос со Бог нѐ врзува за Него на начин што прави сѐ во животот да биде полесно. Ве молам не ме сфаќајте погрешно: Јас не реков дека заветувањето го прави животот лесен. Во суштина, очекувајте противење, бидејќи противникот не сака да ја откриете силата на Исус Христос. Но прилепувањето кон Спасителот значи дека имате пристап до Неговата сила и откупувачка моќ.

Претседател Езра Тафт Бенсон

Повторно го потврдувам длабокото учење на Претседателот Езра Тафт Бенсон: „Мажите и жените кои ги вртат своите животи кон Бога ќе откријат дека Тој може да направи многу повеќе од нивните животи отколку што самите тие можат. Тој ќе ги продлабочи нивните радости, ќе ги им ја прошири визијата, ќе им го забрза умот, … ќе им го воздигне духот, ќе ги умножи нивните благослови, ќе им ги зголеми можностите, ќе ги утеши нивните души, ќе подигне пријатели, и ќе ве облие со мир.”12

Овие неспоредливи привилегии ги следат оние кои бараат поддршка од небесните сили за да им помогнат да го победат овој свет. За таа цел, на членовите низ целата Црквата им го давам истото задолжение што им го дадов на нашите млади возрасни, минатиот мај. Ги поттикнував тогаш—и јас упорно барам од вас и сега—да преземете одговорност за вашето сведоштво за Исус Христос и Неговото евангелие. Работете за него. Негувајте го за да порасне. Нахранете го со вистина. Не го загадувајте со лажни филозофии на неверните мажи и жени. Кога му давате највисок приоритет на постојаното зајакнување на вашето сведоштво за Исус Христос, гледајте да се случуваат чуда во вашиот живот.

Мојата молба до вас ова утро е да се одморите од интензитетот, неивесноста и маката на овој свет победувајќи го преку вашите завети со Бог. Ставете Му до знаење преку вашите молитви и вашите постапки дека сте сериозни во врска со победувањето на светот. Побарајте од Него да го просветли вашиот ум и да ја испрати помошта која ви е потребна. Секој ден, запишувајте ги вашите мисли што ви надоаѓаат додека се молите; а потоа внимателно следете ги. Поминувајте повеќе време во храмот и обидете се да сфатите како храмот ве учи да се издигнете над овој отпаднат свет.14

Како што наведов и претходно, собирањето на Израел е нај важната работа што се случува на земјата денес. Клучен елемент на овој собир е подготовка на народ кој е способен, подготвен, и достоен да го прими Господ кога Тој ќе дојде повторно, народ кој веќе го избрал Исус Христос над овој отпаднат свет, народ кој се радува на своето дадено право на избор да ги живее повисоките, посвети закони на Исус Христос.

Ве повикувам, почитувани мои браќа и сестри, да станете такви праведни луѓе. Негувајте ги и почитувајте ги вашите завети над сите други обврски. Додека дозволувате Бог да надвладее во вашиот живот, ви ветувам поголем мир, доверба, радост и да одмор.

Со моќта на светото апостолство што ми е доделено, ве благословувам во вашата потрага да го победите овој свет. Ве благословувам да ја зголемите вашата вера во Исус Христос и да научите како подобро да ја користите Неговата моќ. Ве благословувам да можете да разликувате вистина од грешка. Ве благословувам да се грижите што повеќе за Божјите работи, отколку за работите од овој свет. Ве благословувам што ги гледате потребите на оние околу вас и ги зајакнувате оние кои ги сакате. Бидејќи Исус го освои овој свет, можете и вие. Јас така сведочам во светото име на Исус Христос, амин.

Белешки

  1. Joseph Smith—Matthew 1:36: „Тогаш ќе се појави знак на синот човечки на небото, и тогаш ќе тагуваат сите племиња на земјата; и ќе го видат Синот Човечки како доаѓа во небесните облаци со голема моќ и слава.”

  2. Матеј 11:28–30; додаден акцент.

  3. Јован 16:33; додаден акцент.

  4. Учење и Завети 64:2; додаден акцент.

  5. Види Алма 7:11–13.

  6. 2 Нефи 28:14.

  7. Види запис на Царот, таткото на Ламан во Алма 22, особено Алма 22:18.

  8. Види Мосија 5:7.

  9. Мосија 3:19; додаден акцент.

  10. Види 2 Нефи 31; 3 Нефи 27:16–20.

  11. Мосија 2:41.

  12. Teachings of Presidents of the Church: Ezra Taft Benson (2014), 42–43.

  13. Види Russell M. Nelson, „Choices for Eternity“(worldwide devotional for young adults, May 15, 2022), broadcasts.ChurchofJesusChrist.org.

  14. Претседателот Дејвид О. Меккеј вели дека во храмот правиме „чекор по чекор до вознесување во Вечното Присуство“ (во Truman G. Madsen, The Temple: Where Heaven Meets Earth [2008], 11).