Генерална Конференција
Најдете Личен Мир
Април 2023 генерална конференција


Најдете Личен Мир

Се молам да најдете мир, да им помогнете на многу други да го најдат и да го пренесете.

Драги мои браќа и сестри, бевме благословени од инспиративното учење и прекрасната музика што допреа до нас на оваа сесија на отворањето на генералната конференција. Ви благодариме за вашето учество и за вашата верба.

Денес ќе зборувам за она што го научив за чудото на наоѓање на личен мир, без оглед на нашите околности. Спасителот знае дека сите чеда на Небесниот Отец копнеат по мир, и Тој рече дека може да ни го даде. Се сеќавате на зборовите на Исус Христос запишани во книгата на Јован: „Мир ви оставам; мирот Свој ви го давам; Јас ви го давам, но не како што го дава светот. Да не се плаши срцето ваше, ниту да страхува.“1

Што Тој подразбира под мир и како може да го даде, се откриваат од околностите на оние што Го слушнале како ги зборува тие зборови. Слушнете го записот во Јован за кулминацијата на Христовата земна служба. Жестоки сили на злото го нападнаа и наскоро ќе ги нападнат Неговите ученици.

Ове се зборовите на Спасителот:

„Ако Ме љубите, ќе ги пазите Моите заповеди.

И Јас ќе Го молам Мојот Татко, и Тој ќе ви даде друг Утешител, за да биде со вас довека,

Духот на Вистината, Кого светот не може да Го прими, зашто не Го виде, ниту Го познава; а вие Го познавате, зашто во вас е и во вас ќе биде.

Нема да ве оставам сираци; ќе дојдам при вас.

Уште малку и светот веќе нема да Ме гледа; а вие ќе Ме гледате, зашто Јас живеам и вие ќе живеете.

Во оној ден вие ќе разберете дека Јас сум во Мојот Отец и вие сте во Мене, и Јас во вас.

Кој ги има заповедите Мои и ги пази, тој е оној што Ме љуби; а кој Ме љуби Мене, возљубен ќе биде од мојот Отец; и Јас ќе го возљубам, и ќе му се јавам Сам.“

Му рече Јуда, не Искариот: „Господи, што е тоа: дека ќе ни се јавиш наме, а не на светот?“

Исус одговори и му рече: „Ако некој Ме љуби, ќе го пази словото Мое; и Мојот Отец ќе го возљуби, и ќе дојдеме кај него и живеалиште во него ќе направиме.

Кој не Ме љуби, не го запазува словото Мое; а словото што го слушате, не е Мое, туку на Мојот Отец, Кој Ме испрати.

Ова ви го реков, бидејќи сум со вас.

А Утешителот, пак, Духот Свети, Кого што Отецот ќе Го испрати во Мое име, Тој ќе ве научи на сѐ и ќе ви напомни за сѐ што сум ви зборувал.

„Мир ви оставам, мирот Свој ви го давам: но не како што го дава светот. Да не се плаши срцето ваше, ниту да страхува.“2

Научив најмалку пет вистини од тоа учење на Спасителот.

Прво, дарот на мирот се дава откако ќе имаме вера да се држиме до Неговите заповеди. За оние кои се заветни членови на Господовата Црква, послушноста е она што веќе ветивме дека ќе го правиме.

Второ, Светиот Дух ќе дојде и ќе остане со нас. Господ вели дека, ако продолжиме да бидеме верни, Светиот Дух ќе живее во нас. Тоа е ветувањето во сакраментална молитва дека Духот ќе ни биде придружник и дека ќе ја чувствуваме Неговата утеха, во нашите срца и умови.

Трето, Спасителот ветува дека додека ги одржуваме нашите завети, можеме да ја почувствуваме љубовта на Отецот кон Синот, и за нас. Можеме да ја почувствуваме Нивната блискост во нашите земни животи, исто како што ќе ја почувствуваме кога ќе бидеме благословени да сме заедно со нив засекогаш.

Четврто, држењето до Господовите заповеди бара повеќе од послушност. Ние постоиме за да го сакаме Бога со сето свое срце, сила, ум и душа.3

Оние кои не Го љубат, не ги одржуваат Неговите заповеди. Поради тоа, нема да го имаат дарот на мир во овој живот и во светот што доаѓа.

Петто, јасно е дека Господ нѐ сакаше доволно за да ја плати цената за нашите гревови за да ние можеме, преку верата во Него и преку покајание, да го имаме дарот на мирот што „го надминува секој разум“4 во овој живот и во животот со Него во вечноста.

Некои од вас, можеби многумина, не го чувствуваат мирот што го ветил Господ. Можеби сте се молеле за личен мир и духовна утеха. Сепак, можеби чувствувате дека небесата молчат за вашето молење за мир.

Постои непријател на вашата душа кој не сака вие, ниту оние што ги сакате, да најдете мир. Не може да ужива во тоа. Работи на тоа да ве спречи, дури и да не сакате да го најдете мирот што за вас го посакуваат Спасителот и нашиот Небесен Отец.

Се чини дека се зголемуваат напорите на сатаната да сее омраза и расправии насекаде околу нас. Гледаме докази дека тоа се случува меѓу нациите и градовите, во соседствата, во електронските медиуми, низ целиот свет.

Сепак, постои причина за оптимизам: Христовата Светлината ќе биде поставена во секое новородено дете. Со тој универзален дар доаѓа чувството за она што е правилно, желбата да се сака и да се биде сакан. Има вродено чувство за правда и вистина во секое Божјо дете кога тој или таа доаѓа на земјата.

Нашиот оптимизам за личен мир на овие деца лежи во луѓето кои се грижат за нив. Ако оние кои ги одгледуваат работеле на тоа да го добијат дарот на мирот од Спасителот, тие, со личен пример и напор, ќе ја поттикнат верата на детето да се квалификува за божествениот дар на мирот.

Тоа е она што го ветува Светото писмо: „Поучи го момчето во почетокот на патот негов: тој нема да скршне од него и кога ќе остари.“5 Се бара од оној кој е задолжен за нивната грижа и негување да биде достоен за дарот на мирот.

За жал, сите сме ја почувствувале болката кога децата воспитани од инспирирани родители — понекогаш еден родител сам — избираат, по цел живот на вера и мир, да тргнат по патот на тагата.

Дури и кога ќе се појави таа тага, мојот оптимизам се заснва на дар од Господа. Тоа е ова: дека Тој подигнува многу миротворци меѓу Неговите доверливи ученици. Го почувствуваа мирот и љубовта Божја. Го имаат Светиот Дух во нивните срца и Господ може да ги води да допрат до залутаните овци.

Сум го видел тоа во текот на мојот живот и ширум светот. И вие сте го виделе тоа. Понекогаш, кога Духот ве води да најдете и да и помогнете на некоја личност, може да изгледа случајно.

Еднаш, едноставно прашав некој што го запознав на патување: „Би сакале ли да ми кажете нешто за вашето семејство? Разговорот ме наведе да побарам да видам слика од нејзината возрасна ќерка, за која рече дека се мачи. Бев изненаден од добрината во лицето на таа девојка на сликата. Почувствував поттик да прашам дали можам да ја добијам нејзината е-пошта. Ќерката во тој момент била изгубена, прашувајќи се дали Бог има порака за неа. Тој имал. Одоворот беше овој: „Господ те сака. Отсекогаш те сакал. Господ сака да се вратиш. Твоите ветени благослови сè уште се на истото место“.

Членовите на Црквата ширум светот го почувствуваа Господовиот дар за личен мир. Тој ги охрабрува сите членови да им помогнат на другите да имаат можности да дојдат кај Него и самите да се квалификуваат за истиот мир. За возврат, ќе изберат да бараат инспирација за да знаат како да им го пренесат тој дар на другите.

Генерацијата која расте ќе стане старател на генерацијата што следи. Ефектот на мултиплицирање ќе произведе чудо. Ќе се шири и ќе расте со текот на времето, а Господовото царство на земјата ќе биде подготвено да Го поздрави со извици на осана. Ќе има мир на земјата.

Гоо давам моето сигурно сведоштво дека Спасителот живее и дека Тој ја води оваа Црква. Ја почувствував Неговата љубов во мојот живот и Неговата љубов и грижа за сите деца на Небесниот Отец. Поканата да се дојде кај Него е понуда за мир.

Претседателот Расел М. Нелсон е живиот Божји пророк на целата земја. Тој рече: „Ви го давам моето уверување дека без оглед на состојбата во светот и вашите лични околности, можете да се соочите со иднината со оптимизам и радост“.6

Ја изразувам мојата љубов до вас. Вашата голема вера и љубов допираат до луѓето дозволувајќи му на Господ да менува срца и на тој начин да стекнете желба да им го понудите на другите дарот на мирот што го надминува секое разбирање.

Се молам да најдете мир, да им помогнете на многу други да го најдат и да го пренесете. Ќе има прекрасни илјада години мир кога Господ повторно ќе дојде. Така сведочам во радост и во името на Исус Христос, амин.