Генерална Конференција
Глас на радоста!
Април 2023 генерална конференција


Глас на радоста!

Изградбата на храмови е една од најприоритетните задачи на сите пророци од Пророкот Џозеф Смит.

„Сега, што слушаме во евангелието кое го примивме? Глас на радоста! Глас на милосрдие од небото; и глас на вистина од земјата; … глас на рaдоста за живите и мртвите; благовест за големата радост.“1

Браќа и сестри, речиси е невозможно да ги слушнете овие зборови од Пророкот Џозеф Смит, без да се претворат во голема насмевка!

Воодушевеното лице на Џозеф навистина ја доловува целосната и величествена радост што се наоѓа во големиот план за среќа на Бог, нашиот Небесен Отец, зашто Тој нѐ увери, „човекот е создаден, за да се радува.“2

Сите ние воскликнувавме од радост3 во нашиот претсмртен живот кога слушавме за Божјиот план за сраќа, и продолжуваме да воскликнуваме од радост овде кога живееме според Неговиот план. Но, што точно беше контекстот на оваа среќна изјава на Пророкот? Што ги мотивираше овие длабоки и искрени емоции?

Пророкот Џозеф Смит поучуваше за крешевање за мртвите. Ова беше навистина славно откровение што беше примено со голема радост. Кога членовите на Црквата првпат дознаа дека можат да се крштеваат за своите починати сакани, тие се израдуваа. Вилфорд Вудруф рече, „Оној момент кога слушнав за тоа, мојата душа скокна [од] радост!“4

Крштевањето за нашите починати сакани не беше единствената вистина што Господ ќе ја открие и обнови. Имаше мноштво други дарови, или дарувања, што Бог беше желен да им ги подари на Своите синови и ќерки.

Овие други дарови вклучуваа овластено свештенство, завети и обреди, бракови кои би траеле засекогаш, запечатување на деца со нивните родители во Божјото семејство и на крај благословот да се вратат дома во присуство на Бог, нашиот Небесен Отец и Неговиот Син, Исус Христос. Сите овие благослови беа овозможени преку Помирувањето на Исус Христос.

Бидејќи Бог ги сметал за едни од најголемите и најсвети благослови,5 Тој наредил да се подигнат свети градби каде Тој ќе може да им ги додели овие скапоцени дарови на Своите чеда.6 Овие градби ќе бидат Неговиот дом на земјата. Овие градби ќе бидат храмови каде она што е запечатено или сврзано на земјата во Негово име, со Негов збор и со Негово овластување ќе биде сврзано на небесата.7

Како членови на Црквата денес, некои од нас лесно ги земаат овие славни вечни вистини здраво за готово. Тие ни станаа втора природа. Понекогаш е корисно да ги видиме низ очите на оние кои дознаваат за нив за прв пат. Ова ми стана очигледно преку едно неодамнешното искуство.

Минатата година, непосредно пред повторното осветување на храмот Токио во Јапонија, овој храм го посетија многу гости кои не беа од наша вера. Една ваква обиколка вклучи внимателен водач од друга религија. Ги подучувавме нашите гости за планот за среќа на Небесниот Отец, искупителна улога на Исус Христос во тој план, и учењето дека семејствата може вечно да се обединат преку обредот на запечатување.

На крајот од обиколката, го поканив нашиот пријател да ги сподели своите чувства. Осврнувајќи се на обединувањето на семејствата – минати, сегашни и идни – овој добар човек искрено праша: „Дали членовите од вашата вера навистина разбираат колку длабоко значење има оваа доктрина?“ Тој додаде, „Можеби ова е едно од единствените учења што може да го обедини овој толку поделен свет.“

Каква моќна опсервација. Овој човек не беше само трогнат од извонредната изработка на храмот туку и од импресивната и длабока доктрина дека семејствата се засекогаш обединети и запечатени со нашиот Небесниот Отец и Исус Христос.8

Не треба да бидеме изненадени, во овој случај, кога некој што не е од наша вера ја признава величественоста на она што се случува во храмот. Она што може да стане секојдневие или рутина за нас понекогаш изгледа раскошно и величествено за оние кои го слушаат или чувствуваат за прв пат.

Иако храмовите постоеле од дамнина, со Обновеното евангелие на Исус Христос, градењето храмови стана најголем приоритет на сите пророци од Пророкот Џозеф Смит. И лесно е да се разбере зошто.

Кога Пророкот Џозеф Смит поучуваше за крштевањето за мртвите, тој откри уште една голема вистина. Тој тврдеше: „Дозволете ми да ве уверам дека овие начела во однос на мртвите и живите не можат лесно да се заобиколат, а се однесуваат на нашето спасение. Зашто нивното спасение е неопходно и суштинско за нашето спасение, … тие без нас не можат да постигнат совршенство, ниту ние можеме да бидеме совршени без нашите мртви“.9

Како што може да видиме, потребата за храмови и работата што се врши за живите и за мртвите станува многу јасна.

Противникот е во состојба на готовност. Неговата сила е под закана на обредите и заветите извршени во храмовите и тој прави сѐ што може за да ја сопре работата. Зошто? Бидејќи знае за моќта што доаѓа од оваа света работа. Со посветување на секој нов храм, спасоносната моќ на Исус Христос се шири низ целиот свет, да нè искупи кога доаѓаме кај Него и да ги спречи обидите на противникот. Како што расте бројот на храмови и одржувачи на заветот, противникот станува сѐ послаб.

Во раните денови на Црквата, кога беше објавен нов храм, некои се грижеа, велејќи, „Никогаш не почнавме да градиме храм без ѕвоната на пеколот да почнат да бијат.“ На што Брингам Јанг смело возвраќаше, „Сакам повторно да ги слушнам како бијат.”10

Во овој смртен живот, нема никогаш да ја избегнеме војната, но можеме да имаме превласт над противникот. Таа власт и сила доаѓаат од Исус Христос кога склучуваме и ги одржуваме храмските завети.

Претседателот Расел М. Нелсон поучува: „Доаѓа време кога оние кои не се покоруваат на Господ ќе бидат издвоени од оние кои му се покоруваат. Нашето најсигурно уверување е да продолжиме да бидеме достојни за влез во Неговиот свет дом.”11

Еве некои дополнителни благослови што Бог ни ги вети преку Неговиот пророк

Дали ви се потребни чуда? Нашиот пророк вели: „Ви ветувам дека Господ ќе ги донесе чудата за кои Тој знае дека ви се потребни додека се жртвувате да служите и да му се восхитувате во Неговите храмови.”12

Дали ви треба исцелителната и зајакнувачка моќ на Спасителот Исус Христос? Претседателот Нелсон нè уверува дека „сѐ што се учи во храмот… го проширува нашето разбирање за Исус Христос.… Додека ги одржуваме нашите завети Тој нѐ дарува со Неговата исцелувачка, зајакнувачка сила. И ох, колку само ќе ни е потребна Неговата сила во деновите што доаѓаат.”13

Првата недела откако Исус Христос триумфално влезе во Ерусалим, на Цветници, мноштвото на Негови ученици „[се] радуваа и [го]фалеа Бога гласно … велејќи, Благословен е Царот кој доаѓа во името Господово!“14

Колку е соодветно што храмот Киртланд беше посветен токму на првата недела откако Христос триумфално влезе во Ерусалим во 1836 година. Во оваа прилика се радуваа и учениците на Исус Христос. Во молитвата за време на посветувањето, Пророкот Џозеф Смит ги кажа овие пофални зборови:

„О Господе Боже Семоќен, слушни нè … одговори им на овие молби од горе, … каде што седиш на престолот, во слава, чест, моќ, величественост, [и] сила. …

„… Помогни ни со силата на твојот Дух, да ги измешаме нашите гласови со оние светли, сјајни серафими околку твојот престол, со пофални извици, пеејќи му Осана на Бога и на Јагнето!

„И дозволи овие … твои светци гласно да воскликнуваат од радост.“15

Браќа и сестри, денес на Цветници, како ученици на Исус Христос, да го величаме нашиот свет Бог и да се радуваме на Неговата добрина кон нас. „Што слушаме во евангелието што сме го примиле?“ Навистина „глас на радост!“16

Јас сведочам дека ќе чувствувате се повеќе и повеќе радост додека влегувате во светите храмови на Господ. Сведочам дека ќе ја доживеете радоста што Тој ја има за вас за возврат, во името на Исус Христос, амин