Храмската Работа и Семејната Историја–Една иста работа
Централен фокус на планот на нашиот Небесен Отец е обединување на семејството за овој живот и за вечноста.
Благодарен сум за тековната изградба на храмови во оваа „епоха на полнота на времињата“ (Учењата и заветите 128:18). Од раните дни на Обновувањето, верните Светци многу се жртвувале за да примат храмски обреди и завети. Следејќи го нивниот одличен пример, во 1975 година, по многуте економски жртви за патување од Мексико Сити, јас и мојата драга сопруга Евелија, заедно со нашите драги родители, бевме запечатени како вечни маж и жена во Храмот Меса во Аризона. На тој ден, кога бевме обединети од овластено свештенство во домот Господов, навистина доживеавме еден поглед кон рајот.
Работата и Целта на Храмовите
Ова искуство ми даде подлабоко разбирање за тоа како по три години напорна работа и голема жртва, Светците во Киртланд, Охајо конечно го завршија својот величествен храм пролетта 1836 година, прв во оваа евангелска епоха. Во март таа иста година, над илјада луѓе се собраа во храмот и на неговиот влез за службата на посветување. Пророкот Џозеф Смит се појави за да ја понуди молитвата за осветување што ја имаше добиено преку откровение (види Учењата и Заветите 109). Во неа тој опиша многу од неверојатните благослови што им беа презентирани на оние кои достојно влегуваа во Господовите храмови. Потоа хорот ја испеа химната „The Spirit of God“ а конгрегацијата стана за извикот „Осана!“ „со таква [сила што се] чинеше… се крева покривот од зградата“ (Teachings of Presidents of the Church: Joseph Smith [2007], 307).
Една недела подоцна Пророкот го опиша појавувањето на Господ во храмот, кој рече:
„Зашто ете, го прифатив овој дом, и името мое ќе биде во него; и ќе се покажам пред мојот народ со милост во овој дом. …
„И славата за овој дом ќе се прошири во туѓи земји, и ова е почеток на благословот што ќе се излее врз главите на мојот народ (Учењата и Заветите 110:7, 10).
По оваа и дргите визии, пророкот Илија, кој беше однесен во рајот без да вкуси смрт, се појави пред Пророкот Џозеф Смит и Оливер Каудери и рече:
„Ете, времето во целост пристигна, за кое беше кажано преку устата на Малахија,сведочејќи дека тој [пророкот Илија] ќе биде испратен, пред да дојде големиот и страшен ден Господов
„Да се свртат срцата на татковците кон децата, а децата кон татковците, за да не ја зафати целата земја со проклетство,
„Затоа клучевите на оваа евангелска епоха се предадени во ваши раце; и по ќе познаете дека големиот и страшен ден Господов е близу, скоро пред портите (Учењата и Заветите 110:14–16).
Храмската и Семејна Историја
Откако Господ ги обнови клучевите за запечатување на Џозеф Смит, во оваа евангелска епоха започна делото за спасение од двете страни на превезот (види 1 Коринтјаните 15:22, 29; Учењата и Заветите 128:8–18).
Старешина Бојд К. Паркер учеше дека „овој иницијален настан остана незабележан од светот, но би имал влијание врз судбината на секоја душа која некогаш живеела или ќе живее. Работите започнаа тивко да се случуваат. Црквата стана црква која гради храмови.
„Во светот спонтано се појавија тука и таму, луѓе, организации и општества заинтересирани за следење на генеалогии. Сето ова се случи откако Илија се појави во храмот Киртланд“ (The Holy Temple [1980], 141).
„Токму од тој ден, април 1836 година, срцата на децата почнаа да се свртуваат кон нивните татковци. Оттогаш обредите не беа пробни, туку трајни. Моќта за запечатувањето беше со нас. Ниту едно овластување не ја надмина неговата вредност. Оваа моќ им дава суштина и вечна постојаност на сите обреди извршени со соодветно овластување и за живите и за мртвите“ (Preparing to Enter the Holy Temple [2002], 28–28).
Почитувани браќа и сестри, градењето и првилната употреба на храмовите во секоја евангелска епоха е знак на вистинската Црква на Исус Христос. По посветувањето на Храмот Солт Лејк Сити во 1893 година, Претседателот Вилфорд Вудруф ги охрабри членовите на црквата да ги пронајдат записите од своите претци и да ја запишат својата генеалогија враќајќи се што е можно поназад, со цел да донесат имиња во храмот и да се извршат обредите за спасение и егзалтација (види Teachings of Presidents of the Church: Wilford Woodruff [2004], 174).
Семејна Историја и Храмска Работа–Една иста Работа
Една година подоцна (1894), истиот Претседател Вудруф го надгледуваше создавањето на Генеолошкото Општество во Јута. Сто години подоцна, во 1994 година, Старешина Расел М. Нелсон, тогаш член на кворумот на Дванаесетте Апостоли рече: „Настаните од таа историска година воспоставија истражување на семејна историја и храмската служба како една иста работа во Црквата“ („The Spirit of Elijah,“ Ensign, Nov. 1994, 85).
Работа Семејна Историја
Почитувани браќа и сестри, Господ нѐ охрабрува нас како членови на Неговата црква да ја сочуваме нашата сопствена семејна историја, да учиме од нашите предци, и да ги направиме потребните подготовки за и тие да ги добијат обредите од евангелието во храмовите, што ќе им помогнат да напредуваат по заветениот пат, кој ќе ги благослови со вечно семејство. Тоа е централен фокус на планот на нашиот Небесен Отец: обединување на семејството за овој живот и за вечноста.
До оние кои не се чувствуваат способни да ја извршуваат оваа работа, треба да знаете дека не сте сами. Сите ние може да се свртиме кон алатите што Црквата ги подготви и што може да се пронајдат во центрите за СемејноПребарување, што ни беа познати како центри за семејна историја. Овие Центри за СемејноПребарување се дизајнирани така што речиси секој, со мала помош, може да ги пронајде податоците за своите претци и правилно да ги организира за да може да ги донесе во Господовиот дом. Ве молиме контактирајте со консултантите за семејна историја во вашиот оддел или гранка, тие ќе ве водат чекор по чекор.
Ако го следиме водството на пророците и дознаваме како да ја направиме нашата семејна историја и да ги извршуваме храмските обреди за нашите предци, ќе доживееме толку голема радост што нема да сакаме да престанеме да го правиме тоа. Духот ќе ги преплави нашите срца, ќе ги разбуди нашите способности да го сториме тоа и ќе нѐ води во потрагата по имињата на нашите предци. Но ајде да запамтиме дека семејната историја е повеќе од едноставно барање имиња, датуми и места. Ги зближува семејствата и ја чувствува радоста што доаѓа од споделување на уредбите и обредите од евангелието.
Го сакам инспиративното учење на нашиот сакан пророк, Претседателот Расел М. Нелсон, во кое тој вели: „Храмот е центарот за зајакнување на нашата вера и духовна храброст бидејќи Спасителот и Неговата доктрина се самото срце на храмот. Сѐ што сме научиле во храмот, преку поука и преку Духот, го зголемува нашето разбирање за Исус Христос. Неговите основни обреди нѐ врзуваат за Него преку светите свештенички завети. Потоа, ако ги одржуваме нашите завети, Тој нѐ дарува со Неговата исцелителна, зајакнувачка моќ“ („The Temple and Your Spiritual Foundation,“ Liahona, Nov. 2021, 93–94).
Секако, работата на храмската и семејна историја се една иста работа во Црквата.
Јас сведочам за овие вистини. Знам дека ова е Црквата на Господ, Исус Христос, нашиот Спасител и Искупител, кого го паметиме и почитуваме во ова време на Велигден. Јас знам Тој нѐ сака и кога се држиме до нашите завети и веруваме во Него, нѐ дарува со Неговата исцелителна и зајакнувачка моќ. Во името на Исус Христос, амин.