Глава 11
Нефи го убедува Господ да ја замени нивната војна со глад—Многу луѓе умираат—Се покајуваат, и Нефи го преколнува Господ за дожд—Нефи и Лехи примаат многу откровенија—Крадците на Гадиантон се сместуваат во земјата. Околу 20–6 п.н.е.
1 И сега се случи во седумдесет и втората година од владеењето на судиите да се зголеми препирањето, толку што имаше војни низ целата земја помеѓу целиот Нефитски народ.
2 И беше оваа тајна дружина крадци кои го извршуваа ова дело на уништување и пакост. И оваа војна траеше цела таа година; и во седумдесет и третата година исто така траеше.
3 И се случи во оваа година Нефи да го повика Господ, велејќи:
4 О Господе, не дозволувај овој народ да биде уништен од мечот; туку О Господе, попрво дозволи да има глад во земјата, да ги наведе на сеќавање на Господ нивниот Бог, и можеби ќе се покајат и ќе се завртат кон Тебе.
5 И така беше сторено, според зборовите на Нефи. И имаше голем глад во земјата, помеѓу целиот Нефитски народ. И така во седумдесет и четвртата година гладот продолжи, и делото на уништување од мечот запре но стана тешко поради гладот.
6 И ова дело на уништување исто така продолжи во седумдесет и петтата година. Бидејќи земјата беше погодена така што беше сува, и не даваше жито во житната сезона; и целата земја беше погодена, дури и меѓу Ламанитите исто како и меѓу Нефитите, така што беа погодени што загинаа илјадници во попакосните делови на земјата.
7 И се случи народот да види дека наскоро ќе загине од глад, и започна да се сеќава на Господ нивниот Бог; и започна да се сеќава на зборовите на Нефи.
8 И народот започна да ги моли нивните главни судии и нивните водачи, за да му кажат на Нефи: Ете, знаеме дека си Божји човек, и затоа довикај Го Господ нашиот Бог за Тој да го тргне од нас овој глад, за да не се исполнат сите зборови кои ги кажа во врска со нашето уништување.
9 И се случи судиите да му кажат на Нефи, според зборовите кои беа посакувани. И се случи кога Нефи виде дека народот беше се покајал и се понизил во вреќа, тој повторно го повика Господ, велејќи:
10 О Господе, ете овој народ се покаја; и ја збришаа дружината на Гадиантон од среде нив толку што беа истребени, и ги криеја нивните тајни планови во земјата.
11 Сега, О Господе, поради оваа нивна понизност дали Ти ќе го оттргнеш Твојот бес, и нека Твојот бес биде смирен во уништувањето на тие пакосни луѓе кои Ти веќе ги уништи.
12 О Господе, дали Ти ќе го оттргнеш Твојот бес, да, Твојот жесток бес, и направиш овој глад да запре во оваа земја.
13 О Господе, дали Ти ќе ме послушаш, и направиш да биде сторено според моите зборови, и испратиш дожд врз лицето на земјата, за таа да роди својот плод, и нејзиното жито во сезоната за жито.
14 О Господе, Ти ги послуша моите зборови кога кажав, Нека има глад, за чумата од мечот да престане; и знам дека Ти дури и во ова време, ќе ги послушаш моите зборови, бидејќи Ти кажа дека: Ако овој народ се покае, Јас ќе го поштедам.
15 Да, О Господе, и Ти гледаш дека тие се покајаа, поради гладот и чумата и уништувањето кои ги стигнаа.
16 И сега, О Господе, дали Ти ќе го оттргнеш Твојот бес, и повторно ќе провериш дали тие ќе Ти служат Тебе? И ако е така, О Господе, Ти можеш да ги благословиш според Твоите зборови кои Ти ги кажа.
17 И се случи во седумдесет и шестата година Господ го оттргна Неговиот бес од народот, и предизвика да падне дожд на земјата, толку што го роди нејзиниот плод во сезоната за нејзиниот плод. И се случи да роди нејзиното жито во сезоната за нејзиното жито.
18 И ете, народот се радуваше и го величеше Бог, и целото лице на земјата беше исполнето со радување; и повеќе не сакаа да го уништат Нефи, туку го ценеа како голем пророк, и Божји човек, имајќи голема моќ и власт дадена од Бог.
19 И ете, Лехи, неговиот брат, не заостануваше ни малку зад него за нештата во врска со праведноста.
20 И така се случи Нефитскиот народ повторно да започна да напредува во земјата, и започнаа да ги градат нивните пусти места, и започнаа да се размножуваат и шират, и тоа додека не го покрија целото лице на земјата, и на север и на југ, од морето на запад до морето на исток.
21 И се случи седумдесет и шестата година да заврши во мир. И седумдесет и седмата година започна во мир; и црквата се ширеше низ лицето на целата земја; и поголемиот дел на луѓето, и Нефитите и Ламанитите, припаѓаа на црквата; и имаа премногу голем мир во земјата; и така заврши седумдесет и седмата година.
22 И исто така имаа мир во седумдесет и осмата година, освен неколку препирања во врска со точките на учењето кои беа поставени од пророците.
23 И во седумдесет и деветата година започна да има голем конфликт. Но се случи Нефи и Лехи, како и многу од нивните браќа кои знаеја во врска со вистинските точки на учењето, имајќи многу откровенија дневно, затоа му проповедаа на народот, толку што ставија крај на нивниот конфликт во истата година.
24 И се случи во осумдесеттата година од владеењето на судиите врз народот на Нефи, постоеше одреден број од Нефитските одметници, кои неколку години порано беа заминале кај Ламанитите, и беа го преземале името на Ламанитите, и исто така одреден број кои исто така беа вистински потомци на Ламанитите, наведени на гнев од нив, односно од тие одметници, така што започнаа војна со нивните браќа.
25 И извршија убиства и ограбувања; и тогаш се вратија во планините, и во дивината и тајните места, криејќи се да не бидат откриени, дневно примајќи засилување на нивните бројки, бидејќи имаше одметници кои заминаа кај нив.
26 И така со време, да, и тоа не за многу години, тие станаа премногу голема група на крадци; и ги пребараа сите тајни планови на Гадиантон; и така станаа крадци на Гадиантон.
27 Сега ете, овие крадци предизвикаа голем пустош, да, и тоа големо уништување помеѓу Нефитскиот народ, и исто така помеѓу Ламанитскиот народ.
28 И се случи да биде целисходно да престане ова дело на уништување; затоа испратија војска од силни војници во дивината и во планините да ја бараат оваа дружина крадци, и да ги уништат.
29 Но ете, се случи во истата година да бидат протерани и тоа во нивната сопствена земја. И така заврши осумдесеттата година од владеењето на судиите врз народот на Нефи.
30 И се случи на почетокот на осумдесет и првата година тие повторно тргнаа напред против таа дружина крадци, и уништија многу; и исто така беа посетени со многу уништување.
31 И повторно беа приморани да се вратат од дивината и од планините во нивните сопствени земји, поради огромната бројка на тие крадци кои се населија по планините и дивината.
32 И се случи така да заврши оваа година. И крадците сѐ уште се зголемуваа и се зацврстуваа, толку што им пркосеа на сите војски на Нефитите, а исто и на Ламанитите; и предизвикаа голем страв да го стигне целиот народ врз целото лице на земјата.
33 Да, зашто тие посетија многу делови на земјата, и им направија големо уништување; да, убија многу, и одведоа други заробени во дивината, да, и повеќе особено нивните жени и нивните деца.
34 Сега ова големо зло, кое го стигна народот поради нивното беззаконие, ги наведе повторно во сеќавање на Господ нивниот Бог.
35 И така заврши осумдесет и првата година од владеењето на судиите.
36 И во осумдесет и втората година повторно започнаа да Го забораваат Господ нивниот Бог. А во осумдесет и третата година започнаа да се зацврстуваат во беззаконието. А во осумдесет и четвртата година не ги исправија нивните патеки.
37 И се случи во осумдесет и петтата година да станат сѐ појаки и појаки во нивната гордост, и во нивната пакост; и така тие повторно созреваа за уништување.
38 И така заврши осумдесет и петтата година.