Свети Писма
Хеламан 4


Глава 4

Нефитските одметници и Ламанитите здружуваат сили и ја освојуваат земјата Зарахемла—Нефитските порази доаѓаат поради нивната пакост—Црквата се намалува, и народот станува слаб како Ламанитите. Околу 38–30 п.н.е.

1 И се случи во педесет и четвртата година да има многу раздори во црквата, а и имаше препирања меѓу народот, толку многу што имаше многу крвопролевање.

2 И побунетиот дел беа убиени и протерани од земјата, и тие отидоа при царот на Ламанитите.

3 И се случи дека тие настојуваа да ги поттикнат Ламанитите на војна против Нефитите; но ете, Ламанитите беа премногу исплашени, толку многу што не би ги послушале зборовите на тие одметници.

4 Но се случи дека во педесет и шестата година на владеењето на судиите, имаше одметници кои тргнаа од Нефитите кај Ламанитите; и успеале со тие други да ги поттикнат на гнев против Нефитите; и целата таа година се подготвуваа за војна.

5 И во педесет и седмата година се спуштија да се борат против Нефитите, и го почнаа делото на смрта; да, толку што во педесет и осмата година на владеењето на судиите успеале да ја освојат земјата Зарахемла; да, и сите земји, сѐ до земјата што беше во близина на земјата Изобилство.

6 И Нефитите и војските на Морониха беа протерани дури до земјата Изобилство;

7 И таму тие се утврдија против Ламанитите, од западното море, па сѐ до источното; и тоа беше ден одење за Нефит, на линијата која ја беа утврдиле и на која ги поставија нивните војски да ја бранат нивната земја на север.

8 И така оние одметници на Нефитите, со помошта на многубројна војска на Ламанитите, го беа добиле сиот посед на Нефитите што беше во земјата на југ. А сето ова беше направено во педесет и осмата и деветата години на владеењето на судиите.

9 И се случи во шеесеттата година на владеењето на судиите, Морониха успеа со неговите војски да добие многу делови на земјата; да, тие повторно освоиле многу градови кои беа паднале во рацете на Ламанитите.

10 И се случи во шеесет и првата година на владеењето на судиите успеаја да ја вратат дури половината од сите свои поседи.

11 Сега ова голема загуба за Нефитите, и големиот колеж што беше меѓу нив, не ќе се случеше да не беше нивната пакост и нивната одвратност што беше меѓу нив; да, и тоа беше меѓу оние кои исто така тврдеа дека ѝ припаѓаат на Божјата црква.

12 И тоа беше поради гордоста на нивните срца, поради своите големи богатства, да, тоа беше поради угнетувањето на сиромашните, задржување на својата храна од гладните, задржување на својата облека од голите, и удирањето на понизните браќа по образот, исмејување на тоа што е свето, одрекувањето од духот на пророштвото и на откровението, убивање, ограбување, лажење, крадење, извршување на прељуба, избувнување на големи препирања, и напуштање на земјата Нефи, помеѓу Ламанитите—

13 И поради ова нивната голема злоба, и нивните фалења во својата моќ, беа оставени во својата моќ; затоа не напредуваа, а беа погодени и удирани, и протерани пред Ламанитите, сѐ додека не беа загубиле посед на речиси сите нивни земји.

14 Но ете, Морониха многу проповедаше на луѓето поради нивното беззаконие, а и Нефи и Лехи, кои беа синовите на Хеламан, многу проповедаа на луѓето, да, и пророкуваа многу на нив за нивното беззаконие, и она што ќе им се случи ако не се покајат за своите гревови.

15 И се случи дека тие се покајаа, и колку што се покајаа толку започнаа да напредуваат.

16 Зашто кога Морониха виде дека тие се покајаа, тој се осмели да ги води од место до место, и од град до град, сѐ додека не беа ја вратиле половината на нивниот посед и половината на сите свои земји.

17 И така заврши шеесет и првата година на владеењето на судиите.

18 И се случи во шеесет и втората година на владеењето на судиите, Морониха да не можеше да освои уште поседи над Ламанитите.

19 Затоа тие го откажаа нивниот план да го освојат остатокот на своите земји, зашто Ламанитите беа толку бројни што стана невозможно за Нефитите да стекнат уште моќ над нив; затоа Морониха ги постави сите негови војски во задржувањето на тие делови кои беше ги зел.

20 И се случи, поради големината на бројот на Ламанитите, Нефитите беа во голем страв, да не бидат надвладеани, и прегазени, и убиени, и уништени.

21 Да, тие почнаа да се сеќаваат на пророштвата на Алма, а и на словата на Мосија; и видоа дека беа вкочанет народ, и дека беа ги сметале за ништо Божјите заповеди;

22 И дека беа ги промениле и прегазиле под нивните нозе законите на Мосија, односно тоа што му заповеда Господ да му даде на народот; и тие видоа дека нивните закони им беа станале корумпирани, и дека беа станале злобен народ, толку многу што беа злобни дури и како Ламанитите.

23 И поради нивното беззаконие црквата почна да се намалува; и тие почнаа да не веруваат во духот на пророштвото ниту во духот на откровението; и пресудите Божји ги гледаа во лицето.

24 И видоа дека беа станале слаби, како нивните браќа, Ламанитите, и дека Духот Господов веќе не ги чува; да, беше се повлекол од нив затоа што Духот Господов не живее во несвети храмови—

25 Затоа Господ престана да ги зачува со Неговата чудесна и неспоредлива моќ, бидејќи беа паднале во состојба на неверување и ужасна пакост; и тие видоа дека Ламанитите беа многу побројни од нив, и доколку не би се придржувале кон Господ нивниот Бог неизбежно мораат да загинат.

26 Зашто ете, видоа дека силата на Ламанитите беше толку голема колку што беше нивната сила, дури човек за човек. И така беа паднале во овој голем престап; да, така беа станале слаби, поради нивното беззаконие, во текот на малку години.