Глава 15
Потомството на Лехи ќе го добие евангелието од Неевреите во подоцнежните дни—Собирањето на Израел е споредено со маслиново дрво чии природни гранки ќе бидат прикалемени повторно—Нефи ја толкува визијата на дрвото на животот и говори за правдата на Бог при одделувањето на пакосните од праведните. Околу 600–592 п.н.е.
1 И се случи дека откако јас, Нефи, бев одведен во Духот и ги видов сите овие нешта, се вратив до шаторот на татко ми.
2 И се случи дека ги видов моите браќа, и тие се расправаа еден со друг во врска со нештата кои татко ми беше им ги рекол.
3 Зашто навистина им говореше многу големи нешта, кои се тешки да се разберат, освен ако човек не го праша Господ; и бидејќи беа закоравени во срцата, затоа не погледнаа кон Господ како што тие требаа.
4 И сега јас, Нефи, бев натажен поради закоравеноста на нивните срца, а така исто и поради нештата кои бев ги видел, и знаев дека неизбежно мора да се случат поради големата пакост на човечките деца.
5 И се случи дека бев совладан поради моите маки, зашто сметав дека моите маки беа големи над се, поради уништувањето на мојот народ, зашто го бев видел нивниот пад.
6 И се случи дека откако бев добил сила, им говорев на моите браќа, посакувајќи да ја дознаам од нив причината за нивните расправии.
7 И тие рекоа: Ете, не можеме да ги разбереме зборовите кои ги рекол нашиот татко во врска со природните гранчиња на маслиновото дрво, а исто и во врска со Неевреите.
8 И им реков: Дали сте го прашале Господ?
9 И ми рекоа: Не сме; зашто Господ не ни откри такви нешта на нас.
10 Ете, им реков: Како може да не ги одржувате заповедите на Господ? Како може да загинете, поради закоравеноста на вашите срца?
11 Зарем не ги помните нештата кои ги рекол Господ?—Ако не ги закоравите срцата, и ме прашате Мене со вера, верувајќи дека ќе добиете, со трудољубивост во одржувањето на Моите заповеди, сигурно овие нешта ќе ви бидат откриени на вас.
12 Ете, ви велам, дека Израеловиот дом беше спореден со маслиново дрво, преку Господовиот Дух кој беше во татко ни; и зарем не сме одвоени од домот на Израел, и зарем не сме една гранка од Израеловиот дом?
13 И сега, тоа што мислеше татко ни во врска со прикалемувањето на природните гранки преку целината на Неевреите, е, дека во подоцнежните дни, кога нашето потомство ќе западне во неверување, да, во текот на многу години, и многу поколенија откако Месијата ќе им се покаже во тело на човечките деца, тогаш целината на евангелието на Месијата ќе дојде кај Неевреите, и од Неевреите до остатокот на нашето потомство—
14 И на тој ден остатокот од нашето потомство ќе дознае дека е од Израеловиот Дом, и дека е заветен народ на Господ; и тогаш ќе знаат и дојдат до знаењето за нивните предци, а исто и до знаењето за евангелието на нивниот Искупител, кое им беше послужено на нивните татковци од Него; затоа, ќе дојдат до знаењето за нивниот Искупител и самите точки на Неговото учење, за да можат да знаат како да дојдат до Него и да бидат спасени.
15 И тогаш на тој ден, нема ли да се радуваат и да го слават нивниот вечен Бог, нивната карпа и спасение? Да, на тој ден, нема ли да ја добијат силата и храната од вистинската лоза? Да, нема ли да појдат кај вистинското стадо на Бог?
16 Ете, ви велам, Да: ќе бидат запомнети повторно помеѓу Израеловиот дом; ќе бидат прикалемени, бидејќи се природна гранка од маслиновото дрво, на вистинското маслиново дрво.
17 И ова е тоа што мисли татко ни; и тој мисли дека нема да се случи додека не се распрскани од Неевреите; и мисли дека ќе се случи според начин на Неевреите, дека Господ може да им ја покаже Неговата сила на Неевреите, за самата причина дека Тој ќе биде одбиен од Евреите, односно од Израеловиот дом.
18 Затоа, татко ни не говорел само за нашето потомство, туку исто и за целиот дом на Израел, и покажувајќи кон заветот кој ќе биде исполнет во подоцнежните дни; заветот кој Господ го направи со нашиот татко Авраам, велејќи: Во твоето потомство сите колена на земјата ќе бидат благословени.
19 И се случи дека јас, Нефи, многу им говорев во врска со овие нешта; да, им говорев во врска со обновувањето на Евреите во подоцнежните денови.
20 И јас им ги повторив словата на Исаија, кој говореше во врска со обновувањето на Евреите, односно за Израеловиот дом; и откако беа обновени, повеќе нема да бидат измешани, ниту ќе бидат распрснати повторно. И се случи дека им говорев многу зборови на моите браќа, така што беа смирени и се понизија пред Господ.
21 И се случи дека пак ми говореа, велејќи: Што значи ова што го виде татко ни во сон? Што значи дрвото кое го виде тој?
22 И јас им реков: Тоа е симбол на дрвото на животот.
23 И ми рекоа: Што значи прачката која ја виде нашиот татко, која водеше до дрвото?
24 И им реков дека беше словото на Бог и кој ќе го послуша словото Божјо, и ќе се држи цврсто за тоа, никогаш нема да загине; ниту искушенијата ни огнените стрели на противникот не би можеле да ги совладаат до слепило, за да ги одведат до уништување.
25 Затоа, јас, Нефи, ги охрабрив да обрнат внимание на словото на Господ; да, ги охрабрив со сета енергија на мојата душа, и со сета способност која ја поседував, да обрнат внимание на словото на Бог и да запомнат да ги одржуваат Неговите заповеди секогаш во сите нешта.
26 И ми рекоа: Што значи реката од вода која нашиот татко ја виде?
27 И јас им реков дека водата која ја виде татко ми беше гнасотија; и дека неговиот ум беше толку многу проголтан во други нешта што не ја виде гнасотијата на водата.
28 И им реков дека таа беше ужасна бездна, која ги одделуваше пакосните од дрвото на живот, а исто и од светците на Бог.
29 И им реков дека таа беше симбол на тој ужасен пекол, за кој ангелот ми кажа дека беше подготвен за пакосните.
30 И им реков дека татко ни исто виде дека правдата на Бог исто ги одделуваше пакосните од праведните; и нејзината осветленост беше како осветленоста на оган што гори, кој се воздигнува горе кон Бог секогаш и засекогаш, и нема крај.
31 И ми рекоа: Дали ова значи мачење на телото во деновите на испитување, или значи крајната состојба на душата после смртта на привременото тело, или дали говори за нешта кои се привремени?
32 И се случи дека им реков дека беше симбол на нешта и привремени и духовни; зашто денот ќе стигне кога ќе бидат судени за нивните дела, да, дури и делата кои беа извршени во привременото тело во нивните денови на испитување.
33 Затоа, ако треба да умрат во нивната пакост, исто така ќе бидат отфрлени, а според нештата кои се духовни, кои се однесуваат на праведноста; затоа, ќе бидат донесени да стојат пред Бог, за да бидат судени според нивните дела; и ако нивните дела биле гнасотија мора да бидат гнасни; и ако се гнасни мора да не живеат во царството на Бог; ако е така, царството на Бог мора да биде гнасно исто така.
34 Но ете, ви велам, царството на Бог не е гнасно, и ништо нечисто не може да влезе во царството на Бог; затоа, мора да има место на гнасотија подготвено за тоа што е гнасно.
35 И има место подготвено, да, дури тој ужасен пекол за кој сум говорел, и ѓаволот е подготвувачот на него; затоа крајната состојба на човечките души е да живеат во царството на Бог, или да бидат отфрлени поради правдата за која сум говорел.
36 Затоа, пакосните се одбиени од праведните, а исто и од она дрво на живот, чиј плод е најскапоцен и најпосакуван над сите други плодови; да и тој е најголемиот од сите дарови на Бог. И така им говорев на моите браќа. Амин.