Свети Писма
Етер 13


Глава 13

Етер зборува за Нов Ерусалим да биде изграден во Америка од потомството на Јосиф—Тој пророкува, отфрлен е, ја пишува Јаредитската историја, и го претскажува уништувањето на Јаредитите—Војна беснее низ целата земја.

1 И сега јас, Морони, продолжувам да го завршам мојот запис во врска со уништувањето на народот за кого пишував.

2 Зашто ете, тие ги одбија сите зборови на Етер; бидејќи тој навистина им кажа за сите нешта, од почетокот на човештвото; и дека откако водите се повлекоа од лицето на оваа земја стана одбрана земја над сите други земји, одбрана земја од Господ; заради што Господ би сакал сите луѓе да Му служат кои живеат на нејзиното лице;

3 И дека беше местото на Новиот Ерусалим, што ќе се симне од небесата, и светото светилиште на Господ.

4 Ете, Етер ги виде деновите на Христос, и зборуваше во врска со Нов Ерусалим врз оваа земја.

5 И тој исто така зборува во врска со Израеловиот дом, и Ерусалим од каде што Лехи ќе дојде—откако ќе биде уништен ќе биде изграден повторно, свет град за Господ; заради што, не може да биде нов Ерусалим бидејќи беше во старо време; туку повторно ќе биде изграден, и да стане свет Господов град; и ќе биде изграден во Израеловиот дом—

6 И дека Нов Ерусалим ќе биде изграден на оваа земја, за остатокот од потомството на Јосиф, за кои нешта веќе постоеше пример.

7 Зашто како што Јосиф го доведе татко му во земјата Египет, и затоа тој умре таму; заради што, Господ донесе остаток од потомството на Јосиф надвор од земјата Ерусалим, за Тој да биде милостив со потомството на Јосиф за да не загинат, и тоа како што Тој беше милостив со таткото на Јосиф за тој да не умре.

8 Заради што, остатокот од домот на Јосиф ќе биде изграден врз оваа земја; и ќе биде земја на нивно наследство; и ќе изградат свет град кај Господ, како стариот Ерусалим; и повеќе нема да бидат збунети, додека не дојде крајот кога земјата ќе помине.

9 И ќе постои ново небо и нова земја; и ќе биде како старите освен што старите поминаа, и сите нешта станаа нови.

10 И тогаш ќе дојде Новиот Ерусалим; и благословени се оние кои живеат таму, бидејќи на нив облеките им се бели преку крвта на Јагнето; и тоа се тие кои се вброени помеѓу остатокот од потомството на Јосиф, кои беа од Израеловиот дом.

11 И тогаш повторно се појави стариот Ерусалим; и тамошните жители, благословени се, бидејќи беа измиени во крвта на Јагнето; и тоа беа тие кои беа распрскани и собрани од четирите краишта на земјата, и од северните земји, и се учесници во исполнување на заветот кој Бог го направи со нивниот татко, Авраам.

12 И кога ќе дојдат овие нешта, ќе се исполни светото писмо што вели, постоеа оние кои беа први, кои ќе бидат последни; и оние кои беа последни, кои ќе бидат први.

13 Наскоро ќе напишев повеќе, но ми е забрането; но големи и зачудувачки беа пророштвата на Етер; но не го ценеа, и го отфрлија; и се скри во пукнатината на една карпа преку ден, а навечер тргна гледајќи ги нештата кои ќе дојдат кај народот.

14 И додека живееше во пукнатина на карпа го направи остатокот на овој запис, гледајќи го уништувањето кое го стигна народот, навечер.

15 И се случи во таа иста година кога беше отфрлен од помеѓу народот започна да има голема војна помеѓу народот, бидејќи имаше многу кои станаа, кои беа моќни луѓе, и сакаа да го уништат Кориантумир со нивните тајни планови на пакост, за кои беше кажано.

16 И сега Кориантумир, учејќи, самиот, за сите воени вештини и за сета лукавост на светот, заради што им приреди борба на оние кои сакаа да го уништат.

17 Но тој не се покаја, ниту неговите убави синови и ќерки; ниту убавите синови и ќерки на Кохор; ниту убавите синови и ќерки на Корихор; и накратко, немаше од убавите синови и ќерки врз лицето на целата земја кои се покајаа од нивните гревови.

18 Заради што, се случи во првата година кога Етер живееше во пукнатината на карпата, имаше многу луѓе кои беа убиени од мечот на тие тајни сојузи, борејќи се против Кориантумир за да го стекнат царството.

19 И се случи синовите на Кориантумир да се борат многу и да крварат многу.

20 И во втората година Господовото слово дојде кај Етер, дека треба да оди и да му пророкува на Кориантумир дека, ако се покае, и целото негово домаќинство, Господ ќе му го даде неговото царство и ќе го поштеди народот—

21 Во спротивно ќе бидат уништени, и целото негово домаќинство освен него. И тој би живеел само за да го види исполнувањето на пророштвата кои беа зборувани во врска со друг народ добивајќи ја земјата за нивно наследство; а Кориантумир би бил погребан од нив; и секоја душа би била уништена освен Кориантумир.

22 И се случи Кориантумир да не се покае, ниту неговото домаќинство, ниту народот; и војните не престанаа; и сакаа да го уништат Етер, но тој избега од нив и повторно се скри во пукнатината на карпата.

23 И се случи да дојде Шаред, и тој исто така му приреди борба на Кориантумир; и го победи, толку што во третата година го доведе во ропство.

24 А синовите на Кориантумир, во четвртата година, го победија Шаред, и го стекнаа царството повторно за татко им.

25 Сега започна војна врз целото лице на земјата, секој човек со својата група се бореше за тоа што го посакува.

26 И имаше разбојници, и накратко, секаков вид на пакост врз целото лице на земјата.

27 И се случи Кориантумир да биде прекумерно лут со Шаред, и тргна против него со неговите војски во борба; и се сретнаа во голем бес, и се сретнаа во долината на Гилгал; и битката стана премногу тешка.

28 И се случи Шаред да се бори против него во период од три дена. И се случи Кориантумир да го победи, и го следеше сѐ додека не стигна до рамнините на Хешлон.

29 И се случи Шаред повторно да му приреди битка врз рамнините; и ете, го победи Кориантумир, и повторно го повлече во долината Гилгал.

30 И Кориантумир му приреди битка на Шаред повторно во долината Гилгал, во која го победи Шаред и го уби.

31 И Шаред го рани Кориантумир во бутот, така што не се бореше повторно за наредните две години, за кое време целиот народ врз лицето на земјата пролеваше крв, и немаше никој да ги задржи.