Свети Писма
Етер 2


Глава 2

Јаредитите се подготвуваат за нивното патување во ветената земја—Таа е избрана земја во која луѓето мора да Му служат на Христос или да бидат уништени—Господ зборува со братот на Јаред три часа—Јаредитите градат барки—Господ бара од братот на Јаред да предложи како барките ќе бидат осветлени.

1 И се случи Јаред и неговиот брат, и нивните семејства, и исто пријателите на Јаред и неговиот брат и нивните семејства, тргнаа кон долината која беше на север, (и името на долината беше Нимрод, наречена по моќниот ловец) со нивните стада што ги собраа заедно, машки и женски, од секаков вид.

2 И тие исто така поставија замки и фаќаа небесни птици; и исто така подготвија сад во кој ги носеа рибите од водите.

3 И исто така носеа со нив дезерет, кој, според толкувањето, е пчела за мед; и така носеа со нив роеви од пчели, и секаков вид од тоа што беше на лицето на земјата, семиња од секаков вид.

4 И се случи кога дојдоа доле во долината Нимрод, Господ се спушти и зборуваше со братот на Јаред; и Тој беше на облак, и братот на Јаред не Го виде Него.

5 И се случи Господ да им заповеда да излезат во дивината, да, во тој дел каде што човекот никогаш не бил. И се случи Господ да оди пред нив, и зборуваше со нив додека Тој стоеше на облакот, и им даде насоки каде треба да патуваат.

6 И се случи да патуваат во дивината, и градеа барки, со кои поминаа многу води, постојано насочени од Господовата рака.

7 И Господ не им дозволи да запрат подалеку од морето во дивината, туку сакаше да излезат дури во земјата на ветување, која беше одбрана над сите други земји, која Господ Бог ја зачува за праведен народ.

8 И Тој му се заколна во Неговиот бес на братот на Јаред, дека кој и да ја поседува оваа ветена земја, од тогаш натаму и засекогаш, треба да Му служи Него, вистинскиот и единствен Бог, или ќе биде збришан кога целината на Неговиот бес ќе дојде кај него.

9 И сега, можеме да ги погледнеме овие Божји одредби во врска со оваа земја, дека е земја на ветување; и која било нација да ја поседува ќе Му служи на Бог, или ќе бидат збришани кога целината на Неговиот бес ќе ги стигне. И целината на Неговиот бес ќе ги стигне кога се зрели во беззаконие.

10 Зашто ете, оваа е земја која е одбрана над сите други земји; затоа тој што ќе ја поседува ќе Му служи на Бог или ќе биде збришан; зашто тоа е вечната одредба од Бог. И нема да бидат збришани сѐ додека целината на беззаконието не е помеѓу децата на земјата.

11 И ова ќе ве стигне, О вие Неевреи, за да ги знаете Божјите одредби—за да се покаете, и да не продолжите во вашите беззаконија сѐ додека не се појави целината, за да не го донесете врз вас целиот Божји бес како што жителите на земјата досега го направија.

12 Ете, ова е одбрана земја, и било која нација да ја поседува ќе биде ослободена од ропство, и од заробеништво, и од сите други нации под небесата, ако само Му служат на Богот на земјата, Кој е Исус Христос, Кој беше прикажан преку нештата кои ги запишавме.

13 И сега продолжувам со мојот запис; бидејќи ете, се случи Господ да ги изведе Јаред и неговите браќа напред дури на тоа големо море што ги дели земјите. И штом дојдоа до морето ги распнаа своите шатори; и го нарекоа местото Морианкумер; и живееја во шатори, и живееја во шатори на морскиот брег за време од четири години.

14 И се случи на крајот на четирите години Господ повторно дојде кај братот на Јаред, и стоеше во облак и разговараше со него. И за време од три часа Господ зборуваше со братот на Јаред, и го прекори бидејќи не се сеќаваше да го повика името на Господ.

15 И братот на Јаред се покаја за злото што го беше направил, и го повика името на Господ за неговите браќа кои беа со него. И Господ му кажа: Јас ќе ти простам тебе и на твоите браќа за нивните гревови; но не греши повеќе, бидејќи треба да се сетиш дека Мојот Дух нема секогаш да се стреми со човекот; заради што, ако грешиш сѐ додека не си целосно зрел ќе бидеш отсечен од присуството на Господ. И ова се Моите размислувања за земјата која Јас ќе ви ја дадам за наследство; бидејќи ќе биде земја одбрана над сите други земји.

16 И Господ кажа: Одете на работа и градете, според начинот на кој претходно градевте барки. И се случи братот на Јаред да оди да работи, и исто неговите браќа, и градеа барки според начинот на кој беа граделе, според упатствата на Господ. И беа мали, и беа лесни на водата, и тоа како леснотијата на птицата на водата.

17 И беа изградени на начин да бидат прекумерно непробојни, така што би ја држеле водата како чинија и нивното дно беше непробојно како сад; и страните беа непробојни како сад; и краевите беа шилести; и врвот беше непробоен како на сад; и должината беше како на дрво; и вратата, кога беше затворена, беше непробојна како на сад.

18 И се случи братот на Јаред да Го довика Господ, велејќи: О Господе, ја изведов работата која Ти ми ја заповеда, и ги направив барките како што Ти ме упати.

19 И ете, О Господе, во нив нема светлина; од каде ќе управуваме? И исто ќе загинеме, бидејќи во нив не можеме да дишеме, освен со воздухот кој е во нив; затоа ќе загинеме.

20 И Господ му кажа на братот на Јаред: Ете, ќе направиш дупка на врвот, и исто на дното; и кога ќе ти недостига воздух ќе ја отвориш дупката и ќе примиш воздух. И ако се случи водата да навлезе, ете, ќе ја затвориш дупката, за да не умреш во поплавата.

21 И се случи братот на Јаред да стори така, како што заповеда Господ.

22 И повторно Го повика Господ, велејќи: О Господе, ете направив како што Ти ми заповеда; и ги подготвив бродовите за мојот народ, и ете нема светлина во нив. Ете, О Господе, дали Ти ќе дозволиш да ја преминеме оваа голема вода во темница?

23 И Господ му кажа на братот на Јаред: Што сакаш Јас да направам за да имате светлина во вашите барки? Зашто ете, не можете да имате прозорци, бидејќи би биле искршени на парчиња; ниту би понеле оган со вас, бидејќи не би добиле светлина од огнот.

24 Зашто ете, ќе бидете како кит среде морето; бидејќи планинските бранови ќе удираат по вас. Сепак, Јас ќе ве изведам повторно од длабочините на морето; бидејќи ветриштата се појавија од Мојата уста, и исто Јас ги испратив дождовите и поплавите.

25 И ете, Јас ве подготвувам за овие нешта; бидејќи не можете да ја поминете оваа голема длабочина освен Јас ако не ве подготвам за брановите на морето, и ветриштата кои се појавија, и поплавите што ќе дојдат. Затоа што сакаш Јас да подготвам за вас за да можете да имате светлина кога ќе бидете проголтани во длабочините на морето?