Генерална Конференција
Христос го Лекува Скршеното
Април 2022 генерална конференција


Христос го Лекува Скршеното

Тој може да ги излечи нарушените односи со Бога, нарушените односи со другите, и скршените делови од нас самите.

Пред неколку години, на еден семеен собир, мојот тогаш осум годишен внук Вилијам го запраша мојот најстар син Брајтон, дали би сакал да играат топка. Брајтон ентузијастички одговори, „Да! Со задоволство би играл!“ Откако играа подолго време, топката одлета од Брајтон и случајно скрши една од античките саксии на неговиот дедо.

Брајтон се чувствуваше ужасно. Кога почна да ги собира скршените парчиња, Вилијам отиде кај својот братучед и љубезно го потапка по грбот. Потоа го утеши, „Не грижи се, Брајтон. И јас скршив нешто еднаш во куќата на баба и дедо, а баба ме прегрна и рече, ‘Сѐ е во ред, Вилијам. па ти имаш само пет години.’“

На што Брајтон одговори, „Но, Вилјам, Јас имам 23!“

Можеме многу да научиме од светите писма за тоа како Спасителот, Исус Христос, ќе ни помогне успешно да навигираме со нештата што се скршени во нашите животи, без разлика на возраста. Тој може да ги излечи нарушените односи со Бога, нарушените односи со другите, и скршените делови од нас самите.

Нарушени Односи со Бога

Додека Спасителот подучуваше во храмот, една жена беше донесена кај Него од книжниците и Фарисеите. Не ја знаеме нејзината целосна приказна, само дека била „фатена во прељуба.“1 Често, светите писма даваат само мал дел од нечиј живот, и врз основа на тој дел, ние понекогаш имаме тенденција да воздигнуваме или да осудуваме. Не може да се разбере ничиј живот преку еден прекрасен момент или едно жално јавно разочарување. Целта на овие библиски записи е да ни помогне да видиме дека Христос бил одговорот тогаш, и Тој е одговорот и сега. Тој ја знае нашата целосна приказна и знае точно од што страдаме, како и нашите способности и ранливости.

Христовиот одговор кон оваа драгоцена ќерка на Бог беше „Ниту јас не те осудувам: оди си, и немој повеќе да грешиш.“2 Друг начин да се каже „оди си, и немој повеќе да грешиш“ би можело да биде „оди и промени се.“ Спасителот ја повикувал да се покае: да го промени своето однесување, нејзниото друштво, ставот за себе, нејзиното срце.

Поради Исус Христос, нашата одлука да „одиме напред и да се менуваме“ може исто така да ни дозволи да „одиме напред и да лекуваме,“ зашто Тој е изворот на исцелување на сѐ што е скршено во нашите животи. Како големиот Посредник и Застапник на Отецот, Христос ги осветува и обновува скршените односи—најважниот, нашиот однос кон Бога.

Преводот на Џозеф Смит јасно става до знаење дека жената го послушала советот на Спасителот и го променила нејзиниот живот: „И жената од тој час го прослави Бога, и поверува во неговото име.“3 Жално е што не го знеме нејзиното име, или други детали за нејзиниот живот после овој момент, зашто ќе бараше огромна одлучност, понизност и вера во Господ Исус Христос за таа да се покае и да се промени. Она што го знаеме е дека таа беше жената која „веруваше во неговото име“ со разбирање дека таа не е надвор од дофатот на Неговата бесконечна и вечна жртва.

Нарушени Односи со Другите

Во Лука поглавје 15 читаме за параболата на човек кој имал два сина. Помладиот син го побарал неговиот татко за наследство, отиде во далечна земја, и таму го потроши својот дел, живеејќи блудно.4

„И кога тој потрошил сѐ, настана силен глад во таа земја; и тој се најде во мака.

„Па отиде кај еден човек во таа земја и се погоди, и тој го прати во своите полја да пасе свињи.

„И страден беше да го наполни својот стомак макар и со рокчиња што ги јадеа свињите: но никој не му ги даваше.

„А кога дојде на себе си, рече: „Колку наемници кај татко ми имаат леб во изобилие, а јас, пак, така ќе умрам од глад!

„Ќе станам и ќе отидам кај татко ми и ќе му речам: „Татко згрешив и против небото и против тебе.

„И не сум веќе достоен да се наречам твој син: но прими ме како еден од своите наемници.

„Па стана и отиде кај татка си. И кога беше уште далеку, го виде неговиот татко и се сожали на него, па потрча, го прегрна и го целива.“5

Фактот што таткото потрчал по својот син, верувам дека кажува многу. Личната повреда што синот ја нанаел на таткото сигурно дека била длабока и голема. Исто така, таткото можеби е искрено засрамен од постапките на својот син.

Па, зошто таткото не чекал неговиот син да се извини? Па, зошто не чекаше понуда за враќање и помирување пред да даде прошка и љубов? За ова јас често размислував.

Господ поучува дека да им се простува на другите е сеопфатна заповед: „Јас, Господ, ќе им простам на оние што сакам да им простам, но од вас се бара да им простите на сите луѓе.“6 За да може да се даде простување потребна огромна храброст и понизност. За тоа исто така е потребно време. Тоа бара од нас да имаме целосна верба и вера во Господа, додека ја преземаме одговорноста за состојбата на нашите срца. Овде лежи клучот на значењето и моќта на нашето право на избор.

Со приказот на овој татко во параболата за блудниот син, Спасителот нагласил дека простувањето е еден од најблагородните дарби што можеме да си го подариме едни на други а најконкретно на нас самите. Растоварувањето на нашите срца преку простувањето не секогаш е лесно, но преку моќта на Исус Христос, тоа станува можно.

Наши Скршени Делови

Во Дела на Апостолите поглавје 3 дознаваме за еден човек кој е куц од раѓање и “него го носеа секој ден и го поставуваа пред поратата на храмот наречена Красна, за да проси милостина од оние што влегуваа во храмот.“7

Куциот просјак имаше над 40 години8 и го помина целиот свој живот во навидум бескрајна состојба на посакување и чекање, зашто беше зависен од помошта и великодушноста на другите.

Еден ден тој виде како „Петар и Јован сакаа да влезат во храмот [и] запроси милостина и од нив.

„А Петар, вперувајќи го погледот кон Јован, му рече, Погледни во нас.

„И тој ги гледаше внимателно, очекувајќи да добие нешто од нив.

„Тогаш Петар рече, Сребро и злато јас немам, а што имам, тоа ти давам; во името на Исус Христос од Назарет стани и оди!“

„И само што го фати за десната рака, го исправи, а нему веднаш му се зацврснаа стапалата и глуждовите;

„па скокна се исправи, и почна да оди. Тогаш влезе во храмот заедно со нив скокајќи и фалејќи го Бога.“9

Честопати можеме да се пронајдеме себе си, како куциот просјак на портите од храмот, трпеливо—или понекогаш нетрпеливо—“чекај[ќи] на Господа.“10 Чекајќи да бидеме исцелени физички или емоционално. Чекајќи на одговорите што навлегуваат во најдлабокиот дел од нашите срца. Чекајќи на чудо.

Чекајќи го Господа може да биде свето место—место за полирање и прочистување каде ние може да го спознаеме Спасителот на длабоко личен начин. Чекајќи на Господа може да биде и место каде се наоѓаме себе си прашувајќи, „О Боже, каде си?“11—место кое бара духовна истрајност преку практикување на верата во Христос со намерно избирајќи го Него повторно и повторно и повторно. Го знам ова место, и го разбирам овој вид на чекање.

Поминав безброј часови во установата за лекување рак, обединета во моето страдање со многумина кои копнееја да бидат излечени. Некои преживеаја; други не. Научив на темелен начин дека избавувањето од нашите искушенија е различно за секој од нас, и затоа нашиот фокус треба да биде насочен помалку на начинот на кој сме избавени аповеќе на Самиот Избавувач. Нашиот акцент треба секогаш да биде на Исус Христос!

Вежбањето вера во Христос значи верба не само во Божјата волја туку и во од Него одредено време. Зашто Тој знае точно што ни е потребно и токму кога ни треба. Кога ја доставуваме волјата Господова, на крајот ќе добиеме повеќе од она што сме го посакувале.

Почитувани мои пријатели, сите ние имаме во нашите животи нешто што е скршено е што треба да се закрпи, поправи или залечи. Кога се вртиме кон Спасителот, кога ги порамнуваме нашите срца и мисли со Него, кога се покајуваме, Тој доаѓа кон нас „со исцелување на крилјата свои,“12 ги става Неговите раце љубезно околу нас , и вели, „Тоа е OK. Вие имате само 5—или 16, 23, 48, 64, 91. Ова може да го поправиме заедно!“

Јас сведочам дека ништо што е скршено во вашиот живот не е над исцелителната, откупувачка и овозможувачка моќ на Исус Христос. Во светото име на Тој кој е моќен да исцелува Исус Христос, амин.