Генерална Конференција
Биди Tи очистен
Oктомври 2024 Генерална Конференција


9:43

Биди Tи очистен

Секојдневното покајание ни дозволува да го препознаеме Господовото водство преку Светиот Дух.

Кога имав околу пет години, си играв фудбал со моите пријатели позади црквата во моето мало село во Брегот на Слоновата коска. Многу јасно се сеќавам на повикот на проповедникот до неговата конгрегација да си ги исчистат алиштата во исчекување на доаѓањето на Спасителот. Со оглед на тоа што бев млад, го сфатив овој повик буквално. Истрачав дома брзо колку што моите мали нозе ме носеа и ја преколнував мајка ми да ја исчисти мојата нова облека за да бидам беспрекорен и подготвен за доаѓањето на Спасителот следниот ден. Иако мајка ми беше скептична во врска со претстојното враќање на Спасителот, таа сепак ја испра мојата најдобра облека.

Следното утро, ја облеков сé уште малку влажната облека и нетрпеливо ја чекав најавата за пристигнувањето на Спасителот. Како што одминуваше денот и ништо не се случуваше, решив да одам до просториите за средби. Бев длабоко разочаран кога открив дека црквата е празна, а Спасителот не пристигнал. Можете само да замислите како се чувствував додека бавно чекорев накај дома.

Години подоцна, кога добивав мисионерски часови како подготовка да се приклучам на Црквата на Исус Христос на Светците од Подоцнежните Дни, го прочитав следното „И ништо нечисто не може да влезе во неговото царство; затоа ништо не влегува во неговиот спокој освен оние кои ќе ја измијат својата облека во мојата крв, поради верата своја, и покајанието за сите свои гревови, и својата верност до крај“.

Појаснувањето што го добив тогаш ми помогна да ја разберам важната вистина што мојот млад ум ја избегнуваше многу години порано. Пораката на проповедникот беше фокусирана на важноста од духовна чистота. Тој ја поттикнуваше конгрегацијата да побара покајание, да направат промени во своите животи и да се свртат кон Спасителот за искупување.

Нашиот Небесен Отец го разбира нашето смртно патување и неизбежноста на гревот во нашите животи. Јас сум длабоко благодарен што Тој обезбедил Спасител да не искупи за нашите престапи. Преку Спасителовата помирувачка жртва, секој од нас може да се покае и да побара прошка за да се исчисти. Покајанието, основниот принцип на евангелието, е од суштинско значење за нашиот духовен развој и издржливост додека се движиме низ животните предизвици.

За време на генералната конференција во април 2022 год., Претседателот Расел М. Нелсон го повика секој член на Црквата да ја доживее радоста на секојдневното покајание. Тој рече:

„Ве молам не плашете се и не го одложувајте покајанието. Сатаната се радува на вашата беда. Пресечете го веднаш. Исфрлете го неговото влијание од вашиот живот! Започнете денес за да ја доживувате радоста од одлагањето на природниот човек. Спасителот нѐ сака секогаш, но посебно кога ќе се покаеме. …

„Ако чувствувате дека сте застраниле од заветниот пат пребрзо или предолго и дека нема начин да се вратите, тоа едноставно не е вистина.“

Ако постои нешто за што не сте се покајале целосно, ве охрабрувам да го послушате повикот на Претседателот Нелсон и да не го одолговлекувате вашето покајание. Можеби ќе биде потребно да се вклучи одредена храброст во овој процес; сепак, можам да ве уверам дека радоста што доаѓа од вистинското покајание е неразбирлива. Преку покајание, нашите товари на вина се олеснети и се заменуваат со чувство на мир и спокојство. Кога искрено се каеме, ние сме осветени преку Спасителовата крв, што ја зголемува нашата чувствителност кон поттикнувањата и влијанието на Светиот Дух.

Мојата вечна придружничка беше родена со оштетен слух, и како резултат на тоа, таа мора да носи слушни апарати. Прашината и потта можат да влијаат на перформансите на овие уреди, затоа секое утро јас ја набљудувам како вредно ги чисти цевчињата за поврзување пред да ги стави овие помагала. Оваа едноставна, но постојана рутина ја отстранува сета нечистотија, влага или кондензација, подобрувајќи ја нејзината способност за ефикасно слушање и комуникација. Кога таа го запоставува овој секојдневен ритуал, нејзината способност за слушање страда во текот на денот; изговорените зборови постепено исчезнуваат и на крај стануваат нечујни. Исто како што нејзиното секојдневно чистење на слушните помагала и овозможува да слуша јасно, секојдневното покајание ни овозможува да го согледаме водството на Господ преку Светиот Дух.

При крајот на Господовата смртна служба и пред Неговото заминување во Рајската градина, Тој ги подготвил Неговите ученици да се соочат со претстојните искушенија. Ги увери со зборовите: „Но Утешителот, што е Светиот Дух, кого Отецот го испрати во мое име, ќе ве научи на сé, и ќе ве потсети на сé, што сум ви кажал“.

Една од основните функции на Светиот Дух е да го предупреди, предводи и води секој поединец кој го слуша кроткиот, внатрешен глас. Исто како што блокираните цевчиња за комуникација во слушниот апарат можат да го попречат неговото правилно функционирање, така и нашата духовна врска со нашиот Небесниот Отец може да биде нарушена, што ќе доведе до опасни заблуди или одбивање да се послуша Неговиот совет. Предноста на интернетот ги направи информациите подостапни од било кога порано. Ова може да нѐ натера да се свртиме кон светот за водство наместо кон Бога. Претседателот Расел М. Нелсон поучуваше, „Во деновите што доаѓаат нема да биде можно да се преживее духовно без водењето, насочувањето, утехата и постојаното влијание на Светиот Дух“

Благодарен сум што секој од нас може да го прими дарот на Светиот Дух за време на ракополагањето за потврдување. Меѓутоа, Претседателот Далин Х. Оукс предупреди дека „достапните благослови преку дарот на Светиот Дух зависат од достојноста [и] ‘Духот господов не живее во несвети храмови’ [Хеламан 4:24]“,

Кога свесно избираме да го следиме водството на пророците и апостолите, нашата способност да го имаме Светиот Дух како наш постојан придружник расте. Светиот Дух внесува јасност во одлучувањето, предизвикувајќи мисли и впечатоци кои се во согласност со волјата на нашиот Небесен Отец. Да се има Светиот дух за постојан придружник е клучно за нашиот духовен раст.

Неодамна бев назначен да претседавам со конференција на кол во колот Гранер Вест, Солт Лејк Сити во Јута. За време на овој настан, се сретнав со претседателот на кол кој ревносно ја разви неговата способност да ги препознава поттикнувањата од Светиот Дух преку праведен живот и секојдневно покајание. Како дел од нашите напори за служење, координиравме посети на три домови. По завршувањето на нашата последна посета, ни преостанаа приближно 30 минути до следниот ангажман. Кога се враќавме кон кол центарот, Претседателот Чеснат доби идеја да посетиме уште едно семејство. И двајцата се согласивме да го следиме неговиот поттик.

Го посетивме семејството Џонс, каде откривме дека Сестра Џонс е легната во кревет поради болест. Беше очигледно дека и беше потребен свештенички благослов. Со нејзина дозвола, и дадовме. Кога се подготвувавме за заминување, сестра Џонс праша од каде знаевме за нејзината итна потреба од благослов. Вистината е, ние не знаевме. Меѓутоа, нашиот Небесен Отец, кој беше свесен за нејзините потреби, го знаеше тоа и го инспирира Претседателот Чеснат да го посети нејзиниот дом. Кога сме приемчиви кон водството на тивкиот, мал глас, ние сме подобро опремени за да им служиме на оние кои имаат потреба од тоа.

Јас сведочам за љубезниот и сакан Небесен Отец. Исус Христос е Спасителот и Искупител на човештвото. Јас сведочам дека Помирувањето на Исус Христос е вистинско и дека кога учиме да го следиме водството на Светиот Дух, Тој ќе не одведе кон покајание и употреба на моќта на Помирувањето на Спасителот во нашиот живот. Претседателот Расел М. Нелсон е вистинскиот и жив пророк на Господ, со сите свештенски клучеви на земјата денес. Во името на Исус Христос, амин.

Белешки

  1. 3 Нефи 27:19.

  2. Russell M. Nelson, “The Power of Spiritual Momentum,” Liahona, May 2022, 98–99.

  3. Јован 14:26.

  4. Расел М. Нелсон, “Revelation for the Church, Revelation for Our Lives,” Liahona, May 2018, 96.

  5. Dallin H. Oaks, “Always Have His Spirit,” Ensign, Nov. 1996, 61.

  6. Името Џонс не е име на семејството кое го посетивме. Искористив произволно име за заштита на нивната приватност. Добив писмено одобрение од Претседателот Чеснат да го употребам неговото име како и името на колот.