Свети Писма
3 Нефи 10


Глава 10

Во земјата има тишина многу часови—Гласот на Христос ветува да го собере Неговиот народ како што кокошката ги собира нејзините пилиња—Поправедниот дел од народот беше зачуван. Околу 34–35 н.е.

1 И сега ете, се случи целиот народ на земјата да ги слушне овие кажувања, и да посведочи. И после овие кажувања имаше тишина во земјата неколку часа;

2 Бидејќи толку големо беше изненадувањето на народот што тие престанаа да оплакуваат и да завиваат за загубата на нивните колена кои беа убиени; затоа постоеше тишина во земјата неколку часа.

3 И се случи повторно да дојде глас до народот, и сите луѓе го слушнаа, и посведочија за тоа, велејќи:

4 О народе на овие големи градови кои паднаа, кои се потомци на Јаков, да, кои се од Израеловиот дом, колку често Јас ве собирав како што кокошката ги собира пилињата под нејзините крила, и ве негував.

5 И повторно, колку често Јас ве собирав како што кокошката ги собира нејзините пилиња под крилјата, да, О народе од Израеловиот дом, кои паднавте; да, О народе од Израеловиот дом, вие кои живеете во Ерусалим, како вие кои паднавте; да, колку често Јас ќе ве соберев како што кокошката ги собира пилињата, а вие не сакавте.

6 О вие Израелов доме кого Јас го поштедив, колку често Јас ќе ве собирам како што кокошката ги собира пилињата под нејзините крилја, ако се покаете и ми се вратите Мене со полна намера во срцата.

7 Но ако не, О Израелов доме, местата на вашите живеалишта ќе станат пустошени до времето на исполнување на заветот на вашите татковци.

8 И сега се случи откако народот ги слушна овие зборови, ете, повторно започнаа да цимолат и да завиваат поради загубата на нивните колена и пријатели.

9 И се случи така да поминат три дена. И беше наутро, и темнината се распрсна од лицето на земјата, и земјата престана да се тресе, и карпите престанаа да се распарчуваат, и ужасното стенкање престана, и сите бучни вреви престанаа.

10 И земјата повторно заедно се спои, толку што стоеше; и жалењето, и цимолењето, и лелекањето на народот кој беше поштеден престана; и нивното жалење беше претворено во радост, и нивното оплакување во пофалба и заблагодарување на Господ Исус Христос, нивниот Искупител.

11 И така беа исполнети светите писма кои беа зборувани од пророците.

12 И беше поправедниот дел од луѓето кои беа спасени, и тие беа оние кои ги примија пророците и не ги каменуваа; и беа оние кои не ја пролеваа крвта на светците, кои беа поштедени—

13 И беа поштедени и не беа потонати и закопани во земјата; и не беа удавени во длабочините на морето; и не беа изгорени од оган, ниту пак нешто падна врз нив и ги смачка до смрт; и не беа однесени од виорот; ниту беа совладани од пареата на чадот и на темнината.

14 И сега, кој чита, нека разберат; тој што ги има светите писма, нека ги пребара, и нека ги виде и здогледа дали сите овие уништувања со оган, и со чад, и со невремиња, и со виори, и со отворање на земјата да ги голтне, и сите овие нешта не се исполнувањето на пророштвата на многу свети пророци.

15 Ете, јас ви велам, Да, многу сведочеа за овие нешта при доаѓањето на Христос, и беа убиени бидејќи сведочеа за овие нешта.

16 Да, пророкот Зенос сведочеше за овие нешта, и исто така Зенок зборуваше во врска со овие нешта, бидејќи сведочеа особено за нас, кои сме остаток од нивното семе.

17 Ете, нашиот татко Јаков исто така сведочеше во врска со остаток од семето на Јосиф. И ете, зарем не сме ние остаток од семето на Јосиф? И овие нешта што сведочат за нас, зарем не се напишани на плочите од месинг кои нашиот татко Лехи ги изнесе од Ерусалим?

18 И се случи на крајот на триесет и четвртата година, ете, ќе ви покажам дека на народот на Нефи кој беше поштеден, и исто на оние кои беа наречени Ламанити, кој беше поштеден, им беа покажани големи благонаклонетости, и големи благослови им се излеаја врз главите, толку што скоро после воздигнувањето на Христос на небесата Тој навистина им се прикажа Самиот на нив—

19 Покажувајќи им го Неговото тело, и служејќи им; и извештај за Неговата служба ќе биде даден подоцна. Затоа засега ставам крај на моите кажувања.