Глава 9
Во темнината, гласот на Христос го објавува уништувањето на многу луѓе и градови за нивната пакост—Тој исто така ја објавува Неговата божественост, изјавува дека законот на Мојсеј е исполнет, и ги поканува луѓето да дојдат кај Него и да бидат спасени. Околу 34 н.е.
1 И се случи да има еден глас слушнат од сите жители на земјата, врз целото лице на оваа земја, повикувајќи:
2 Тешко, тешко, тешко на овој народ; тешко на жителите на целата земја освен ако не се покајат; бидејќи ѓаволот се смее, и неговите ангели се радуваат, поради убиството на убавите синови и ќерки на Мојот народ; и поради нивното беззаконие и одвратности тие се паднати!
3 Ете, Јас го изгорев со оган тој голем град Зарахемла, и тамошните жители.
4 И ете, тој голем град Морони Јас го предизвикав да потоне во длабочините на морето, и тамошните жители да бидат удавени.
5 И ете, Јас го покрив со земја тој голем град Морониха, и тамошните жители, за да ги скријам нивните беззаконија и одвратности од Моето лице, за крвта на пророците и светците да не Ми доаѓа Мене повеќе против нив.
6 И ете, градот Гилгал Јас направив да потоне, и тамошните жители да бидат закопани во длабочините на земјата;
7 Да, и градот Ониха и тамошните жители, и градот Мокум и тамошните жители, и градот Ерусалим и тамошните жители; и Јас направив да се појави вода на нивно место, за да ги скрие нивните пакости и одвратности од пред Моето лице, за крвта на пророците и светците повеќе да не Ми доаѓа Мене против нив.
8 И ете, градот Гадианди, и градот Гадиомна, и градот Јаков, и градот Гимгимно, сите овие предизвикав да потонат, и на нивните места направив ридови и долини; и тамошните жители ги закопав во длабочините на земјата, за да ги скријам нивните пакости и одвратности од Моето лице, за крвта на пророците и светците повеќе да не Ми доаѓа против нив.
9 И ете, тој голем град Јаковугат, кој беше населен од народот на царот Јаков, направив да биде изгорен со оган поради нивните гревови и пакост, која беше над секоја пакост на целата земја, поради нивните тајни убиства и сојузи; бидејќи тие го уништија мирот на Мојот народ и владата на земјата; затоа направив да бидат изгорени, да ги уништам од Моето лице, за крвта на пророците и светците повеќе да не Ми доаѓа Мене против нив.
10 И ете, градот Ламан, и градот Још, и градот Гад, и градот Кишкумен, Јас направив да бидат запалени со оган, и тамошните жители, поради нивната пакост во отфрлање на пророците, и каменување на оние кои Јас ги испратив да им објават во врска со нивната пакост и нивните одвратности.
11 И поради тоа што ги отфрлија сите, така што немаше ниту еден праведен помеѓу нив, Јас испратив оган и ги уништив, за нивните пакости и одвратности да можат да бидат скриени од пред Моето лице, за крвта на пророците и светците кои ги испратив помеѓу нив да не Ми довика од земјата против нив.
12 И направив многу големи уништувања да дојдат на оваа земја, и врз овој народ, поради нивните пакости и одвратности.
13 О сите вие кои сте поштедени бидејќи бевте поправедни од нив, зарем сега нема да се вратите кај Мене, и да се покаете за вашите гревови, и да бидете преобратени, за Јас да ве исцелам?
14 Да, навистина Јас ви кажувам, ако дојдете кај Мене ќе имате вечен живот. Ете, Мојата рака на милоста е испружена кон вас, и кој и да дојде, Јас ќе го примам; и нека се благословени оние кои доаѓаат кај Мене.
15 Ете, Јас сум Исус Христос Божјиот Син. Јас ги создадов небесата и земјата, и сите нешта кои се во нив. Јас бев со Отецот од почетокот. Јас сум во Отецот, и Отецот во Мене; и во Мене Отецот го прослави Неговото име.
16 Јас им дојдов на Моите, а Моите не Ме примија Мене. И светите писма во врска со Моето доаѓање се исполнети.
17 И сите што Ме примиле Мене, на нив Јас им овозможив да станат Божјите синови; и така ќе продолжам Јас за сите кои веруваат во Моето име, бидејќи ете, преку Мене доаѓа искупување, и во Мене е исполнет Мојсиевиот закон.
18 Јас сум светлината и животот на светот. Јас сум Алфа и Омега, почетокот и крајот.
19 И повеќе нема да Ми нудите Мене крвопролевање; да, вашите жртвувања и вашите запалени приноси ќе бидат укинати, бидејќи Јас нема да прифатам од вашите жртви и изгорени приноси.
20 И вие ќе ми понудите за жртва скршено срце и покајувачки дух. И сите што ќе дојдат кај Мене со скршено срце и покајувачки дух, нив Јас ќе ги крштавам со оган и со Светиот Дух, и тоа како Ламанитите, поради нивната вера во Мене за време на нивното преобратување, беа крстени со оган и со Светиот Дух, и не знаеја.
21 Ете, Јас дојдов на светот да му донесам искупување на светот, да го спасам светот од грев.
22 Затоа, секој кој ќе се покае и дојде при Мене како мало дете, Јас ќе го примам, бидејќи за такви е Божјото царство. Ете, за такви Јас го положив Мојот живот, и повторно го земав; затоа покајте се, и дојдете при Мене вие краишта на земјата, и бидете спасени.