Свети Писма
3 Нефи 1


Трети Нефи

Книгата на Нефи
Синот на Нефи, кој беше Синот на Хеламан

И Хеламан беше синот на Хеламан, кој беше синот на Алма, кој беше синот на Алма, кој е потомок на Нефи кој беше син на Лехи, кој излезе од Ерусалим во првата година на владеењето на Зедекија, царот на Јудеја.

Глава 1

Нефи, синот на Хеламан, си заминува од земјата, и неговиот син Нефи ги води записите—Иако знаци и чуда изобилуваат, пакосните планираат да ги убијат праведните—Ноќта на Христовото раѓање пристигнува—Знакот е даден, и нова ѕвезда се појавува—Лагите и измамите се зголемуваат, и крадците на Гадиантон кољаат многу. Околу 1–4 н.е.

1 Сега се случи дека помина деведесет и првата година и беше шестотини години од времето кога Лехи го напушти Ерусалим; и беше во годината кога Лаконеус беше главен судија и управник врз земјата.

2 И Нефи, синот на Хеламан, си замина од земјата Зарахемла, давајќи му должност на неговиот син Нефи, кој беше негов најстар син, во врска со плочите од месинг, и сите записи кои беа чувани, и сите тие нешта кои беа зачувани свети од заминувањето на Лехи од Ерусалим.

3 Тогаш тој си замина од земјата, и каде замина, никој не знае; и неговиот син Нефи ги водеше записите на негово место, да, записот на овој народ.

4 И се случи на почетокот на деведесет и втората година, ете, пророштвата на пророците започнаа да се исполнуваат поцелосно; бидејќи започнаа да се појавуваат поголеми знаци и поголеми чуда направени помеѓу народот.

5 Но постоеја некои кои започнаа да велат дека помина времето за да се исполнат зборовите, кои беа говорени од Самуел, Ламанитот.

6 И тие започнаа да се радуваат врз нивните браќа, велејќи: Ете, помина времето, а зборовите на Самуел не се исполнети; затоа, вашата радост и вашата вера во врска со ова беше залудна.

7 И се случи да направат голема врева низ земјата; а народот кој веруваше започна да станува многу тажен, од страв за било која причина да не се случат тие нешта кои беа говорени.

8 Но ете, тие гледаа постојано за тој ден и таа ноќ и тој ден кои ќе бидат како еден ден, како да нема ноќ, за да можат да знаат дека нивната вера не беше залудна.

9 Сега се случи дека неверниците одделија ден, за сите оние кои веруваа во тие традиции да бидат усмртени освен ако не се појави знакот, кој беше даден од Самуел пророкот.

10 Сега се случи кога Нефи, синот на Нефи, ја виде пакоста на неговиот народ, неговото срце премногу се натажи.

11 И се случи тој да тргне и да се поклони врз земјата, и моќно Му довикна на неговиот Бог во име на неговиот народ, да, тие кои наскоро ќе беа уништени поради нивната вера во традицијата на нивните татковци.

12 И се случи тој силно да му довикуваше на Господ целиот тој ден; и ете, Господовиот глас дојде при него, велејќи:

13 Крени ја главата и биди весел; бидејќи ете, се ближи времето, и на оваа ноќ ќе биде даден знакот, и утре Јас ќе дојдам во светот, да му покажам на светот дека Јас ќе го исполнам сето тоа што Јас предизвикав да биде кажано од устата на Моите свети пророци.

14 Ете, Јас доаѓам кај Моите своите, за да ги исполнам сите нешта кои Јас им ги открив на човечките деца од основањето на светот, и да ја правам волјата, и на Отецот и на Синот—на Отецот поради Мене, а на Синот поради Моето тело. И ете, се ближи времето, и оваа ноќ ќе биде даден знакот.

15 И се случи дека зборовите кои дојдоа кај Нефи беа исполнети, како што беа кажани; зашто ете, при заоѓањето на сонцето немаше темнина; а народот започна да станува запрепастен бидејќи немаше темнина кога дојде ноќта.

16 И постоеја многу, кои не веруваа во зборовите на пророците, кои паднаа на земјата и изгледаа како да се мртви, бидејќи знаеја дека големиот план за уништување кои го скроија за оние кои веруваа во зборовите на пророците беше спречен; бидејќи знакот кој беше даден веќе следуваше.

17 И тие започнаа да сфаќаат дека Божјиот Син мора наскоро да се појави; да, накратко, целиот народ на лицето на оваа земја од западот до истокот, и на земјата на север и на земјата на југ, беа толку прекумерно запрепастени што паднаа на земјата.

18 Зашто знаеја дека пророците беа сведочеле за овие нешта многу години, и дека знакот кој беше даден веќе следуваше; и започнаа да се плашат поради нивното беззаконие и неверување.

19 И се случи да нема темнина за сета таа ноќ, туку беше светла како да беше средина од денот. И се случи повторно сонцето да изгрее наутро, според соодветниот ред; и знаеја дека е денот кога ќе се роди Господ, поради знакот кој беше даден.

20 И се случија, да, сите нешта, секое делче, според зборовите на пророците.

21 И се случи исто така нова ѕвезда да се појави, според зборот.

22 И се случи од ова време натаму, започнаа лагите испратени помеѓу народот, од Сатаната, да ги закорават нивните срца, со намера да не веруваат во тие знаци и чуда кои беа ги виделе; но без оглед на овие лаги и измами, поголемиот дел од народот веруваше и беа преобратени кај Господ.

23 И се случи Нефи да тргне помеѓу народот, и исто така многу други, крштавајќи во покајание, поради што имаше големо опростување на гревовите. И така народот повторно започна да има мир во земјата.

24 И немаше препирања, освен неколкумина кои започнаа да проповедаат, настојувајќи да докажат преку светите писма дека повеќе не беше целисходно да се одржува Мојсиевиот закон. Сега за ова грешеа, бидејќи не ги разбраа светите писма.

25 Но се случи дека тие наскоро станаа преобратени, и беа убедени за тоа што грешеа, бидејќи им беше откриено дека законот сѐ уште не беше исполнет, и дека мора да биде исполнет во секој дел; да, им стигна зборот дека мора да биде исполнет; да, дека ниту една ситница или цртичка нема да помине додека сѐ не се исполни; затоа во оваа иста година беа доведени до знаење за нивната грешка и ги признаа своите грешки.

26 И така помина деведесет и втората година, носејќи мили вести на народот поради знаците кои се случија, според зборовите на пророштвото на сите свети пророци.

27 И се случи исто така и деведест и третата година да помине во мир, освен крадците на Гадиантон, кои престојуваа во планините, кои ја пустошеја земјата; бидејќи толку силни беа нивните упоришта и тајни места што народот не можеше да ги совлада; затоа извршија многу убиства, и направија голем колеж помеѓу народот.

28 И се случи во деведесет и четвртата година да се зголемуваат во голема мера, бидејќи имаше многу одметници од Нефитите кои избегаа кај нив, што предизвика многу тага кај Нефитите кои останаа во земјата.

29 И исто така постоеше причина за голема тага помеѓу Ламанитите; бидејќи ете, имаа многу деца кои пораснаа и започнаа да стареат и станаа себични, и беа одведени од некои кои беа Зорамити, со нивните лаги и ласкави зборови, да им се придружат на крадците на Гадиантон.

30 И така Ламанитите исто така беа погодени, и започнаа да се намалуваат во нивната вера и праведност, поради пакоста на помладото поколение.