Глава 8
Невремиња, земјотреси, пожари, виори, и нагли природни промени сведочат за распнувањето на Христос—Многу луѓе се уништени—Темнината ја покрива земјата три дена—Оние кои остануваат ја оплакуваат својата судбина. Околу 33–34 н.е.
1 И сега се случи според нашиот запис, и знаеме дека нашиот запис е вистина, бидејќи ете, праведен човек го водеше записот—бидејќи тој навистина направи многу чуда во името на Исус; и не постоеше ниту еден човек што може да направи чудо во името на Исус освен ако не беше исчистен секој дел од неговото беззаконие—
2 И сега се случи, ако немаше грешка направена од овој човек во сметањето на нашето време, да помине триесет и третата година;
3 И народот започна со голема сериозност да го бара знакот кој беше даден од пророкот Самуел, Ламанитот, да, за времето кога ќе има темнина за време од три дена врз лицето на земјата.
4 И започнаа да се појавуваат големи сомнежи и спорови помеѓу народот, без оглед што беа дадени толку многу знаци.
5 И се случи во триесет и четвртата година, во првиот месец, на четвртиот ден од месецот, се појави голема бура, таква каква што никогаш не беше видена во целата земја.
6 И исто така имаше големо и ужасно невреме; и имаше ужасна грмотевица, толку што ја затресе целата земја како да ќе се поделеше на две.
7 И имаше прекумерно остри молњи, такви какви што никогаш не биле видени во целата земја.
8 И градот Зарахемла го зафати пожар.
9 И градот Морони потона во длабочините на морето, и тамошните жители беа удавени.
10 И земјата беше крената врз градот Морониха, така што на местото на градот се појави голема планина.
11 И се случи големо и ужасно уништување на земјата на југ.
12 Но ете, имаше уште поголемо и поужасно уништување на земјата на север; бидејќи ете, целото лице на земјата беше променето, поради невремето и виорите, и грмотевиците и молњите, и прекумерното големо тресење на целата земја;
13 И патиштата беа распукани, и рамните улици беа распарчени, и многу мазни места станаа груби.
14 И многу големи и забележителни градови беа потонати, и многу беа изгорени, и многу без затресени додека нивните градби не се срушија на земјата, и тамошните жители беа убиени, и местата беа оставени опустошени.
15 И имаше некои градови кои останаа; но нивната штета беше премногу голема, и имаше многу во нив кои беа убиени.
16 И имаше некои кои беа однесени од виорот; и никој не знае каде отидоа, освен што знаат дека беа однесени.
17 И така лицето на целата земја се деформираше, поради невремињата, и грмотевиците, и молњите, и тресењето на земјата.
18 И ете, карпите беа распукани на две; беа разбиени на лицето на целата земја, толку што беа пронајдени во скршени делови, и во слоеви и во пукнатини, врз лицето на целата земја.
19 И се случи кога грмотевиците, и молњите, и бурата, и невремето, и тресењето на земјата запреа—бидејќи ете, траеја за времето од три часа; а некои велеа дека траело повеќе; сепак, сите овие големи и ужасни нешта беа направени за времето од три часа—и тогаш ете, имаше темнина врз лицето на земјата.
20 И се случи да има густа темнина врз лицето на целата земја, толку што тамошните жители кои не паднаа можеа да ја почувствуваат пареата од темнината;
21 И не можеше да има светлина, поради темнината, ниту свеќи, ниту факели; ниту можеше да се запали оган со нивните добри и премногу суви дрва, затоа не можеше да има воопшто светлина;
22 И не беше видена никаква светлина, ниту оган, ниту сјај, ниту сонцето, ниту месечината, ниту ѕвездите, бидејќи толку големи беа маглите на темнината кои беа врз лицето на земјата.
23 И се случи да трае за времето од три дена да не биде видена светлина; и имаше големо жалење и завивање и цимолење помеѓу целиот народ постојано; да, силни беа стенкањата на народот, поради темнината и големото уништување кои ги стигна.
24 И на едно место се слушна како плачат, велејќи: О да се покаевме пред овој голем и ужасен ден, и тогаш нашите браќа би биле поштедени, и не би биле запалени во големиот град Зарахемла.
25 И на друго место се слушна да плачат и жалат, велејќи: О да се покаевме пред овој голем и ужасен ден, и да не ги убиевме и каменувавме пророците, и да не ги отфрлевме; тогаш нашите мајки и нашите убави ќерки, и нашите деца би биле поштедени, и не би биле закопани во тој голем град Морониха. И така завивањата на народот беа големи и ужасни.