Глава 12
Исус ги повикува и овластува дванаесетте ученици—Тој им доставува на Нефитите говор сличен на Проповедта на Планината—Зборува за Блаженството—Неговите учења надминуваат и го заменуваат Мојсиевиот закон—На луѓето им е заповедано да бидат совршени и тоа како што Тој и Неговиот Отец се совршени—Споредете со Матеј 5. Околу 34 н.е.
1 И се случи кога Исус му ги кажа овие зборови на Нефи, и на оние кои беа повикани, (сега бројот на оние кои беа повикани, и примија моќ и власт да крштаваат, беше дванаесет) и ете, Тој ја испружи Неговата рака кон мноштвото, и довика, велејќи: благословени сте вие ако обрнете внимание на зборовите на овие дванаесетмина кои Јас ги одбрав помеѓу вас да ви служат, и да ви бидат слуги; и Јас им дадов моќ да ве крштаваат со вода; и откако ќе бидете крстени со вода, ете, Јас ќе ве крштавам со оган и со Светиот Дух; затоа благословени сте вие ако верувате во Мене и бидете крстени, откако Ме видовте Мене и знаете дека сум Јас.
2 И повторно, уште поблагословени се оние кои ќе веруваат во вашите зборови бидејќи ќе сведочите дека сте Ме виделе Мене, и дека знаете дека сум Јас. Да, нека се благословени оние кои ќе веруваат во вашите зборови, и да се симнат во длабочините на понизноста и да бидат крстени, зашто тие ќе бидат посетени со оган и со Светиот Дух, и ќе добијат опростување за своите гревови.
3 Да, благословени се бедните во духот кои доаѓаат кај Мене, бидејќи нивно е царството небесно.
4 И повторно, благословени се сите кои жалат, бидејќи тие ќе бидат утешени.
5 И благословени се питомите, бидејќи тие ќе ја наследат земјата.
6 И благословени се сите тие кои се гладни и жедни за праведност, бидејќи тие ќе бидат исполнети со Светиот Дух.
7 И благословени се милостивите, бидејќи тие ќе добијат милост.
8 И благословени се сите чисти во срцето, бидејќи тие ќе Го видат Бог.
9 И благословени се сите миротворци, бидејќи ќе бидат наречени Божји деца.
10 И благословени се сите тие кои се прогонувани поради Моето име, бидејќи нивно е небесното царство.
11 И благословени сте кога луѓето ќе ве навредуваат и ќе ве прогонуваат, и лажно ќе кажат секаков вид на зло против вас, заради Мое добро;
12 Зашто вие ќе имате голема радост и ќе бидете премногу среќни, бидејќи голема ќе биде вашата награда на небото; бидејќи така ги прогонуваа и пророците пред вас.
13 Вистина, вистина, Јас ви велам, Јас ви давам да бидете сол на земјата; но ако солта го изгуби вкусот, со што ќе се посоли земјата? Тогаш солта нема да биде добра за ништо, туку да биде фрлена и згазена под човечките стапала.
14 Вистина, вистина, Јас ви велам, Јас ви давам да бидете светлината на овој народ. Град кој е поставен на рид не може да биде скриен.
15 Ете, дали луѓето палат свеќа и ја ставаат под поклопец? Не, туку на држач за свеќи, и им дава светлина на сите во куќата;
16 Затоа нека свети вашата светлина пред овој народ, за да ги видат вашите добри дела и да Го величат вашиот Отец кој е на небесата.
17 Не мислете дека Јас сум дошол да го уништам законот ниту пророците. Јас не сум дошол да уништам туку да исполнам;
18 Зашто навистина ви велам, ниту една цртичка ни делче не поминала од законот, туку во Мене сѐ е исполнето.
19 И ете, Јас ви го дадов законот и заповедите на Мојот Отец, за да верувате во Мене, и за да се покаете од вашите гревови, и да дојдете кај Мене со скршено срце и покајнички дух. Ете, ги имате заповедите пред вас, и законот е исполнет.
20 Затоа дојдете кај Мене и бидете спасени; бидејќи навистина ви кажувам, дека ако не ги одржувате Моите заповеди, кои Јас ви ги заповедав сега, вие никако нема да влезете во небесното царство.
21 Вие сте слушнале дека беше кажано од тие од минатото, и исто така беше запишано пред вас, не убивајте, и сите што убиваат ќе бидат во опасност од Божјата пресуда;
22 Но Јас ви велам, дека секој што ќе се налути на својот брат ќе биде во опасност од Неговата пресуда. И секој што ќе му рече на својот брат, Празноглав, ќе биде во опасност од советот; и секој што ќе рече, Ти будало, ќе биде во опасност од пеколен оган.
23 Затоа, ако дојдете кај Мене, или посакувате да дојдете кај Мене, и се сетите на тоа што вашиот брат има нешто против вас—
24 Одете кај својот брат, и прво помири се со својот брат, и тогаш дојди кај Мене со цела намера во срцето, и Јас ќе те примам.
25 Согласете се брзо со противникот додека не си на патот со него, за да не те фати, и да не те фрли во затвор.
26 Вистина, вистина, Јас ти кажувам, дека никако нема да излезеш од таму сѐ додека не го платиш и последниот сенин. А додека не си во затвор можеш ли да платиш дури и еден сенин? Вистина, вистина, Јас ти велам, Не.
27 Ете, запишано е од оние од старите времиња, да не извршувате прељуба;
28 Но Јас ти велам, дека секој што ќе погледне на жена, да се жедни за неа, веќе извршил прељуба во своето срце.
29 Ете, Јас ви давам заповед, да не дозволите ништо од овие нешта да ви влезе во срцето;
30 Зашто подобро е да се откажете од овие нешта, така што ќе го земете вашиот крст, отколку да бидете фрлени во пекол.
31 Запишано е, дека секој што ќе ја остави својата жена, нека ѝ даде разводно писмо.
32 Вистина, вистина, Јас ви велам, дека секој што ќе ја остави својата жена, освен поради блуд, ја тера да прави прељуба; а кој и да се венча со неа кој е разведен извршува прељуба.
33 И повторно е запишано, не заколнувај се лажно, туку исполнувај ги заклетвите пред Господ;
34 Но вистина, вистина, Јас ти велам, немој воопшто да се заколнуваш; ни на небесата, бидејќи е Божји престол;
35 Ниту на земјата, бидејќи е Негово подножје;
36 Ниту ќе се колнеш во главата, бидејќи не можеш да направиш ниту едно влакно црно или бело;
37 Туку нека твојот збор биде Да, да; Не, не; бидејќи сѐ што е повеќе од ова е зло.
38 И ете, запишано е, око за око, и заб за заб;
39 Но Јас ви велам, дека нема да му одолеете на злото, но кој и да ве удри на десниот образ, завртете му го и другиот;
40 И ако некој ве тужи пред законот и ви го одземе вашето палто, дадете му ја и наметката;
41 И оној што ќе ве принуди да чекорите една милја со него, одете со него две.
42 Дај му на тој што ти бара, и не оттргнувај го оној што сака да позајмува од тебе.
43 И ете исто така е запишано, да го љубите својот сосед и мразите својот непријател;
44 Но ете Јас ви велам, љубете ги вашите непријатели, благословувајте ги оние кои ве проколнуваат, правете им добро на оние кои ве мразат, и молете се за оние кои и покрај тоа ве користат и ве прогонуваат;
45 За да можете да бидете деца на вашиот Отец Кој е на небесата; бидејќи Тој прави Неговото сонце да изгрева сонцето и над лошите и над добрите.
46 Затоа тие нешта кои се од старите времиња, кои беа под законот, во Мене се исполнети.
47 Старите нешта се укинати, и сите нешта станаа нови.
48 Затоа Јас би сакал да бидете совршени како што Јас, или вашиот Отец Кој е на небесата е совршен.