Глава 19
Дванаесетте ученици му служат на народот и се молат за Светиот Дух—Учениците се крстени и го примаат Светиот Дух и служењето на ангелите—Исус се моли користејќи зборови кои не можат да бидат напишани—Тој сведочи за прекумерно големата вера на овие Нефити. Околу 34 н.е.
1 И сега се случи кога Исус се воздигна на небесата, мноштвото се распрсна, и секој маж ја зема својата жена и своите деца и се врати во сопствениот дом.
2 И веднаш се разгласи наоколу помеѓу целиот народ, пред да биде уште мрак, дека мноштвото Го беше видело Исус, и дека Тој им беше служел на нив, и дека Тој исто така ќе му се покаже Самиот следниот ден на мноштвото.
3 Да, и дури цела ноќ се разгласуваше во врска со Исус; и толку разгласуваа помеѓу народот што беа многу, да, премногу голема бројка, кои работеа премногу цела таа ноќ, за да можат следниот ден да бидат на местото каде Исус ќе се покаже на мноштвото.
4 И се случи следниот ден, кога мноштвото беше собрано заедно, ете, Нефи и неговиот брат кој го беше кренал од мртвите, чие име беше Тимотеј, и исто така неговиот син, чие име беше Јона, и исто Матони, и Матониха, неговиот брат, и Кумен, и Куменонхи, и Еремија, и Шемнон, и Јона, и Зедекија, и Исаија—сега овие беа имињата на учениците кои Исус ги одбра—и се случи да тргнат напред и да стојат на среде мноштвото.
5 И ете, мноштвото беше толку големо што нареди да бидат разделени на дванаесет групи.
6 И дванаесетте го поучуваа мноштвото; и ете, наредија мноштвото да клекне врз лицето на земјата, и да Му се моли на Отецот во името на Исус.
7 И учениците Му се молеа на Отецот исто во името на Исус. И се случи да станат и да му служат на народот.
8 И кога ги проповедаа истите зборови што Исус ги кажа—не променувајќи ништо од зборовите што Исус ги кажа—ете, повторно клекнаа и Му се молеа на Отецот во името на Христос.
9 И тие се молеа за тоа што најмногу го посакуваа; и посакуваа да им биде даден Светиот Дух.
10 И додека така се молеа се спуштија до работ на водата, и мноштвото ги следеше.
11 И се случи Нефи да влезе во водата и да биде крстен.
12 И тој излезе од водата и започна да крштава. И ги крштаваше сите оние кои Исус ги беше одбрал.
13 И се случи кога сите беа крстени и беа излегле од водата, Светиот Дух се спушти врз нив, и беа исполнети со Светиот Дух и со оган.
14 И ете, беа опкружени како да беше со оган; и се спушти од небесата, и мноштвото го виде тоа, и посведочи за тоа; и ангели се спуштија од небесата и им служеа.
15 И се случи додека ангелите им служеа на учениците, ете, Исус дојде и застана на средина и им служеше.
16 И се случи дека Тој му проговори на мноштвото, и им заповеда да клекнат повторно на земјата, а исто така и Неговите ученици да клекнат на земјата.
17 И се случи кога сите беа клекнале врз лицето на земјата, Тој им заповеда на Неговите ученици да се молат.
18 И ете, започнаа да се молат; и Му се молеа на Исус, нарекувајќи Го Него нивен Господ и нивен Бог.
19 И се случи Исус да си замине од среде нив, и се тргна малку од нив и се поклони на земјата, и Тој кажа:
20 Оче, Јас Ти благодарам Тебе што Ти им го даде Светиот Дух на овие кои Јас ги одбрав; и поради нивното верување во Мене Јас ги одбрав од светот.
21 Оче, Јас Ти се молам дека Ти ќе им го дадеш Светиот Дух на сите тие кои ќе веруваат во нивните зборови.
22 Оче, Ти им го даде Светиот Дух бидејќи тие веруваат во Мене; и Ти гледаш дека веруваат во Мене бидејќи Ти ги слушаш, и ми се молат на Мене; и тие ми се молат на Мене бидејќи Јас сум со нив.
23 И сега Оче, Јас Ти се молам за нив, и исто за сите тие кои ќе веруваат во нивните зборови, за да можат да веруваат во Мене, за да бидам Јас во нив како што си Ти, Оче, во Мене, за да можеме да бидеме едно.
24 И се случи кога Исус така Му се помоли на Отецот, Тој дојде при Неговите ученици, и ете, тие сѐ уште продолжија, без запирање, да Му се молат Него; и не повторуваа многу зборови, бидејќи им беше дадено за што да се молат, и беа исполнети со копнеж.
25 И се случи Исус да ги благослови додека Му се молеа Него; и Неговиот лик им се насмеа, и светлината на Неговиот лик блескаше на нив, и ете беа бели како ликот и исто облеките на Исус; и ете таа белина ја надминуваше секоја белина; да, дури и не можеше да има ништо на земјата толку бело како таа белина.
26 И Исус им кажа: Продолжете да се молите, сепак не запреа да се молат.
27 И Тој повторно се тргна од нив, и замина малку настрана и се поклони Самиот на земјата; и Тој повторно Му се молеше на Отецот, велејќи:
28 Оче, Јас ти благодарам што Ти си ги прочистил тие кои Јас ги одбрав, поради нивната вера, и Јас се молам за нив, и исто за тие кои ќе им веруваат на нивните зборови, за да можат да бидат прочистени во Мене, преку вера во нивните зборови, и тоа како што се прочистени во Мене.
29 Оче, Јас не се молам за светот, туку за тие кои Ти ми ги даде од светот, поради нивната вера, за да можат да бидат прочистени во Мене, за да бидам Јас во нив како што си Ти, Оче, во Мене, за да можеме да бидеме едно, за Јас да можам да бидам прославен во нив.
30 И кога Исус ги изговори овие зборови Тој повторно дојде кај Неговите ученици; и ете Му се молеа постојано, без запирање, на Него; и Тој повторно им се насмевна; и ете беа бели, и тоа како Исус.
31 И се случи повторно Тој малку да се тргне и да Му се моли на Отецот;
32 А јазикот не може да ги изговори зборовите на кои Тој се молеше, ниту можат да бидат напишани од човеко зборовите со кои Тој се молеше.
33 И мноштвото ги слушна и посведочи; и нивните срца беа отворени и ги разбираа во нивните срца зборовите со кои Тој се молеше.
34 Сепак, толку големи и зачудувачки беа зборовите со кои Тој се молеше што не можат да бидат запишани, ниту можат да бидат изговорени од човекот.
35 И се случи кога Исус заврши со молење Тој повторно дојде кај учениците, и им кажа: Толку голема вера Јас никогаш не сум видел помеѓу сите Евреи; затоа што Јас не можев да им покажам на нив толку големи чуда, поради нивното неверување.
36 Вистина Јас ви велам, нема никој од нив што видел толку големи нешта како што вие сте виделе; ниту слушнале толку големи нешта како што вие слушнавте.