Свети Писма
Мосија 11


Глава 11

Царот Ное владее со пакост—Ужива во бујно живеење со неговите жени и конкубини—Абинади пророкува дека народот ќе биде одведен во ропство—Царот Ное го бара неговиот живот. Околу 160–150 п.н.е.

1 И сега се случи Зениф да му го додели царството на Ное, еден од неговите синови; затоа Ное започна да владее на негово место; и не чекореше по патеките на татко му.

2 Зашто ете, не ги одржуваше Божјите заповеди, туку чекореше според желбите на сопственото срце. И имаше многу жени и конкубини. И нареди неговиот народ да извршува грев, и да го прави тоа што беше одвратно во Господовите очи. Да, и извршуваа блудства и секаков вид на пакост.

3 И тој им наметна данок од една петина од сѐ што поседуваа, една петина од нивното злато и од нивното сребро, и една петина од нивниот зиф, и од нивниот бакар, и од нивниот месинг и нивното железо; и една петина од нивната угоена стока; и исто така една петина од сето нивно жито.

4 И сето тоа го зема за да се издржува себеси, и неговите жени и неговите конкубини; и исто така неговите свештеници, и нивните жени и конкубини; така ги промени состојбите во царството.

5 Зашто ги симна сите свештеници кои беа осветени од татко му, и освети нови на нивно место, такви што беа кренати во гордоста на своите срца.

6 Да, и така беа издржувани во нивната мрзеливост, и во нивното идолопоклонство, и во нивните блудства, преку даноците кои царот Ное беше му ги наметнал на неговиот народ; така народот работеше премногу за да издржува беззаконие.

7 Да, и исто така станаа идолопоклонички, бидејќи беа измамени од суетните и ласкави зборови на царот и свештениците; бидејќи тие им говореа ласкави нешта.

8 И се случи царот Ное да изгради отмени и пространи градби; и ги украси со фини дрвени изработки, и со секаков вид на скапоцени нешта, од злато, и од сребро, и од железо, и од месинг, и од зиф, и од бакар;

9 И исто така си изгради пространа палата, и престол на нејзината средина, целиот беше од фино дрво и беше украсен со злато и сребро и со скапоцени нешта.

10 И тој исто така нареди неговите работници да изработат секаков вид на фини изработки во ѕидините на храмот, од квалитетно дрво, и од бакар, и од месинг.

11 И седиштата кои беа одвоени за високите свештеници, кои беа над сите други седишта, ги украси со чисто злато; и нареди пред нив да се изгради потпирач, за да ги одмараат нивните тела и раце додека му зборуваат лажни и суетни зборови на неговиот народ.

12 И се случи да изгради кула во близина на храмот; да, многу висока кула, дури толку висока што можеше да стои на нејзиниот врв и да ја гледа земјата Силом, и исто земјата Шемлон, која беше поседувана од Ламанитите; и можеше дури да гледа низ целата земја наоколу.

13 И се случи да нареди многу градби да бидат изградени во земјата Силом; и нареди голема кула да се изгради на ридот северно од земјата Силом, која беше засолниште за децата на Нефи во времето кога избегаа од земјата; и така направи со богатствата кои ги доби преку данокот на својот народ.

14 И се случи да го постави своето срце врз своите богатства, и го помина неговото време во буен живот со неговите жени и конкубини; и исто така неговите свештеници го минуваа нивното време со блудници.

15 И се случи да насади лозја наоколу во земјата; и изгради преси за цедење, и произведуваше вино во изобилство; и така стана пијаница, а исто така и неговиот народ.

16 И се случи Ламанитите да започнат да го напаѓаат неговиот народ, во мали бројки, за да ги убиваат во нивните полиња, и додека се грижеа за стадата.

17 А царот Ное испрати стражари околу земјата за да ги задржи; но не испрати доволен број, и Ламанитите навалија на нив и ги убија, и протераа многу од нивните стада надвор од земјата; така Ламанитите започнаа да ги уништуваат, и да ја практикуваат нивната омраза врз нив.

18 И се случи царот Ное да ги испрати неговите војски против нив, и беа протерани назад, односно тие ги протераа за одредено време; затоа, се вратија уживајќи во нивниот плен.

19 И сега, поради оваа голема победа беа кренати во гордоста на нивните срца; тие се фалеа со сопствената сила, велејќи дека педесет од нив можат да им се спротивстават на илјада Ламанити; и така се фалеа, и се воодушевуваа во крв, и пролевањето на крвта на нивните браќа, и тоа поради пакоста на нивниот цар и свештеници.

20 И се случи да постои човек помеѓу нив чие име беше Абинади; и тој тргна помеѓу нив, и започна да проповеда, велејќи: Ете така кажа Господ, и така Тој ми заповеда, велејќи: Оди, и кажи му на овој народ, така кажа Господ—Тешко на овој народ, бидејќи Јас ги видов нивните одвратности, и нивната пакост, и нивните блудства; и ако не се покајат Јас ќе ги посетам со Мојот гнев.

21 И ако не се покајат и завртат кон Господ нивниот Бог, ете, Јас ќе ги предадам во рацете на нивните непријатели; да, и ќе бидат доведени во ропство; и ќе бидат погодени од рацете на нивните непријатели.

22 И ќе се случи да знаат дека Јас сум Господ нивниот Бог, и Јас сум љубоморен Бог, посетувајќи ги при беззаконијата на Мојот народ.

23 И ќе се случи ако овој народ не се покае и заврти кон Господ нивниот Бог, ќе бидат доведени во ропство; и никој нема да ги избави, освен Господ Семоќниот Бог.

24 Да, ќе се случи кога ќе довикуваат кон Мене Јас ќе бидам бавен за да ги слушнам нивните довикувања; да, и Јас ќе дозволам да бидат удрени од нивните непријатели.

25 А ако не се покајат со вреќиште и пепел, и моќно довикуваат кон Господ нивниот Бог, Јас нема да им ги слушнам молитвите, ниту Јас ќе ги избавам од нивните неволји; и така кажа Господ, и така Тој ми заповеда.

26 Сега се случи откако Абинади беше им ги кажал овие зборови на нив беа гневни на него, и сакаа да му го одземат животот; но Господ го избави од нивните раце.

27 Сега кога царот Ное беше слушнал за зборовите кои Абинади беше му ги кажал на неговиот народ, и тој исто така беше гневен; и кажа: Кој е Абинади, за јас и мојот народ да бидеме судени од него, или кој е Господ, кој ќе донесе врз мојот народ толку голема неволја?

28 Ви заповедувам да го донесете Абинади овде, за да можам да го погубам, бидејќи тој беше ги кажал овие нешта за да го наведе мојот народ да се лутат едни со други, и да предизвика препирања помеѓу мојот народ; затоа ќе го погубам.

29 Сега очите на народот беа заслепени; затоа ги закоравија нивните срца против зборовите на Абинади, и сакаа од тогаш натаму да го земат. И царот Ное го закорави срцето против словото на Господ, и не се покаја за неговите злобни дела.