Глава 12
Абинади е затворен поради пророкување за уништувањето на народот и за смртта на Царот Ное—Лажните пророци ги цитираат светите писма и се преправаат дека го одржуваат законот на Мојсеј—Абинади започнува да ги поучува за Десетте Заповеди. Околу 148 п.н.е.
1 И се случи после две години Абинади да дојде помеѓу нив маскиран, за Него да не го познаваат, и започна да проповеда помеѓу нив, велејќи: Така ми заповеда Господ, велејќи—Абинади, оди и проповедај му на овој Мој народ, бидејќи ги закоравија нивните срца против Моите зборови; тие не се покајаа за нивните злобни дела; затоа, Јас ќе ги посетам во Мојот гнев, да, Јас ќе ги посетам со Мојот жесток гнев при нивните беззаконија и одвратности.
2 Да, тешко на ова поколение! И Господ ми кажа: Испружи ја раката и проповедај, велејќи: Така кажа Господ, ќе се случи ова поколение, поради нивните беззаконија, ќе биде доведено во ропство, и ќе биде удрено по образите; да, и ќе биде прогонувано од човекот, и ќе биде убиено; и мршојадците на небото, и кучињата, да, и дивите ѕверови, ќе го проголтаат нивното месо.
3 И ќе се случи дека животот на царот Ное ќе биде вреднуван дури како облека во жешка фурна; бидејќи тој ќе знае дека Јас сум Господ.
4 И ќе се случи да Јас го удрам овој Мој народ со тешки маки, да, со глад и со чума; и Јас ќе предизвикам да завиваат цел ден.
5 Да, и Јас ќе направам тие да имаат товари врзани на нивните грбови; и ќе бидат водени како немо магаре.
6 И ќе се случи Јас да испратам град врз нив, и ќе ги погоди и ќе бидат исто така погодени од источниот ветер; и инсекти ќе ја преплават нивната земја, и ќе го проголтаат нивното жито.
7 И тие ќе бидат погодени од голема чума—и Јас ќе го направам сето ова поради нивните беззаконија и одвратности.
8 И ќе се случи ако не се покајат Јас да ги уништам целосно од лицето на земјата; сепак тие ќе остават запис зад нив, кој Јас ќе го зачувам за другите нации кои ќе ја поседуваат земјата; да, дури и ова Јас ќе го направам за Јас да ги откријам одвратностите на овој народ пред другите нации. И Абинади пророкуваше многу нешта против овој народ.
9 И се случи да му бидат гневни; и го зедоа и го одведоа окован пред царот, и му рекоа на царот: Ете, доведовме човек пред тебе кој проповедаше зло во врска со твојот народ, и кажа дека Бог ќе ги уништи.
10 И тој исто така пророкуваше зло во врска со твојот живот, и кажа дека твојот живот ќе биде како облека во огнена фурна.
11 И повторно, тој кажа дека ќе бидеш како стебло, дури како суво стебло во полето, кое е прегазено од ѕверовите и згмечено под нозете.
12 И повторно, тој кажа дека ќе бидеш како цвет на магарешки трн, кој, кога е потполно зрел, ако дува ветерот, ќе биде одвеан од лицето на земјата. И се преправа дека Господ го кажа тоа. И тој кажа дека сето ова ќе ти се случи освен ако не се покаеш, и тоа поради твоите беззаконија.
13 И сега, О цару, какво големо зло си направил, или колку големи гревови направил твојот народ, за да бидеме судени од Бог или судени од овој човек?
14 И сега, О цару, ете, невини сме, и ти, О цару, не си грешел; затоа, овој човек лаже во врска со тебе, и залудно пророкуваше.
15 И ете, силни сме, нема да бидеме во ропство, ниту заробени од нашите непријатели; да, и ти напредуваше во земјата, и исто така ќе напредуваш.
16 Ете, еве го човекот, ти го предаваме; можеш со него да правиш што ти е волја.
17 И се случи цар Ное да нареди Абинади да биде фрлен во затвор; и нареди свештениците да се соберат заедно за да може да се советува со нив што треба да направи со него.
18 И се случи тие да му кажат на царот: Доведете го овде за да го испрашаме; и царот нареди тој да биде доведен пред нив.
19 И тие започнаа да го испрашуваат, за да му се спротивстават, за да можат да имаат со што да го обвинат; но тој смело им одговори, и ги издржа сите нивни прашања, да, на нивно запрепастување; бидејќи тој ги издржа сите нивни прашања, и ги збуни во сите нивни зборови.
20 И се случи еден од нив да му каже: Што значат зборовите кои се напишани, и кои беа поучувани од нашите татковци, велејќи:
21 Колку убави врз планините се стапалата на оној кој носи добри вести; кој објавува мир; кој носи добри вести за добрина; кој објавува спасение; кој му кажува на Сион, Твојот Бог владее;
22 Твоите стражари ќе го кренат гласот; со гласот заедно ќе пејат; бидејќи ќе видат око со око кога Господ повторно ќе го врати Сион;
23 Избувнете со радост; пејте заедно вие истрошени места на Ерусалим; бидејќи Господ го утеши Неговиот народ, Тој го искупи Ерусалим;
24 Господ ја покажа Неговата света рака во очите на сите нации, и сите краишта на земјата ќе го видат спасението на нашиот Бог?
25 И сега Абинади им кажа: Дали сте свештеници, и се преправате дека го поучувате овој народ, и дека го разбирате духот на пророштвото, а сепак сакате да знаете од мене што значат овие нешта?
26 Ви велам, тешко на вас кои ги изопачувате Господовите патишта! Бидејќи ако ги разбирате овие нешта не ги поучувавте; затоа, ги изопачивте патиштата на Господ.
27 Не ги посветивте вашите срца до разбирањето; затоа, не бевте мудри. Затоа, што го учите овој народ?
28 И тие кажаа: Го поучуваме законот на Мојсеј.
29 И тој повторно им кажа: Ако го поучувате законот на Мојсеј зошто не го одржувате? Зошто ги насочувате вашите срца кон богатствата? Зошто извршувате блудства и си ја трошите силата со блудници, да, и правите овој народ да греши, за Господ да ме прати да пророкувам против овој народ, да, дури големо зло против овој народ?
30 Зарем не знаете дека ја зборувам вистината? Да, знаете дека ја зборувам вистината; и треба да треперите пред Бог.
31 И ќе се случи да бидете удрени поради вашите беззаконија, бидејќи рековте дека го поучувате законот на Мојсеј. А што знаете во врска со законот на Мојсеј? Дали спасението доаѓа преку законот на Мојсеј? Што велите?
32 И тие одговорија и кажаа дека спасението доаѓа преку законот на Мојсеј.
33 Но сега Абинади им кажа: Знам дека ако ги одржувате Божјите заповеди ќе бидете спасени; да, ако ги одржувате заповедите кои Господ му ги даде на Мојсеј на планината Синај, велејќи:
34 Јас сум Господ твојот Бог, кој те изведе од земјата Египет, од домот на ропството.
35 Немој да имаш друг Бог пред Мене.
36 Немој да градиш за себе никаков врежан лик, ниту било каква сличност за ништо на небото горе, или за нештата кои се под земјата.
37 Сега Абинади им кажа, Дали го направивте сето ова? Ви велам, Не, не сте го направиле. И дали го поучувавте овој народ дека треба да ги прават сите овие нешта? Ви велам, Не, не сте го поучиле.