Записот на Зениф—Извештај за неговиот народ, од времето кога ја напуштија земјата Зарахемла до времето кога беа избавени од рацете на Ламанитите.
Ги опфаќа главите од 9 до 22.
Глава 9
Зениф води група од Зарахемла да ја заземе земјата на Лехи-Нефи—Ламанитскиот цар им дозволува да ја наследат земјата—Започнува војна помеѓу Ламанитите и народот на Зениф. Околу 200–187 п.н.е.
1 Јас, Зениф, бев поучен за целиот јазик на Нефитите, и имав знаење за земјата Нефи, односно за земјата на првото наследство на нашите татковци, и бев испратен како шпион помеѓу Ламанитите за да ги шпионирам нивните сили, за да може нашата војска да ги нападне и да ги уништи—но кога го видов тоа што беше добро помеѓу нив, посакав тие да не бидат уништени.
2 Затоа, се препирав со моите браќа во дивината, бидејќи сакав нашиот владетел да направи договор со нив; но тој беше суров и крвожеден човек и заповеди да бидам убиен; но бев спасен преку пролевањето на многу крв; бидејќи татко се бореше против татко, и брат против брат, сѐ додека не се уништи поголемиот број на нашата војска во дивината; и се вративме, оние од нас кои беа поштедени, кон земјата Зарахемла, за да им ја раскажеме приказната на нивните жени и деца.
3 А сепак, јас бев премногу ревносен да ја наследам земјата на нашите татковци, собрав толку многу луѓе колку што посакуваа исто да отидат и да ја заземат, и повторно тргнавме на нашето патување во дивината да дојдеме кај земјата; но бевме погодени од глад и тешки маки; зашто бевме бавни да се сетиме на Господ, нашиот Бог.
4 Сепак, после многу денови скитајќи во дивината ние ги поставивме нашите шатори на местото каде нашите браќа беа убиени, што беше близу до земјата на нашите татковци.
5 И се случи дека јас повторно тргнав со четири мои луѓе во градот, до царот, за да може да ја дознаам неговата наклонетост, и да знам дали би можел да влезам со мојот народ да ја заземеме земјата мирно.
6 И отидов пред царот, и тој се завети со мене дека можам да ја заземам земјата на Лехи-Нефи, и земјата Силом.
7 А тој исто му заповеда на неговиот народ да замине од земјата, а јас и мојот народ влеговме во земјата за да можеме да ја заземеме.
8 И почнавме да градиме градби, и да ги поправаме ѕидовите на градот, да, и тоа ѕидовите на градот Лехи-Нефи, и на градот Силом.
9 И почнавме да ја ораме земјата, да, со секакви семиња, со семиња на пченица, и на жито, и на јачмен, и со неас, и со шеум, и со секакви видови семиња на секакви овошја; и така почнавме да се размножуваме и да напредуваме во земјата.
10 Сега заради лукавоста и итрината на царот Ламан, да го доведе мојот народ во ропство, тој ни ја предаде земјата за да можеме да ја заземеме.
11 Затоа, се случи дека откако бевме живееле во земјата дванаесет години, царот Ламан почна да станува вознемирен, за мојот народ на некои начини да не стане силен во земјата, и дека тие не би можеле да ги совладаат и доведат во ропство.
12 Сега тие беа мрзелив и идолопоклонички народ; затоа посакуваа да нѐ доведат во ропство, за да се наситуваат од трудовите на нашите раце; да, за да се гоштеваат со стадата од нашите полиња.
13 Затоа, се случи дека царот Ламан започна да го наведува неговиот народ да се препира со мојот народ; затоа почнаа војни и препирања во земјата.
14 Зашто, во тринаесеттата година на моето владеење во земјата на Нефи, далеку во јужната страна на Силом, додека мојот народ ги поеше и хранеше нивните стада, и ги ораа нивните полиња, многубројна војска на Ламанити ги нападна и почна да ги убива, и да ги одзема нивните стада, и пчениците на нивните полиња.
15 Да, и се случи дека тие избегаа, сите што не беа престигнати, и тоа до градот Нефи, и ме повикаа да ги заштитам.
16 И се случи дека јас ги вооружав со лакови, и со стрели, и со мечови, и со сабји, и со палки, и со прачки, и со секакви оружја што ние можевме да ги направиме, и јас и мојот народ тргнавме против Ламанитите да се бориме.
17 Да, со Господовата сила тргнавме да се бориме против Ламанитите; зашто јас и мојот народ моќно Му довикувавме на Господ дека Тој ќе нѐ избави од рацете на нашите непријатели, бидејќи бевме разбудени со сеќавањето на избавувањето на нашите татковци.
18 И Бог ги слушна нашите довикувања и ги одговори нашите молитви; па тргнавме со Неговата моќ; да, тргнавме против Ламанитите, и за еден ден и една ноќ ние убивме три илјади четириесет и три; ги убивавме сѐ додека не ги бевме протерале од нашата земја.
19 И јас, сам, со моите сопствени раце, помогнав да ги закопам нивните мртви. И ете, за наша голема тага и оплакување, двесте седумдесет и девет од нашите браќа беа убиени.