Глава 5
Светците стануваат синови и ќерки на Христос преку вера—Тогаш се наречени според Христовото име—Царот Венијамин ги охрабрува да бидат цврсти и непоколебливи во добрите дела. Околу 124 п.н.е.
1 И сега, се случи кога царот Венијамин така беше му говорел на својот народ, тој испрати помеѓу нив, сакајќи да дознае од неговиот народ дали им веруваат на зборовите кои тој беше им ги говорел.
2 И сите тие довикуваа во еден глас, велејќи: Да, веруваме на сите зборови кои ни ги кажа; и исто така, знаеме за нивната сигурност и вистина, поради Духот на Семоќниот Господ, кој предизвика силна промена во нас, односно во нашите срца, за да немаме повеќе склоност да правиме зло, туку постојано да правиме добро.
3 А ние, самите, исто така, преку бесконечната добрина на Бог, и прикажувањето на Неговиот Дух, имаме големи познавања од тоа што допрва доаѓа; и да беше целисходно, ние би можеле да пророкуваме за сите нешта.
4 И верата е таа која сме ја имале во нештата кои нашиот цар ни ги говорел која нѐ донесе до ова големо знаење, при што се радуваме со толку многу огромна радост.
5 И ние сме спремни да влеземе во завет со нашиот Бог и да ја исполниме Неговата волја, и да бидеме послушни на Неговите заповеди за сите нешта кои Тој ќе ни ги заповеда, целиот остаток од нашите денови, за да не навлечеме на себе бескрајно измачување, како што беше кажано од ангелот, за да не пиеме од чашата на бесот на Бог.
6 И сега, ова се зборовите кои царот Венијамин ги посака од нив; и затоа тој им кажа на нив: Вие ги говоревте зборовите кои ги посакував; и заветот кој го направивте е праведен завет.
7 И сега, поради заветот кој го направивте вие ќе бидете наречени деца на Христос, Негови синови, и Негови ќерки; зашто ете, овој ден Тој духовно ве роди; зашто вие велите дека вашите срца се променети преку верата во Неговото име; затоа, вие сте родени од Него и станавте Негови синови и Негови ќерки.
8 И под оваа глава создадени сте слободни, и не постои друга глава под која можете да бидете создадени слободни. Не постои друго име дадено преку кое доаѓа спасението; затоа, јас би сакал да го превземете врз себе Христовото име, сите вие кои влеговте во завет со Бог за да бидете покорни до крајот на вашите животи.
9 И ќе се случи секој што ќе го направи ова ќе се најде на десната рака на Бог, бидејќи тој ќе го знае името по кое тој е повикан; бидејќи ќе биде наречен по името Христово.
10 И сега ќе се случи, било кој што нема да го земе врз себе името Христово мора да биде наречен по некое друго име; затоа, ќе се најде на левата рака на Бог.
11 И јас исто така би сакал да запомните, дека ова е името кое јас реков дека ќе ви го дадам кое никогаш нема да се избрише, освен преку престап; затоа, внимавајте да не престапувате, за името да не биде избришано од вашите срца.
12 Јас ви велам, јас би сакал да запомните секогаш да го задржите името напишано во вашите срца, за да не се најдете на левата рака на Бог, туку да Го слушате и знаете гласот кој ќе ве повика, и исто така, името по кое Тој ќе ве повикува.
13 Зашто како еден човек да го знае господарот кому не му служел, и кој е странец за него, и е далеку од мислите и намерите на неговото срце?
14 И повторно, дали човек зема магаре кое му припаѓа на неговиот сосед, и го задржува? Јас ви велам, Не; нема ни да дозволи да пасе помеѓу неговото стадо, туку ќе го истера, и ќе го отфрли. Ви велам, дека така ќе биде и помеѓу вас ако не го знаете името со кое се нарекувате.
15 Затоа, јас би сакал да сте цврсти и непоколебливи, секогаш да изобилувате со добри дела, така што Христос, Семоќниот Господ Бог, да може да ве запечати како Негови, за да бидете доведени на небото, за да имате вечно спасение и вечен живот, преку мудроста, и моќта, и правдата, и милоста на Тој кој ги создаде сите нешта, на небото и на земјата, Кој е Бог над сѐ. Амин.