Глава 12
Исаија го гледа храмот на подоцнежните денови, собирањето на Израел, и милениумското судење и мир—Гордите и пакосните ќе бидат спуштени ниско при Второто Доаѓање—Споредете Исаија 2. Околу 559–545 п.н.е.
1 Словото кое Исаија, синот на Амоз, го виде во врска со Јуда и Ерусалим:
2 И ќе се случи во последните денови, кога планината на Господовиот дом ќе биде воспоставена на врвот на планините, и ќе биде возвишена над ридовите, и сите нации ќе се влеваат во неа.
3 И многу луѓе ќе одат и ќе кажат, Дојдете вие, и да се качиме на планината на Господ, до куќата на Богот на Јаков; и Тој не научи на Неговите начини, и ќе чекориме по Неговите патишта; бидејќи од Сион ќе произлезе законот, и словото Божјо од Ерусалим.
4 И Тој ќе суди помеѓу нациите, и ќе прекори многу луѓе: и ќе ги исковаат нивните мечеви како сечила на плугови, и нивните копја во куки за кастрење—нација нема да крене меч против нација, ниту повеќе ќе учат за војните.
5 О Доме Јаковов, дојдете и да чекориме во светлината Господова; да, дојдете, бидејќи сите вие застранивте, секој кон неговите пакосни патишта.
6 Затоа, О Господе, го напушти Твојот народ, домот на Јаков, бидејќи тие се исполнети од исток, и ги слушаат гатачите како Филистејците, и се задоволуваат со децата на странците.
7 Нивната земја е исто така исполнета со сребро и злато, ниту пак има крај на нивните богатства; нивната земја е исто полна со коњи, ниту пак има крај на нивните кочии.
8 Нивната земја е исто полна со идоли; го обожаваат делото од нивните сопствени раце, тоа што нивните сопствени прсти го направиле.
9 И обичниот човек не се поклонува, и големиот не се понизува, затоа, не простувај му.
10 О вие пакосни, влезете во карпата, и скријте се во правта, бидејќи стравот од Господ и славата на Неговото височество ќе ве удри.
11 И ќе се случи дека надмените погледи на човекот ќе бидат понизни, и надуеноста на луѓето ќе биде спуштена, и само Господ ќе биде возвишен на тој ден.
12 Бидејќи денот на Господ на Војските наскоро доаѓа врз сите нации, да, врз секоја; да, врз гордите и надмените, и врз секој кој е кренат, и тој ќе биде спуштен ниско.
13 Да, и денот на Господ ќе дојде врз сите Либански кедари, бидејќи тие се високи и кренати; и врз сите дабови на Башан;
14 И врз сите високи планини, и врз сите ридови, и врз сите нации кои се кренати, и врз сите луѓе;
15 И врз секоја висока кула, и врз секој ограден ѕид;
16 И врз сите морски бродови, и врз сите Таршишки бродови, и врз сите пријатни сцени.
17 И надменоста човечка ќе биде спуштена, и надуеноста на луѓето ќе биде спуштена ниско; и само Господ ќе биде возвишен на тој ден.
18 И идолите Тој целосно ќе ги укине.
19 И ќе одат во дупките на карпите, и во пештерите на земјата, бидејќи стравот од Господ ќе дојде врз нив и славата на Неговото височество ќе ги удри, кога Тој ќе се издигне да ја тресе земјата ужасно.
20 На тој ден човекот ќе ги фрли своите идоли од сребро, и своите идоли од злато, кои ги создал за себе да ги обожава, на кртовите и на лилјаците;
21 Да оди во шуплините на карпите, и на врвовите на рапавите карпи, бидејќи стравот од Господ ќе ги стигне и височеството на Неговата слава ќе ги удри, кога Тој ќе се издигне да ја тресе земјата ужасно.
22 Престанете да се потпирате на човекот, чиј здив е во неговите ноздри; бидејќи колкава е неговата вредност?