Свети Писма
2 Нефи 21


Глава 21

Стеблото на Јесе (Христос) ќе суди праведно—Божјето знаење ќе ја покрие земјата во Милениумот—Господ ќе крене знаме и ќе го собере Израел—Спореди Исаија 11. Околу 559–545 п.н.е.

1 И ќе се појави прачка од стеблото на Јесе, и гранка ќе порасне од неговите корени.

2 И Духот на Господ ќе почива врз Него, духот на мудроста и разбирањето, духот на совет и моќ, духот на знаењето и стравот од Господ;

3 И ќе го направи Него да разбере брзо за стравот од Господ; и Тој нема да суди според глетката на Неговите очи, ниту да укорува според слушањето на Неговите уши.

4 Туку со праведност Тој ќе им суди на сиромашните, и со правда ќе ги укорува кротките на земјата, и Тој ќе ја удри земјата со прачката на Неговата уста, и со здивот на Неговите усни Тој ќе ги убие пакосните.

5 И праведноста ќе биде појас на Неговите бедра, а верноста појас на Неговите узди.

6 Исто така волкот ќе живее со јагнето, и леопардот ќе лежи со јарето, и телето, и младиот лав и угоеното животно заедно; и мало дете ќе ги води.

7 И кравата и мечката ќе се хранат; нивните младенчиња ќе лежат заедно; и лавот ќе јаде трева како волот.

8 И доенчето што цица ќе си игра над дупката на аспидата, и одвикнатото дете ќе ја стави неговата рака во јамата на змијата отровница.

9 Нема да повредат ниту да уништат во целата моја света планина, бидејќи земјата ќе биде полна со знаење за Господ, како што водите го покриваат морето.

10 И на тој ден ќе постои корен на Јесе, кој ќе стои како знаме за народот; Неевреите ќе го бараат; и неговата почивка ќе биде величествена.

11 И ќе се случи на тој ден кога Господ повторно ќе ја испружи Неговата рака по втор пат да го собере остатокот од Неговиот народ кој ќе биде оставен, од Асирија, и од Египет, и од Патрос, и од Куш, и од Елам, и од Сенаар, и од Хамат, и од морските острови.

12 И Тој ќе крене знаме за нациите, и ќе ги собере отфрлените од Израел, и ќе ги собере заедно распрснатите од Јуда од четирите страни на земјата.

13 Зависта на Ефрем ќе исчезне, и непријателите на Јуда ќе бидат отсечени; Ефрем нема да му завидува на Јуда, и Јуда нема да го вознемирува Ефрем.

14 Туку ќе летаат врз рамењата на Филистејците кон запад; заедно ќе ги ограбат оние од исток; ќе ги положат своите раце врз Едом и Моав и децата на Амон ќе ги слушаат.

15 А Господ целосно ќе го уништи јазикот на Египетското море; и со Неговиот моќен ветер Тој ќе ја затресе Неговата рака врз реката, и ќе ја удри на седум потоци, и ќе направи луѓето да можат со суви облеки да преминат.

16 И ќе постои пат за остатокот од Неговиот народ кој ќе биде оставен, од Асирија, како што беше во Израел на денот кога тој излезе од земјата Египет.