Свети Писма
2 Нефи 26


Глава 26

Христос ќе им служи на Нефитите—Нефи го претскажува уништувањето на неговиот народ—Тие ќе зборуваат од правта—Неевреите ќе изградат лажни цркви и тајни сојузи—Господ им забранува на луѓето да практикуваат поповштини. Околу 559–545 п.н.е.

1 И откако Христос ќе се крене од мртвите Тој ќе ви се покаже Самиот, деца мои, и мои возљубени браќа; и зборовите кои Тој ќе ви ги каже ќе бидат законот кој вие ќе го спроведувате.

2 Зашто ете, ви велам видов дека многу поколенија ќе поминат, и ќе има големи војни и препирања помеѓу мојот народ.

3 И откако ќе дојде Месијата ќе бидат дадени знаци на мојот народ за Неговото раѓање, и исто така за Неговата смрт и воскреснување; и голем и ужасен ќе биде тој ден за пакосните, бидејќи тие ќе загинат; а тие ќе загинат бидејќи ги отфрлаат пророците, и светците, и ги каменуваат, и ги убиваат; затоа плачот на крвта на светците ќе се воздигне кај Бог од земјата против нив.

4 Затоа, сите тие кои се горди, и кои постапуваат пакосно, денот кој доаѓа ќе ги изгори, кажа Господ на Војските, бидејќи тие ќе бидат како слама.

5 И тие кои ги убиваат пророците, и светците, длабочините на земјата ќе ги проголтаат, кажа Господ на Војските; и планините ќе ги покријат, и виорите ќе ги однесат, и градбите ќе паѓаат врз нив и ќе ги здробат на парчиња и ќе ги сомелат во прав.

6 И ќе бидат посетени со грмотевици, и молњи, и земјотреси, и секаков вид на уништувања, бидејќи оганот на гневот Господов ќе биде запален против нив, и ќе бидат како слама, и денот кој доаѓа ќе ги обземе, кажа Господ на Војските.

7 О болката, и мачењето на мојата душа за загубата на мојот убиен народ! Бидејќи јас, Нефи, го видов тоа, и тоа за малку ќе ме обземеше пред присуството на Господ; но морам да Му довикнам на мојот Бог: Твоите патишта се праведни.

8 Но ете, праведните кои ги слушаат зборовите на пророците, и не ги уништуваат туку го очекуваат Христос со постојаност за знаците кои се дадени, без оглед на сето прогонување—ете, тие се тие кои нема да умрат.

9 Туку Синот на Праведноста ќе им се појави; и Тој ќе ги исцели, и ќе имаат мир со Него, додека не починат три поколенија, а многу од четвртото поколение ќе починат во праведност.

10 И кога ќе поминат овие нешта брзо уништување ќе дојде при мојот народ; бидејќи, без оглед на болките на мојата душа, го видов тоа; затоа, знам дека ќе се случи; а тие се продаваат себеси за ништо; бидејќи, поради наградата за нивната гордост и нивната будалаштина ќе жнеат уништување; бидејќи му се предаваат на ѓаволот и одбираат мрачни дела наместо светлина, затоа мораат да одат долу во пеколот.

11 Зашто Духот на Господ нема секогаш да се стреми со човекот. И кога Духот ќе престане да се стреми со човекот тогаш следи брзо уништување, и ова ми ја натажува душата.

12 И додека говорев во врска со уверувањето на Евреите, дека Исус е самиот Христос, мора исто така и Неевреите да се убедат дека Исус е Христос, Вечниот Бог;

13 И дека Тој им се покажа Самиот на сите тие кои веруваат во Него, преку моќта на Светиот Дух; да, на секоја нација, колено, јазик, и народ, спроведувајќи моќни чуда, знаци, и чудеса, помеѓу човечките деца според нивната вера.

14 Но ете, ти пророкувам во врска со последните денови; во врска со деновите кога Господ Бог ќе ги истакне овие нешта на човечките деца.

15 Откако моето потомство и потомството на моите браќа ќе западне во неверување, и ќе бидат удрени од Неевреите; да, откако Господ Бог ќе се постави наоколу против нив, и ќе постави опсада против нив со куп, и ќе крене тврдини против нив; и откако ќе бидат соборени ниско во правта, и тоа да не постојат веќе, сепак зборовите на праведните ќе бидат запишани, и молитвите на верните ќе бидат слушнати, и сите оние кои западнале во неверство нема да бидат заборавени.

16 Бидејќи тие кои ќе бидат уништени ќе им зборуваат на тие од земјата, и нивниот говор ќе биде ниско од правта, и нивниот глас ќе биде како еден што има познат дух; бидејќи Господ Бог ќе му даде моќ, за да шепоти во врска со нив, и тоа како од земјата; и нивниот говор ќе шепоти од правта.

17 Зашто така кажа Господ Бог: Ќе ги напишат нештата кои ќе бидат сторени помеѓу нив, и ќе бидат напишани и запечатени во книга, и тие кои исчезнувале во неверување нема да ги имаат, бидејќи тие бараат да ги уништат Божјите нешта.

18 Затоа, како што тие што беа уништени беа уништени брзо; и мноштвото на ужасните од нив ќе биде како плевел што се мете—да, така кажа Господ Бог: Ќе биде во еден момент, ненадејно—

19 И ќе се случи, тие што запаѓаа во неверување да бидат удрени од раката на Неевреите.

20 И Неевреите се кренати во гордоста на нивните очи, и се сопнуваат поради големината на нивниот камен за сопнување, дека изградиле многу цркви; сепак, тие ги понижуваат моќта и чудата Божји, и самите себеси си проповедаат сопствена мудрост и сопствено учење, за да стекнат добивка и да го сомелат лицето на сиромашните.

21 И постојат многу цркви изградени кои предизвикуваат завист, и конфликти, и злоба.

22 А исто така постојат и тајни сојузи, и тоа како во старите времиња, според сојузите на ѓаволот, бидејќи тој е основач на сите овие нешта; да, основач на убиството, и на мрачните дела; да, и ги води за вратот со ленен коноп, додека не ги заврзе со неговите цврсти конопи засекогаш.

23 Зашто ете, мои возљубени браќа, ви кажувам дека Господ Бог не работи во темнина.

24 Тој не прави ништо освен за корист на светот; бидејќи Тој го љуби светот, толку што Тој го положи Неговиот сопствен живот за Тој да може да ги привлече сите луѓе кај Него. Затоа, Тој не заповеда на ниту еден да не зема од Неговото спасение.

25 Ете, довикува ли Тој кон некого, велејќи: Замини од Мене? Ете, ти говорам, Не; туку Тој кажа: Дојдете кај Мене сите вие краишта на земјата, купете мед и млеко, без пари и без цена.

26 Ете, дали Тој заповеда на некого да си замине од синагогите, или од домовите за богослужба? Ете, ти велам, Не.

27 Дали Тој заповеда на некого да не зема од Неговото спасение? Ете ти велам, Не; туку Тој го даде бесплатно за сите луѓе; и Тој му заповеда на Неговиот народ да ги убедат сите луѓе на покајание.

28 Ете, дали Господ му заповеда на некого дека не треба да земе од Неговата добрина? Ете, ти велам, Не; туку сите луѓе се привилегирани едни како и други, и на ниту едни не им е забрането.

29 Тој заповеда да нема поповштини; бидејќи, ете поповштините се за луѓето да проповедаат и да се постават самите себеси горе за светлина на светот, за да можат да стекнат добивка и пофалба од светот; но не ја бараат благосостојбата на Сион.

30 Ете, Господ го забрани тоа; затоа, Господ Бог даде заповед дека сите луѓе треба да имаат милосрдие, а тоа милосрдие е љубов. И ако немаат милосрдие тогаш се ништо. Затоа, ако имаат милосрдие не би дозволиле работникот во Сион да умре.

31 Но работникот во Сион ќе работи за Сион; бидејќи ако работат за пари ќе умрат.

32 И повторно, Господ Бог заповеда дека луѓето не треба да убиваат; дека не треба да лажат; дека не треба да крадат; дека не треба залудно да го земаат името на Бог; дека не треба да завидуваат; дека не треба да имаат злоба; дека не треба да се препираат едни со други, дека не треба да извршуваат блудства; и дека не треба да прават ниту едно од овие нешта; бидејќи тој што ги прави ќе загине.

33 Зашто ниту едно од овие беззаконија не доаѓа од Господ; бидејќи Тој го прави тоа што е добро помеѓу човечките деца; и Тој не прави ништо што не им е јасно на човечките деца; и Тој ги поканува сите нив да дојдат при Него и да земат од Неговата добрина; и Тој не одбива ниту еден што доаѓа кај Него, ни црн ни бел, ни заробен ни слободен, ни машко ни женско; и Тој се сеќава на безбожниците и сите се еднакви пред Бог, и Евреин и Неевреин.