Глава 4
Лехи го советува и благословува неговото потомство—Тој умира и е закопан—Нефи ја слави добрината на Бог—Нефи ја става својата верба во Господ засекогаш. Околу 588–570 п.н.е.
1 И сега јас, Нефи, говорам во врска со пророштвата за кои говореше татко ми, во врска со Јосиф, кој беше одведен во Египет.
2 Зашто ете, тој навистина пророкуваше во врска со сето негово потомство. И не постојат многу поголеми пророштва од тие кои тој ги напиша. И пророкуваше во врска со нас, и нашите идни поколенија; и тие се напишани врз плочите од месинг.
3 Затоа откако татко ми беше ставил крај на зборувањето во врска со пророштвата на Јосиф, ги повика децата на Ламан, неговите синови, и ќерки, и им рече: Ете, синови мои, и ќерки мои, кои сте синовите и ќерките на мојот првороден, би сакал да ги слушнете моите зборови.
4 Зашто Господ Бог рекол дека: Доколку ги одржувате Моите заповеди, ќе напредувате во земјата; а доколку не ги одржувате Моите заповеди, ќе бидете отсечени од Моето присуство.
5 Но ете, синови мои и ќерки мои, не можам да слезам во мојот гроб освен ако не оставам благослов врз вас; зашто ете, знам дека ако сте одгледани на патот по кој треба да одите нема да отстапите од него.
6 Затоа, ако сте проколнати, ете, го оставам мојот благослов врз вас, дека клетвата може да се тргне од вас и да се пренесе врз главите на вашите родители.
7 Затоа, поради мојот благослов Господ Бог нема да дозволи да загинете; затоа, Тој ќе биде милостив кон вас и кон вашето потомство засекогаш.
8 И се случи откако татко ми беше завршил да им зборува на синовите и ќерките на Ламан, тој нареди синовите и ќерките на Лемуил да бидат доведени пред него.
9 И им говореше на нив, велејќи; Ете, синови и ќерки мои, кои сте синовите и ќерките на мојот втор син; ете го оставам врз вас истиот благослов што го оставив врз синовите и ќерките на Ламан; затоа, вие нема да бидете целосно уништени; туку на крајот вашето потомство ќе биде благословено.
10 И се случи кога татко ми беше престанал да им говори на нив, ете, им говореше на синовите на Исмаил, да, и тоа на целото негово домаќинство.
11 И откако беше завршил да им говори, му говореше на Сем, велејќи; Благословен си ти, и твоето потомство; зашто ќе ја наследиш земјата како и твојот брат Нефи. И твоето потомство ќе биде вброено со неговото потомство; и ќе бидеш ти дури и како твојот брат, и твоето потомство како неговото потомство; и ќе бидеш благословен во сите твои денови.
12 И се случи откако татко ми, Лехи, беше му говорел на целото негово домаќинство, според чувствата на неговото срце и Духот Господов кој беше во него, тој остаре. И се случи дека тој умре, и беше закопан.
13 И се случи дека не многу денови после неговата смрт, Ламан и Лемуил и синовите на Исмаил ми беа гневни на мене поради опомените од Господ.
14 Зашто јас, Нефи, бев принуден да им зборувам на нив, според Неговото слово; зашто јас бев им говорел многу работи на нив, а исто и татко ми, пред неговата смрт; многу од кои се запишани врз моите други плочи; зашто еден поисториски дел е напишан врз моите други плочи.
15 А врз овие ги пишувам нештата на мојата душа, и многу од светите писма кои се врежани врз плочите од месинг. Зашто се радува душата моја во светите писма, и срцето мое размислува за нив, и ги пишува за учењето и ползата на моите деца.
16 Ете, душата моја се радува во нештата на Господ; и моето срце постојано размислува за нештата кои сум ги видел и чул.
17 Сепак, без оглед на големата добрина на Господ, покажувајќи ми ги Неговите големи и чудесни дела, моето срце извика; О мизерен човек сум! Да, моето срце тагува заради моето тело; мојата душа жали заради моите беззаконија.
18 Опколен сум, поради искушенијата и гревовите што ме опседнуваат толку лесно.
19 А кога посакувам да се радувам, срцето мое воздивнува поради моите гревови; сепак, јас знам во кого сум верувал.
20 Мојот Бог беше мојата поддршка; Тој ме води низ моите маки во дивината; и Тој ме чуваше над водите на големата длабочина.
21 Тој ме исполни со Неговата љубов, и тоа до обземање на моето тело.
22 Тој ги понижи моите непријатели, толку што ги натера да се тресат пред мене.
23 Ете, Тој го чул мојот извик дење, и Тој ми даде знаење преку визии за време на ноќта.
24 И преку ден станав смел со моќна молитва пред Него; да, мојот глас го испратив горе високо; и ангели слегоа и ми служеа.
25 И врз крилата на Неговиот Дух моето тело беше однесено врз извонредно високи планини. И моите очи здогледаа големи нешта, да, дури и преголеми за човек; затоа ми беше наредено да не ги пишувам.
26 О тогаш, ако сум видел толку големи нешта, ако Господ во Неговото удостојување на човечките деца посетил луѓе со толку голема милост, зошто моето срце да плаче а мојата душа да остане во долината на тага, и моето тело да се троши, и мојата сила да слабее, поради моите маки?
27 И зошто треба да се предадам на гревот, поради моето тело? Да, зошто треба да им се потчинам на искушенија, за злобниот да има место во моето срце да го уништи мојот мир и да ја измачува мојата душа? Зошто сум гневен поради мојот непријател?
28 Разбуди се, душо моја! Немој веќе да очајуваш во грев. Радувај се, О срце мое, и не давај повеќе место за непријателот на мојата душа.
29 Не се разгневувај повторно поради моите непријатели. Не ја намалувај мојата сила поради моите маки.
30 Радувај се, О срце мое, и довикај Го Господ, и вели: О Господе, ќе те славам Тебе засекогаш; да, душата моја ќе се радува во Тебе, мојот Бог, и карпата на моето спасение.
31 О Господе, ќе ја искупиш ли Ти мојата душа? Ќе ме избавиш ли Ти од рацете на моите непријатели? Ќе направиш ли Ти да треперам при појавата на грев?
32 Нека портите на пеколот бидат постојано затворени пред мене, затоа што моето срце е скршено и духот мој е покајнички! О Господе, нема ли Ти да ги затвориш портите на Твојата праведност пред мене, да можам да чекорам по патеката на длабоката долина, да можам да бидам точен по рамниот пат!
33 О Господе, обвиј ме Ти наоколу со наметката на Твојата праведност! О Господе, Ти направи пат за моето бегство пред моите непријатели! Исправи го Ти мојот пат пред мене! Не поставувај Ти камен за сопнување на мојот пат—туку Ти да го расчистиш мојот пат пред мене, и не го попречувај мојот пат, туку патиштата на мојот непријател.
34 О Господе, јас верував во Тебе, и ќе верувам во Тебе засекогаш. Нема да ја положувам мојата верба во раката на телото. Да, проколнат е оној кој ја положува неговата верба во човекот односно го користи телото како негова рака.
35 Да, знам дека Бог ќе му дава слободно на оној кој ќе праша. Да, мојот Бог ќе ми даде мене, ако не прашам погрешно; затоа ќе го подигнам гласот кон Тебе; да, јас ќе довикувам кон Тебе, мој Боже, карпата на мојата праведност. Ете, мојот глас засекогаш ќе се воздигнува кон Тебе, моја карпа и мој вечен Бог. Амин.