Глава 29
Алма посакува да повикува покајание со ангелска ревност—Господ им дарува учители на сите нации—Алма слави во Господовото дело и во успехот на Амон и неговите браќа. Околу 76 п.н.е.
1 О да бев ангел, и да можев да ја имам желбата на моето срце, да можам да излезам и да говорам со Божјата труба, со глас што ја тресе земјата, и да повикувам покајание на сите народи!
2 Да, јас би објавил на секоја душа, како гласот на грмењето, покајување и планот на искупувањето, да се покајат и да дојдат при нашиот Бог, за да нема повеќе тага врз целото лице на земјата.
3 Но ете, човек сум, и грешам во мојата желба; бидејќи треба да бидам задоволен со нештата кои Господ ми ги додели.
4 Не треба со моите желби да ја мачам цврстата одредба на праведен Бог, бидејќи знам дека Тој им додели на луѓето во согласност со нивните желби, без разлика дали е за смрт или за живот; да, знам дека Тој им додели на луѓето, да, им заповеда одредби кои се непроменливи, во согласност со нивните волји, било да се за спасение или за уништување.
5 Да, знам дека доброто или злото пристигнаа пред сите луѓе; тој што не го разликува доброто од злото е невин; но тој што го знае доброто од злото, на него му се дава во согласност со неговите желби, било да сака добро или зло, живот или смрт, радост или грижа на совест.
6 Сега, гледајќи дека ги знам овие нешта, зошто би сакал повеќе од тоа да ја изведам работата за која сум повикан?
7 Зошто би сакал да сум ангел, за да зборувам на сите краишта на земјата?
8 Зашто ете, Господ им додели на сите нации, на сопствената нација и јазик, да го поучуваат Неговото слово, да, со мудрост, сѐ што Тој мисли дека е соодветно да имаат; затоа гледаме дека Господ советува со мудрост, според тоа што е праведно и вистинито.
9 Јас го знам тоа што ми го заповеда Господ, и славам во тоа. Не се славам самиот себеси, туку го славам тоа што ми го заповеда Господ; да, и ова е мојата слава, за можеби да можам бидам инструмент во рацете на Бог да доведам некоја душа до покајание; и ова е мојата радост.
10 И ете, кога гледам дека многу од моите браќа се навистина покајнички, и доаѓаат до Господ нивниот Бог, тогаш мојата душа е исполнета со радост; тогаш се сеќавам што Господ беше направил за мене, да, и тоа дека Тој ја слушна мојата молитва; да, тогаш се сеќавам на Неговата милостива рака која Тој ја испружи кон мене.
11 Да, исто така се сеќавам на заробеништвото на моите татковци; бидејќи со сигурност знам дека Господ ги избавил од ропство, и со ова ја воспостави Неговата црква; да, Господ Бог, Богот на Авраам, Богот на Исак, и Богот на Јаков, ги избави од ропство.
12 Да, секогаш се сеќавав на заробеништвото на моите татковци; и истиот Бог кој ги избави од рацете на Египќаните ги избави од ропство.
13 Да, и истиот Тој Бог ја воспостави Неговата црква помеѓу нив; да, и истиот Тој Бог ме повика со свет повик, да го проповедам словото на овој народ, и ми даде многу успех, со кој мојата душа е полна.
14 Но не се радувам во сопствениот успех сам, туку мојата радост е поисполнета поради успехот на моите браќа, кои беа горе во земјата Нефи.
15 Ете, тие работеа премногу, и родија многу плод; и колку голема ќе биде нивната награда!
16 Сега, кога размислувам за успехот на овие мои браќа мојата душа е занесена, дури и до одвојување од телото, како да беше, толку голема е мојата радост.
17 И сега нека Бог им додели на овие, мои браќа, да можат да седат во Божјото царство; да, и исто така сите оние кои се плод на нивните трудови за повеќе да не излегуваат, туку да Го слават засекогаш Него. И нека Бог даде да биде направено според моите зборови, и тоа како што реков. Амин.