Глава 8
Алма проповеда и крштава во Мелек—Тој е одбиен во Амониха и си заминува—Еден ангел му заповеда да се врати и да го довикува народот на покајување—Тој е примен од Амулек, и тие двајцата проповедаат во Амониха. Околу 82 п.н.е.
1 И сега се случи Алма да се врати од земјата Гидеон, откако го учеше народот во Гидеон многу работи кои не можат да се напишат, воспоставувајќи го редот на црквата, како што тој претходно беше направил во земјата Зарахемла, да, тој се врати во неговата куќа во Зарахемла да одмори од делата кои беше ги извршил.
2 И така заврши деветата година од владеењето на судиите врз Нефитскиот народ.
3 И се случи на почетокот од десеттата година од владеењето на судиите врз Нефитскиот народ, Алма оттогаш отпатува и се упати кон земјата Мелек, западно од реката Сидон, на запад долж границите на дивината.
4 И тој започна да го поучува народот во земјата Мелек според светиот ред на Бог, по кој тој беше повикан; и започна да го поучува народот низ целата земја Мелек.
5 И се случи луѓето да дојдат кај него од сите краеви на земјата која беше во пределот на дивината. И тие беа крстени низ целата земја;
6 Па така откако ја беше завршил неговата работа во Мелек тој оттаму отпатува, и се упати на тридневно патување северно од земјата Мелек; и тој пристигна во град кој се викаше Амониха.
7 Сега беше обичај со Нефитскиот народ да ги нарекуваат нивните земји, и нивните градови, и нивните села, да, дури и сите нивни мали села, по името на тој што прв ги поседуваше; и така беше со земјата Амониха.
8 И се случи кога Алма пристигна во градот Амониха започна да им го проповеда Божјото слово на нив.
9 Сега Сатаната многу беше ги обземал срцата на луѓето од градот Амониха; затоа тие не би ги послушале зборовите на Алма.
10 Сепак Алма многу се трудеше во духот, борејќи се со Бог со моќна молитва, дека Тој ќе го излие Неговиот Дух врз народот кој беше во градот; за Тој да може исто така да му одобри да може да ги крштава во покајание.
11 Сепак, тие ги закоравуваа нивните срца, велејќи му: Ете, знаеме дека ти си Алма; и знаеме дека иако си висок свештеник над црквата која си ја воспоставил во многу краеви на земјата, според твојата традиција; и ние не сме од твојата црква, и ние не веруваме во такви будалести традиции.
12 И сега знаеме дека бидејќи не сме од твојата црква, знаеме дека ти немаш моќ врз нас; и дека си ја отстапил судиската столица на Нефиха; затоа ти не си главен судија над нас.
13 Сега кога народот беше го кажал ова, и му се спротивстави на сите негови зборови, и го навредуваше, и го плукаше, и наредија да биде исфрлен од нивниот град, тој оттаму отпатува и се упати кон градот кој беше наречен Арон.
14 И се случи додека патуваше таму, беше притиснат од жалост, пробивајќи се низ многу страдање и душевно мачење, поради пакоста на луѓето кои беа во градот Амониха, се случи додека Алма беше така притиснат од жалост, ете Господов ангел му се појави на него, велејќи:
15 Благословен си ти, Алма; затоа, крени ја главата и радувај се, бидејќи имаш голема причина да се радуваш; бидејќи ти беше верен во одржување на Божјите заповеди од времето кога ја прими првата порака од него. Ете, јас сум тој што ти ја пренесе.
16 И ете, јас сум испратен да ти заповедам да се вратиш назад во градот Амониха, и повторно да му проповедаш на народот од градот; да, проповедај им. Да, кажи им, доколку не се покајат Господ Бог ќе ги уништи.
17 Зашто ете, тие сега помислуваат како да ја уништат слободата на твојот народ, (бидејќи така кажа Господ) што е спротивно од одредбите, и пресудите, и заповедите кои Тој ги дал на Неговиот народ.
18 Сега се случи дека откако Алма беше ја примил неговата порака од Господов ангел тој брзо се врати во земјата Амониха. И тој влезе во градот преку друг пат, да, од патот кој е јужно од градот Амониха.
19 И додека влегуваше во градот беше огладнел, и му кажа на еден човек: Дали ќе му дадеш на еден понизен слуга на Бог нешто да јаде?
20 А човекот му рече: јас сум Нефит, и знам дека си свет Божји пророк, бидејќи ти си човекот за кого ангелот ми кажа во визијата: Прими го. Затоа, дојди со мене во мојата куќа и јас ќе ти дадам од мојата храна; и знам дека ти ќе бидеш благослов за мене и мојата куќа.
21 И се случи човекот да го прими во неговата куќа; а човекот се викаше Амулек; и тој донесе леб и месо и ги постави пред Алма.
22 И се случи Алма да ја изеде храната и да се насити; и тој го благослови Амулек и неговата куќа, и Му се заблагодари на Бог.
23 И откако беше јадел и беше наситен му кажа на Амулек: Јас сум Алма, и јас сум висок свештеник на Божјата црква ширум земјата.
24 И ете, јас бев повикан да го проповедам Божјото слово помеѓу целиот овој народ, според духот на откровението и пророштвото; и јас бев во оваа земја и тие не ме примија, туку ме исфрлија и бев спремен да и го завртам грбот на оваа земја засекогаш.
25 Но ете, ми беше заповедано да се вратам назад и да им проповедам на овој народ, да, и да сведочам против нив за нивните беззаконија.
26 И сега, Амулек, бидејќи ме нахрани и ме прими, ти си благословен; бидејќи јас бев гладен, бидејќи бев постел многу денови.
27 И Алма остана многу денови со Амулек пред да започне да му проповеда на народот.
28 И се случи народот да станува погрозен во нивните беззаконија.
29 И стигна словото кај Алма, велејќи: Оди; и исто така кажи му на мојот слуга Амулек, оди и пророкувај му на овој народ, велејќи—Покајте се, бидејќи така кажа Господ, доколку не се покаете Јас ќе го посетам овој народ со Мојот гнев; да, и Јас нема да го оттргнам Мојот жесток гнев.
30 И Алма тргна, а исто и Амулек, помеѓу народот, да му ги објават Божјите зборови; и беа исполнети со Светиот Дух.
31 И тие имаа моќ што им беше дадена, толкава за да не бидат затворени во зандани; ниту пак беше возможно некој човек да ги убие; сепак тие не ја практикуваа нивната моќ сѐ додека не беа врзани во окови и фрлени во затвор. Сега, ова беше направено за да може Господ да ја истакне Неговата моќ во нив.
32 И се случи тие да тргнат и започнаа да проповедаат и да му пророкуваат на народот, според духот и моќта кои Господ им ги даде.