Свети Писма
Алма 33


Глава 33

Зенос поучуваше дека луѓето треба да се молат и да обожаваат на сите места, и дека пресудите се одвратени поради Синот—Зенок поучуваше дека милоста е дарувана поради Синот—Мојсеј во дивината беше кренал симбол на Синот Божји. Околу 74 п.н.е.

1 Сега откако Алма беше ги кажал овие зборови, тие ја истакнаа нивната желба да знаат дали треба да веруваат во еден Бог, за да го добијат овој плод за кој тој беше зборувал, односно како треба да го засадат семето, односно словото за кое тој беше зборувал, за кое кажа дека мора да биде засадено во нивните срца; инаку на кој начин треба да почнат да ја практикуваат нивната вера.

2 И Алма им кажа: Ете, вие рековте дека не можете да му служите на вашиот Бог бидејќи сте отфрлени од вашите синагоги. Но ете, ви кажувам, ако мислите дека не можете да му служите на Бог, вие многу грешите, и треба да ги пребарате светите писма; ако мислите дека ве поучуваа на ова, не ги разбирате.

3 Дали се сеќавате дека сте го прочитале тоа што Зенос, пророкот од минатото, кажа во врска со молитвата или обожавањето?

4 Зашто тој кажа: Ти си милостив, О Боже, зашто Ти ја слушна мојата молитва, дури и кога бев во дивината; да, Ти беше милостив кога се молев во врска со оние кои беа мои непријатели, и Ти ги заврте кон мене.

5 Да, О Боже, и Ти беше милостив кон мене кога Јас те повикував Тебе во моето поле; кога Јас Те повикував Тебе во мојата молитва, и Ти ме послуша.

6 И повторно, О Боже, кога се завртев кон мојата куќа, Ти ме слушна во мојата молитва.

7 И кога се завртев кон мојата одаја, О Господе, и Ти се молев Тебе, Ти ме слушна.

8 Да, Ти си милостив кон Твоите деца кога Те повикуваат Тебе, да бидат слушнати од Тебе а не од луѓето, и Ти ќе ги ислушаш.

9 Да, О Боже, Ти беше милостив кон мене, и ги слушна моите повици среде Твоите собири.

10 Да, и Ти исто така ме слушна кога бев отфрлен и бев презиран од моите непријатели; да, Ти ги слушна моите повици, и им беше лут на моите непријатели, и Ти ги посети со Твојот бес со брзо уништување.

11 И Ти ме слушна поради моите маки и мојата искреност; и поради Твојот Син си Ти така милостив кон мене, затоа ќе те довикувам Тебе во сите мои маки, бидејќи во Тебе е мојата радост; бидејќи Ти ги одврати од мене Твоите пресуди, поради Твојот Син.

12 И сега Алма им кажа: Дали верувате во тие свети писма што беа напишани од оние одамна?

13 Ете, ако верувате, мора да верувате во што Зенос кажа; бидејќи, ете тој кажа: Ти ги одврати Твоите пресуди поради Твојот Син.

14 Сега ете, браќа мои, ќе ве прашам дали сте ги прочитале светите писма? Ако сте ги прочитале, како може да не верувате во Синот Божји?

15 Зашто не е запишано дека само Зенос зборуваше за овие нешта, туку Зенок исто така зборуваше за овие нешта—

16 Зашто ете, тој кажа: Ти си лут, О Господе, на овој народ, бидејќи нема да ги разберат Твоите милости кои Ти им ги даруваше поради Твојот Син.

17 И сега, браќа мои, вие гледате дека втор пророк од минатото сведочеше за Синот Божји, и бидејќи народот не ги разбираше неговите зборови, го удира со камења до смрт.

18 Но ете, ова не е сѐ; овие не се единствените кои зборуваа во врска со Синот Божји.

19 Ете, за него зборуваше и Мојсеј; да, и ете таков пример беше кренат во дивината, за кој и да го погледне да може да живее. И многумина го погледнаа и живееја.

20 Но малкумина го разбираа значењето на тие нешта, и ова поради закоравеноста на нивните срца. Но постоеја многу кои беа толку закоравени што не би погледнале, затоа умреа. Сега причината поради која не гледаа е поради тоа што не веруваа дека би ги исцелило.

21 О браќа мои, ако би можеле да бидете исцелени само со фрлање на погледот за да можете да бидете излечени, зарем не би погледнале брзо, или попрво би ги закоравиле вашите срца во неверување, и би биле мрзливи, за да не го фрлите погледот, за да умрете?

22 Ако е така, тешко ќе ве стигне; но ако не е така, тогаш фрлете го погледот и започнете да верувате во Синот Божји, дека Тој ќе дојде да го откупи Неговиот народ, и дека Тој ќе страда и ќе умре за да помири за нивните гревови; и дека Тој повторно ќе се крене од мртвите, што ќе го исполни воскреснувањето, за да застанат сите луѓе пред Него, да бидат судени на последниот и суден ден, според нивните дела.

23 И сега, браќа мои, посакувам да го засадите ова слово во вашите срца, и како што започнува да се зголемува негувајте го со вашата вера. И ете, ќе стане дрво, растејќи во вас кон вечен живот. И тогаш Бог нека ви подари вашите товари да бидат лесни, преку радоста на Неговиот Син. И дури сето ова можете да го направите ако сакате. Амин.