Заповедите на Алма за неговиот син Кориантон.
Ги опфаќа главите од 39 до 42.
Глава 39
Сексуалниот грев е одвратност—Гревовите на Кориантон ги спречија Зорамитите да го примат словото—Христовото искупување е ретроактивно во спасување на верниците кои му претходеа. Околу 74 п.н.е.
1 И сега, синко мој, имам нешто повеќе да ти кажам од тоа што му го кажав на брат ти; зашто ете, зарем не ја набљудуваше стабилноста на брат ти, неговата верност, и неговата трудољубивост во одржувањето на Божјите заповеди? Ете, зарем тој не постави добар пример за тебе?
2 Зашто ти не обрна толку внимание на моите зборови како брат ти, помеѓу народот на Зорамитите. Сега ова го имам против тебе; ти продолжи да се фалиш со твојата сила и мудрост.
3 И тоа не е сѐ, синко мој. Ти го направи тоа што беше жалосно за мене; бидејќи ја напушти службата, и замина во земјата Сирон помеѓу границите на Ламанитите, по блудницата Изабел.
4 Да, таа ги украде срцата на многумина; но ова не беше изговор за тебе, синко мој. Требаше да ја чуваш службата која ти беше доверена.
5 Зарем не знаеш, синко мој, дека овие нешта се одвратност во Господовите очи; да, најодвратен од сите гревови освен од пролевањето на невина крв или негирањето на Светиот Дух?
6 Зашто ете, ако го негираш Светиот Дух штом еднаш се беше сместил во тебе, и знаеш дека го негираш, ете, ова е грев кој е неопростив; да, и кој и да убива против светлината и знаењето на Бог, не е лесно за него да добие прошка; да, ти кажувам, синко мој, дека не е лесно за него да добие прошка.
7 И сега, синко мој, јас би сакал од Бог да не беше виновен за толку големо злосторство. Не би се задржувал на твоите злосторства, да ја измачувам твојата душа, ако не беше за твое добро.
8 Но ете, не можеш да ги сокриеш твоите злосторства од Бог; и освен ако не се покаеш тие ќе стојат како сведоштво против тебе на последниот ден.
9 Сега синко мој, би сакал да се покаеш и да ги оставиш твоите гревови, и не ја следи повеќе жедта на твоите очи, туку одречи се од сите овие нешта; зашто ако не го направиш тоа никако не можеш да го наследиш Божјото царство. О, запомни, и преземи го врз тебе, и одречи се од овие нешта.
10 И јас ти заповедам да го преземеш врз себе за да се советуваш со твоите постари браќа во твоите потфати; зашто ете, ти си во младоста, и стоиш со потреба да бидеш негуван од твоите браќа. И обрни внимание на нивниот совет.
11 Не дозволувај да бидеш заведен од било какво суетно или будалесто нешто; не дозволувај ѓаволот повторно да ти го одведе срцето по тие пакосни блудници. Ете, О синко мој, колку големо беззаконие ти донесе врз Зорамитите; зашто кога го видоа твоето однесување не би поверувале на моите зборови.
12 И сега Духот на Господ ми кажа: Заповедај им на твоите деца да прават добро, за да не ги водат срцата на многу луѓе во уништување; затоа ти заповедам, синко мој, со Божји страв, да се воздржиш од твоите беззаконија;
13 Да се завртиш кон Господ со целиот твој ум, моќ, и сила; за повеќе да не ги водиш срцата да постапуваат пакосно; туку попрво врати им се, и признај им ги твоите грешки и тоа погрешно што си го направил.
14 Не ги барај богатствата ниту суетните нешта на светот; зашто ете, не можеш да ги понесеш со тебе.
15 И сега, синко мој, би ти рекол нешто на тебе во врска со доаѓањето на Христос. Ете, ти кажувам, дека тоа е Тој што сигурно ќе дојде да ги земе гревовите на светот; да, Тој доаѓа да му објави радосни вести на Неговиот народ.
16 И сега, синко мој, ова беше службата за која ти беше повикан, да ги објавиш овие радосни вести на овој народ, да ги подготвиш нивните умови; или попрво да може да дојде спасението при нив, за да ги подготват умовите на нивните деца да го слушнат словото во времето на Неговото доаѓање.
17 И сега малку ќе ти го олеснам умот во поглед на оваа тема. Ете, се чудиш зошто овие нешта треба да бидат познати толку многу однапред. Ете, ти кажувам, не Му е ли една душа во овој момент исто толку драгоцена на Бог колку што една душа ќе Му биде во времето на Неговото доаѓање?
18 Не е ли неопходно планот за искупување да му се открие на овој народ а исто и на нивните деца?
19 Не е ли толку лесно во овој момент Господ да го испрати Неговиот ангел да ни ги објави овие радосни вести на нас како и на нашите деца, или после времето на Неговото доаѓање?