Свети Писма
Алма 9


Зборовите на Алма, и исто и зборовите на Амулек, кои му беа објавени на народот кој беше во земјата Амониха. А тие исто така беа фрлени во затвор, и избавени со чудесната моќ на Бог која беше во нив, според записот на Алма.

Ги опфаќа главите од 9 до 14.

Глава 9

Алма му заповеда на народот на Амониха да се покае—Господ ќе биде милостив кон Ламанитите во последните денови—Ако Нефитите ја напуштат светлината, ќе бидат уништени од Ламанитите—Божјиот Син наскоро ќе дојде—Тој ќе ги искупи оние кои се покајуваат, се крштаваат, и имаат вера во Неговото име. Околу 82 п.н.е.

1 И повторно, јас, Алма бидејќи ми беше заповедано од Бог дека треба да го земам Амулек и да тргнам и повторно да му проповедам на овој народ, односно на народот кој беше во градот Амониха, се случи додека започнав да им проповедам, тие започнаа да се препираат со мене, велејќи:

2 Кој си ти? Мислиш ли дека ќе поверуваме на сведоштвото на еден човек, иако тој ни проповеда дека земјата ќе почине?

3 Сега тие не ги разбираа зборовите кои ги изговараа; бидејќи тие не знаеја дека земјата ќе почине.

4 И тие исто така рекоа: Нема да веруваме на твоите зборови иако пророкуваш дека овој град ќе биде уништен во еден ден.

5 Сега тие не знаеја дека Бог може да направи такви чудесни дела, бидејќи тие беа вкочанет народ со закоравени срца.

6 И тие рекоа: Кој е Бог, кога помеѓу овој народ не испраќа поголема власт туку еден човек, да им ја објави вистината за толку големи и чудесни нешта?

7 И тие истапија за да ги положат нивните раце врз мене; но ете, тие не го сторија тоа. И јас стоев со смелост за да им објавам, да, јас смело им сведочев, говорејќи:

8 Ете, О вие пакосно и развратно поколение, како сте ја заборавиле традицијата на вашите татковци; да, колку брзо ги заборавивте заповедите на Бог.

9 Зарем не се сеќавате дека нашиот татко, Лехи, беше донесен од Ерусалим преку Божјата рака? Зарем не се сеќавате дека сите тие беа водени од Него низ дивината?

10 И дали толку брзо заборавивте колку пати Тој ги избавуваше нашите татковци од рацете на нивните непријатели, и ги зачува да не бидат уништени, дури и од рацете на нивните сопствени браќа?

11 Да, и доколку не беше Неговата неспоредлива моќ, и Неговата милост, и Неговата макотрпност кон нас, ние би требало неизбежно да бидеме отсечени од лицето на земјата долго пред овој временски период, а можеби би биле доведени во состојба на бескрајна мизерија и јад.

12 Ете, сега ви кажувам дека Тој ви заповедува да се покаете; а доколку не се покаете, не можете да го наследите Божјото царство. Но ете, ова не е сѐ—Тој ви заповедува да се покаете, или Тој целосно ќе ве уништи од лицето на земјата; да, Тој ќе ве посети со Неговиот гнев, и со Неговиот жесток гнев Тој нема да отстапи.

13 Ете, зарем не се сеќавате на зборовите кои Тој му ги кажа на Лехи, велејќи дека: Доколку ги одржувате Моите заповеди, ќе напредувате во земјата? И повторно кажано е: Доколку не ги одржувате Моите заповеди ќе бидете отсечени од присуството на Господ.

14 Сега би сакал да запомните, дека Ламанитите не ги одржуваа Божјите заповеди, тие беа отсечени од присуството на Господ. Сега гледаме дека Господовото слово беше потврдено во ова, и Ламанитите беа отсечени од Неговото присуство, од почетокот на нивните престапи во земјата.

15 Сепак ви кажувам, ќе биде поподносливо за нив на судниот ден отколку за вас, ако останете со вашите гревови, да, и дури поподносливо за нив во овој живот отколку за вас, ако не се покаете.

16 Зашто има многу ветувања кои се протегаат на Ламанитите; тоа е поради традицијата на нивните татковци што предизвика да останат во нивната состојба на неукост; затоа Господ ќе биде милостив со нив и ќе го продолжи нивното постоење на земјата.

17 И во некој временски период ќе бидат наведени да веруваат во Неговото слово, и да дознаат за неточноста на традициите на нивните татковци; и многу од нив ќе бидат спасени, бидејќи Господ ќе биде милостив кон сите кои го довикуваат Неговото име.

18 Но ете, јас ви кажувам дека доколку сте упорни во вашата пакост вашите денови на земјата нема да бидат продолжени, бидејќи Ламанитите ќе бидат пратени на вас; и ако не се покаете ќе дојдат во време кога нема да знаете, и ќе бидете посетени со целосно уништување; и ќе биде во согласност со жестокиот гнев на Господ.

19 Зашто Тој нема да дозволи да живеете во вашите беззаконија, да го уништувате Неговиот народ. Јас ви кажувам, Не; Тој попрво би дозволил Ламанитите да го уништат целиот Негов народ кој се нарекува Нефитски народ, ако беше можно да паднат во гревови и престапи, откако имаа толку многу светлина и толку многу знаење кое им беше дадено на нив од Господ нивниот Бог;

20 Да, откако беа толку високо благодатен народ на Господ; да, откако беа благодатни над секоја друга нација, колено, јазик, и народ; откако сите нешта им станаа познати, според нивните желби, и нивната вера, и молитви, за тоа што беше, и за тоа што е, и за тоа што ќе дојде;

21 Откако беа посетени од Божјиот Дух; откако разговарале со ангели, и откако Господовиот глас им говореше; и имајќи го духот на пророштвото, и духот на откровението, и исто така многу дарови, дарот на говорење јазици, и дарот на проповедање, и дарот на Светиот Дух, и дарот на преведување;

22 Да, и откако беа избавени од Бог надвор од земјата Ерусалим, преку Господовата рака; беа спасени од глад, и од болест, и секаков вид на заболувања; и бидејќи тие станаа силни во битка, за да не бидат уништени; откако многу пати беа ослободувани од ропство, и откако беа сочувани и заштитени до сега; и тие напредуваа додека не се збогатија на секакви нешта—

23 И сега ете ви кажувам, дека ако овој народ, кој примил толку многу благослови од Господовата рака, престапува спротивно од светлината и знаењето кое го имаат, ви кажувам дека ако ова е случајот, дека ако паднат во престап, ќе биде многу поподносливо за Ламанитите отколку за нив.

24 Зашто ете, ветувањата на Господ се протегаат на Ламанитите, но нема кај вас ако престапувате; зашто нели Господ јасно вети и цврсто прогласи, дека ако се побуните против Него, целосно ќе бидете уништени од лицето на земјата?

25 И сега од таа причина, за да не бидете уништени, Господ го прати Неговиот ангел да посети многу од Неговиот народ, објавувајќи им дека тие мора да тргнат и моќно да довикуваат на овој народ, велејќи: Покајте се, бидејќи небесното царство е близу;

26 И не многу дена од сега Синот Божји ќе дојде во Неговата слава; и Неговата слава ќе биде славата на Единородениот од Отецот, полн со благодат, праведност, и вистина, полн со трпение, милост, и макотрпност, брз да го чуе плачот на Неговиот народ и да им одговори на нивните молитви.

27 И ете, Тој дојде да ги искупи тие кои ќе бидат крстени во покајание, преку вера во Неговото име.

28 Затоа, подгответе го патот на Господ, зашто времето се ближи кога сите луѓе ќе жнеат награда за нивните дела, според тоа што биле—ако биле праведни ќе го жнеат спасението на нивните души, според моќта и избавувањето на Исус Христос; а ако биле злобни тогаш ќе го жнеат проклетството на нивните души, според моќта и ропството на ѓаволот.

29 Сега ете, ова е гласот на ангелот, довикувајќи им на луѓето.

30 И сега, мои љубени браќа, бидејќи сте ми браќа, и треба да сте љубени, и треба да истакнувате дела кои доликуваат на покајание, гледајќи дека вашите срца беа многу закоравени против Божјото слово, и гледајќи дека вие сте изгубен и паднат народ.

31 Сега се случи кога јас, Алма, бев ги кажал овие зборови, ете, народот беше гневен на мене бидејќи им кажав дека беа народ со закоравени срца и вкочанети вратови.

32 И исто така бидејќи им кажав дека беа изгубен и паднат народ тие ми се налутија, и сакаа да ги положат нивните раце на мене, за да ме фрлат во затвор.

33 Но се случи Господ да не им дозволи да ме одведат тогаш и да ме фрлат во затвор.

34 И се случи Амулек да отиде и да истапи, и исто така започна да им проповеда. А сега зборовите на Амулек не се сите напишани, сепак дел од неговите зборови се напишани во оваа книга.