Заповедите на Алма за неговиот син Хеламан.
Ги опфаќа главите 36 и 37.
Глава 36
Алма му сведочи на Хеламан за неговото преобратување откако виде ангел—Тој страдал од болките на проколнатата душа; тој го повика името на Исус, и тогаш беше роден од Бог—Слатка радост му ја исполни душата—Тој виде мноштво на ангели како Го фалат Бог—Многу преобратеници вкусиле и виделе како што тој вкусил и видел. Околу 74 п.н.е.
1 Сине мој, послушај ги моите зборови; бидејќи ти се колнам, дека доколку ги одржуваш заповедите на Бог ќе напредуваш во земјата.
2 Јас би сакал да направиш како што направив јас, во сеќавање на заробеништвото на нашите татковци; бидејќи тие беа во ропство, и никој не можеше да ги избави освен Богот на Авраам, и Богот на Исак; и Богот на Јаков; и Тој навистина ги избави од нивните неволји.
3 И сега, О мој сине Хеламан, ете, ти си во младоста, и затоа, те преколнувам да ги послушаш моите зборови и да научиш од мене; бидејќи знам дека кој и да ја стави својата доверба во Бог ќе биде поддржан во своите испити, и своите грижи, и своите неволји, и ќе биде кренат на последниот ден.
4 И јас не би сакал да мислите дека ова го знам од себе—не од привременото туку од духовното, не од телесниот ум, туку од Бог.
5 Сега, ете, ти кажувам, да не бев роден од Бог немаше да ги знам овие нешта; но Бог, преку устата на Неговиот свет ангел, ми ги откри овие нешта, не заради мојата достојност.
6 Зашто јас одев наоколу со синовите на Мосија, барајќи да ја уништам црквата на Бог; но ете, Бог го испрати Неговиот свет ангел да нѐ спречи патем.
7 И ете, тој ни зборуваше, како да беше гласот на гром, и целата земја се тресеше под нашите стапала; и паднавме на земјата, бидејќи стравот од Господ нѐ стигна.
8 Но ете, гласот ми кажа: Стани. И јас станав и застанав, и го видов ангелот.
9 И тој ми кажа: Ако сакаш од себеси да бидеш уништен, не барај повеќе да ја уништиш Божјата црква.
10 И се случи јас да паднам на земјата; и беше во траење од три дена и три ноќи да не можев да ја отворам устата, ниту можев да ги користам моите екстремитети.
11 И ангелот ми кажа уште нешта, кои моите браќа ги слушнаа, но јас не ги слушнав; бидејќи кога ги слушнав зборовите—Ако сакаш од себеси да бидеш уништен, не барај да ја уништиш црквата на Бог—Јас бев погоден од толку голем страв и зачудување можеби да не бидам уништен, што паднав на земјата и не слушнав ништо повеќе.
12 Но бев потресен со вечно измачување, бидејќи мојата душа беше вознемирена до најголем степен и измачувана од сите мои гревови.
13 Да, се сеќавав на сите мои гревови и беззаконија, за кои бев измачуван со пеколни болки; да, видов дека бев се побунил против мојот Бог, и дека не ги бев одржувал Неговите свети заповеди.
14 Да, и бев убил многу од Неговите деца, или попрво ги одведов до уништување; да, и накратко толку големи беа моите беззаконија, што самата помисла да дојдам во присуството на мојот Бог ја мачеше мојата душа со неизразен хорор.
15 О, помислив јас, дека можам да бидам прогонет и да бидам истребен и со душа и со тело, за да не бидам доведен да стојам во присуството на мојот Бог, да бидам суден за моите дела.
16 И сега, за три дена и три ноќи бев мачен и тоа со болки на проколната душа.
17 И се случи додека бев така потресен со измачување, додека бев вознемируван од сеќавањето на многуте мои гревови, ете, се сетив исто дека го слушнав татко ми да пророкува на народот во врска со доаѓањето на еден Исус Христос, Божји Син, да помири за гревовите на светот.
18 Сега, штом мојот ум се задржа на оваа мисла, плачев во срцето; О Исусе, Ти Сине Божји, смилувај ми се, кој сум во жолчката на горчината, и сум опкружен од вечните окови на смртта.
19 И сега, ете, кога го помислив ова, не можев да се сетам повеќе на моите болки; да, повеќе не бев вознемируван од сеќавањето на моите гревови.
20 И о, каква радост, и каква зачудувачка светлина видов; да, мојата душа беше исполнета со радост толку огромна колку што беше и мојата болка!
21 Да, ти кажувам, сине мој, дека нема ништо толку исклучително и толку горко како што беа моите болки. Да, и повторно ти велам, сине мој, дека од друга страна, не може да постои ништо толку исклучително и слатко како што беше мојата радост.
22 Да, ми се причини дека го видов, и тоа како што нашиот татко Лехи го виде, Бог како седи на Неговиот престол, опколен од безбројни мноштва на ангели, во став на пеење и фалење на нивниот Бог; да, и мојата душа копнееше да биде таму.
23 Но ете, моите екстремитети повторно ја добија својата сила, и застанав на нозете, и му објавив на народот дека сум роден од Бог.
24 Да, и од тоа време дури до сега, работам без престан, за да можам да ги доведам душите до покајание; за да можам да ги доведам да вкусат од огромната радост од која и јас вкусив; за и тие исто да можат да бидат родени од Бог, и да бидат исполнети со Светиот Дух.
25 Да, и сега ете, О сине мој, Господ ми даде извонредно голема радост во плодот на моите трудови;
26 Бидејќи поради словото кое тој ми го соопшти, ете, многу беа родени од Бог, и тие вкусиле како што вкусив и јас, и виделе очи во очи како што видов и јас; затоа тие знаат за овие нешта за кои зборував, како што знам и јас; и знаењето кое го имам е од Бог.
27 И бев поддржан во испитите и грижите од секаков вид, да, и во секаков вид на неволји; да, Бог ме избави од затвор, и од окови, и од смрт; да, и ја влевам мојата доверба во Него, и Тој уште ќе ме избавува.
28 И знам дека Тој ќе ме крене на последниот ден, да живеам со Него во слава; да, и ќе Го фалам Него засекогаш, бидејќи Тој ги изнесе нашите татковци од Египет, и Тој ги проголта Египќаните во Црвеното Море; и Тој ги водеше со Неговата моќ во ветената земја; да, и Тој ги избави од ропство и заробеништво од време на време.
29 Да, и исто така Тој ги изнесе нашите татковци од земјата Ерусалим; и Тој исто така, преку Неговата вечна моќ, ги избави од ропство и заробеништво, од време на време сѐ до сегашен ден; и секогаш го задржав во сеќавање нивното заробеништво; да, и вие исто така треба да го задржите во сеќавање, како што сторив јас, нивното заробеништво.
30 Но ете, сине мој, ова не е сѐ; бидејќи треба да знаеш како што знам јас, дека доколку ги одржуваш Божјите заповеди ќе напредуваш во земјата; и исто така треба да знаеш, дека доколку не ги одржуваш Божјите заповеди ќе бидеш отсечен од Неговото присуство. Сега ова е според Неговото слово.