Свети Писма
Алма 38


Заповедите на Алма за неговиот син Шиблон.

Ја опфаќа глава 38.

Глава 38

Шиблон беше гонет поради праведноста—Спасението е во Христос, Кој е животот и светлината на светот—Зауздајте ги сите ваши страсти. Околу 74 п.н.е.

1 Сине мој, слушни ги моите зборови, бидејќи ти зборувам, и тоа како што му говорев на Хеламан, дека доколку ги одржуваш заповедите на Бог ќе напредуваш во земјата; и доколку не ги одржуваш заповедите на Бог ќе бидеш отсечен од Неговото присуство.

2 И сега, синко мој, верувам дека многу ќе ти се радувам, поради твојата стабилност и верност во Бог; бидејќи како што започна во твојата младост да гледаш кон Господ твојот Бог, дури и така се надевам дека ќе продолжиш да ги одржуваш Неговите заповеди; бидејќи благословен е тој што издржува до крај.

3 Ти велам, сине мој, дека веќе бев имал голема радост за тебе поради твојата верност и твојата трудољубивост, и твојата трпеливост и твојата макотрпност помеѓу народот на Зорамитите.

4 Зашто знам дека ти беше во окови; да, и знам исто така дека беше каменуван за доброто на словото; и ги поднесе сите овие нешта со трпение бидејќи Господ беше со тебе; и сега знаеш дека Господ те избави.

5 И сега сине мој, Шиблон, би сакал да запомниш, дека колку повеќе ја потпираш твојата доверба во Бог толку повеќе ќе бидеш избавен од твоите искушенија, и твоите неволји, и твоите маки, и ќе бидеш кренат на последниот ден.

6 Сега, сине мој, не би сакал да мислиш дека ги знам овие нешта од самиот себеси, туку од Божјиот Дух кој е во мене кој ми ги откри овие нешта; бидејќи да не бев роден од Бог не би требало да ги знам овие нешта.

7 Но ете, Господ во Неговата голема милост го испрати Неговиот ангел да ми објави дека морам да го прекинам делото на уништување помеѓу Неговиот народ; да, и видов ангел лице во лице, и Тој зборуваше со мене, и Неговиот глас беше како гром, и ја тресеше целата земја.

8 И се случи да бидам три дена и три ноќи во најгорчливата душевна болка и мака; и никогаш, додека не Го повикав Исус Христос за милост, не примив опростување за моите гревови. Но ете, Го довикав Него и пронајдов мир за мојата душа.

9 И сега, синко мој, ти го кажав ова за да научиш мудрост, за да научиш од мене дека не постои друг начин или средства преку кои човекот може да биде спасен, само во и преку Христос. Ете, Тој е животот и светлината на светот. Ете, Тој е словото на вистината и праведноста.

10 И сега, како што ти почна да го поучуваш словото така би сакал да продолжиш да поучуваш; и би сакал да бидеш трудољубив и воздржан во сите нешта.

11 Гледај да не си кренат во гордоста; да, гледај да не се фалиш со сопствената мудрост, ниту со твојата голема сила.

12 Употребувај смелост, но не и надмоќ; и исто така гледај да ги зауздаш сите твои страсти, за да бидеш исполнет со љубов; гледај да се воздржуваш од мрзливоста.

13 Не се моли како што прават Зорамитите, бидејќи гледаш дека тие се молат за да бидат слушнати од луѓето, и да бидат фалени за нивната мудрост.

14 Не вели: О Боже, ти благодарам што сме подобри од нашите браќа; туку наместо тоа кажи: О Господе, прости ми за мојата недостојност, и запомни ги моите браќа во милост—да, признај ја твојата недостојност пред Бога секогаш.

15 И Господ нека ти ја благослови душата, и нека те прими на последниот ден во Неговото царство, да седиш во мир. Сега оди, синко мој, и поучувај го словото кај овој народ. Биди трезен. Синко мој, збогум.