Свети Писма
Алма 45


Извештајот за народот на Нефи, и нивните војни и раздори, во деновите на Хеламан, според записот на Хеламан, кој го водеше во неговите денови.

Ги опфаќа главите од 45 до 62.

Глава 45

Хеламан верува во зборовите на Алма—Алма го пророкува уништувањето на Нефитите—Тој ја благословува и проколнува земјата—Алма можеби бил обземен од страна на Духот, дури како Мојсеј—Раздорот расте во Црквата. Околу 73 п.н.е.

1 Ете, сега се случи народот на Нефи да биде премногу радосен, бидејќи Господ повторно беше ги избавил од рацете на нивните непријатели; затоа Му се заблагодарија на Господ нивниот Бог; да, и многу постеа и се молеа, и Му служеа на Бог со премногу голема радост.

2 И се случи во деветнаесеттата година од владеењето на судиите врз народот на Нефи, дека Алма дојде при неговиот син Хеламан и му кажа: Дали веруваш во зборовите кои ти ги зборував во врска со тие плочи кои беа зачувани?

3 И Хеламан му кажа: Да, верувам.

4 И Алма повторно кажа: Дали веруваш во Исус Христос Кој ќе дојде?

5 И тој кажа: Да, верувам во сите зборови кои ти ги кажа.

6 И Алма повторно му кажа: Дали ќе ги одржуваш моите заповеди?

7 И тој кажа: Да, ќе ги одржувам твоите заповеди со сето мое срце.

8 Тогаш Алма му кажа: Благословен си ти; и Господ ќе те унапреди во оваа земја.

9 Но ете, имам да ти пророкувам нешто; но тоа што ќе ти го пророкувам нема да го откриеш; да, тоа што ќе ти го пророкувам нема да биде откриено, сѐ додека не се исполни пророштвото; затоа напиши ги зборовите кои ќе ти ги кажам.

10 И ова се зборовите: Ете, согледувам дека самиот овој народ, Нефитите, според духот на откровението кој е во мене, после четиристотини години од времето кога Исус Христос ќе им се прикаже Самиот, ќе западне во неверување.

11 Да, и тогаш ќе видат војни и чуми, да, гладови и крвопролевање, сѐ додека народот на Нефи не биде истребен—

12 Да, ова е бидејќи тие ќе западнат во неверување и ќе паднат во делата на темнината, и сладострастието, и секаков вид на беззаконија; да, ти велам, бидејќи ќе грешат против толку голема светлина и знаење, да, ти велам, дека од тој ден, дури и четвртото поколение нема да помине пред ова големо беззаконие да дојде.

13 И кога ќе дојде тој голем ден, ете, времето многу брзо доаѓа кога тие кои се сега, односно потомството на тие кои се сега вброени помеѓу народот на Нефи, нема повеќе да бидат вброени помеѓу народот на Нефи.

14 Но кој и да остане, и не е уништен на тој голем и ужасен ден, ќе биде вброен помеѓу Ламанитите, и ќе стане како нив, сите, освен неколкумина кои ќе бидат наречени Господовите ученици; и Ламанитите ќе ги прогонуваат нив сѐ додека не бидат истребени. И сега, поради беззаконие, ова пророштво ќе биде исполнето.

15 И сега се случи откако Алма беше му ги кажал овие нешта на Хеламан, тој го благослови, и исто така другите негови синови; и тој исто така ја благослови земјата за доброто на праведните.

16 И тој им кажа: Така кажа Господ Бог—Земјата ќе биде проколната, да, оваа земја, за секоја нација, колено, јазик, и народ, до уништување, на оние кои пакосно прават, кога се потполно зрели; и како што кажав така и ќе биде; бидејќи ова е проклетството и благословот на Бог врз земјата, бидејќи Господ не може да гледа врз гревот ни со најмал степен на дозвола.

17 И сега, кога Алма беше ги кажал овие зборови тој ја благослови црквата, да, сите оние кои ќе останат цврсто во верата од тогаш па натаму.

18 И кога Алма беше го направил ова тој замина во земјата Зарахемла, како да оди во земјата Мелек. И се случи повеќе да не се слушна за него; а што се однесува до неговата смрт или погреб, ние не знаеме.

19 Ете, ова го знаеме, дека беше праведен човек; и гласината се ширеше во црквата дека тој беше земен од Духот, односно погребан од Господовата рака, и тоа како Мојсеј. Но ете, светите писма велат дека Господ го зема Мојсеј кај Него; и претпоставиме дека Тој исто така го примил Алма со духот, кај Него; затоа, за оваа причина не знаеме ништо во врска со неговата смрт и погреб.

20 И сега се случи на започнувањето на деветнаесеттата година на владеењето на судиите врз Нефитскиот народ, Хеламан да тргне помеѓу народот да им го објави словото на нив.

21 Зашто ете, поради нивните војни со Ламанитите и многуте мали раздори и вознемирувања кои беа помеѓу народот, стана целиходно Божјото слово да се објави помеѓу нив, да, и дека регулација треба да се направи низ црквата.

22 Затоа, Хеламан и неговите браќа тргнаа повторно да ја воспостават црквата во целата земја, да, во секој град низ целата земја која беше поседувана од народот на Нефи. И се случи да назначат свештеници и учители низ целата земја, во сите цркви.

23 И сега се случи откако Хеламан и неговите браќа беа назначиле свештеници и учители во црквите да настане раздор помеѓу нив, и не обрнуваа внимание на зборовите на Хеламан и неговите браќа;

24 Туку станаа горди, занесени во нивните срца, поради нивните премногу големи богатства; затоа станаа богати во сопствените очи, и не обрнуваа внимание на нивните зборови, да чекорат исправено пред Бог.