Свети Писма
Алма 4


Глава 4

Алма крштава илјадници преобратеници—Беззаконието навлегува во Црквата, и напредувањето на Црквата е попречено—Нефиха е назначен за главен судија—Алма, како висок свештеник, се посветува на службата. Околу 86–83 п.н.е.

1 Сега се случи во шестата година од владеењето на судиите врз Нефитскиот народ, немаше препирања ниту војни во земјата Зарахемла;

2 Но народот беше погоден, да, многу погоден од загубата на нивните браќа, и исто така поради загубата на нивните стада и крда, и исто така поради загубата на нивните житни полиња, кои Ламанитите ги прегазија со нозете и ги уништија.

3 А нивните неволји беа толку големи што секоја душа имаше причина да жали; и веруваа дека тоа беа Божјите пресуди испратени врз нив за нивните пакости и одвратности; затоа тие беа разбудени на сеќавање на нивната должност.

4 И тие започнаа уште поцелосно да ја воспоставуваат црквата; да, и многумина беа крстени во водите на Сидон и се придружија на Божјата црква; да, тие беа крстени од раката на Алма, кој беше осветен за висок свештеник над народот од црквата, од раката на својот татко Алма.

5 И се случи во седмата година од владеењето на судиите имаше околу три илјади и петстотини души кои се приклучија на Божјата црква и беа крстени. И така заврши седмата година од владеењето на судиите врз Нефитскиот народ; и имаше постојан мир во тоа време.

6 И се случи во осмата година од владеењето на судиите, народот на црквата започна да се гордее, поради нивните преголеми богатства, и нивните убави свили, и фино превиткан лен, и поради нивните многубројни стада и крда, и нивното злато и нивното сребро, и секакви видови скапоцености, што ги беа добиле од тешката работа; и во сите овие нешта тие беа кренати во гордоста на нивните очи, бидејќи започнаа да носат скапа облека.

7 Сега ова беше причината за многу неволја за Алма, да, и за многу луѓе кои Алма беше ги осветил да бидат учители, и свештеници, и старешини на црквата; да, многу од нив беа тешко жалосни за пакоста која видоа дека беше започнала да се шири меѓу нивниот народ.

8 Зашто тие видоа и гледаа со голема тага дека луѓето од црквата започнаа да бидат горделиво кренати во нивните очи, и да ги насочуваат нивните срца кон богатства и кон суетни работи на светот, и почнаа да се презираат, еден кон друг, и започнаа да ги прогонуваат оние кои не веруваа во согласност со нивната волја и задоволство.

9 И така, во осмата година од владеењето на судиите, започнаа да се појавуваат големи препирања помеѓу народот од црквата; да, постоеја завидувања, и препирања, и злоба, и прогонство, и гордост, дури и за да се надмине гордоста на оние кои не припаѓаа на црквата на Бог.

10 И така заврши осмата година од владеењето на судиите; и пакоста во црквата беше голем камен за сопнување за оние кои не припаѓаа на црквата; и така црквата започна да пропаѓа во своето напредување.

11 И се случи во почетокот на деветтата година, Алма ја виде пакоста во црквата, и тој исто виде дека примерот на црквата започна да ги води оние неверниците понатаму од едно беззаконие во друго, така доведувајќи до уништување на народот.

12 Да, тој виде голема нееднаквост меѓу народот, некои се занесуваа со својата гордост, презирајќи други, вртејќи им ги своите грбови на загрозените и на голите и на оние кои беа гладни, и оние кои беа жедни, и оние кои беа болни и погодени.

13 Сега ова беше голема причина за оплакување кај народот, додека други се покоруваа, помагајќи им на оние на кои им беше потребна нивната помош, така што им го даваа тоа што го имаат на сиромашните и на загрозените, хранејќи ги гладните, и претрпувајќи секакви видови неволји, за доброто на Христос, Кој ќе дојде според духот на пророштвото;

14 Очекувајќи го тој ден, притоа обезбедувајќи опростување за своите гревови; и да бидат исполнети со голема радост поради воскреснувањето на мртвите; според волјата и моќта и избавувањето на Исус Христос од оковите на смртта.

15 И сега се случи Алма, гледајќи ги неволјите на понизните следбеници на Бог, и прогонувањата кои им се насобраа на нив од остатокот на неговиот народ, и гледајќи ја сета таа нееднаквост, започна многу да тагува; сепак Духот Господов не го изневери.

16 И тој избра мудар човек кој беше меѓу старешините од црквата, и му даде моќ во согласност со гласот на народот, за тој да може да има моќ да донесе закони според законите кои беа дадени, и да ги примени според пакоста и злосторствата на народот.

17 Сега името на овој човек беше Нефиха, и тој беше назначен за главен судија; и тој седна на судиската столица за да го суди и да управува со народот.

18 Сега Алма не му ја додели службата да биде висок свештеник во црквата, туку тој самиот си ја задржа за себе; а судиската столица му ја препушти на Нефиха.

19 И ова го направи за да може самиот тој да оди помеѓу неговиот народ, односно помеѓу Нефитскиот народ, за да им го проповеда Божјото слово на нив, да ги наведе да се сетат на својата должност, и да ги отстрани, со Божјото слово, сета гордост и лукавост и сите препирања кои беа помеѓу неговиот народ, не гледајќи друг начин на кој би ги вратил на прав пат освен со искрено сведоштво против нив.

20 И така во почетокот на деветтата година од владеењето на судиите врз Нефитскиот народ, Алма му ја препушти судиската столица на Нефиха, а себеси исклучиво се ограничи на високото свештенство на светиот Божји ред, на сведоштвото на словото, според духот на откровението и пророштвото.