Зборовите кои Алма, Високиот Свештеник, според светиот Божји ред, му ги проповедаше на народот во нивните градови и села низ земјата.
Започнува со глава 5.
Глава 5
За да добијат спасение, луѓето мораат да се покајат и да ги одржуваат заповедите, да се преродат, да ја очистат својата облека преку крвта на Христос, да бидат покорни и да се ослободат од гордоста и зависта, и да прават праведни дела—Добриот Пастир го повикува Неговиот народ—Оние кои прават зло се деца на ѓаволот—Алма сведочи за вистината на неговите учења и им заповеда на луѓето да се покајат—Имињата на праведните ќе бидат запишани во книгата на животот. Околу 83 п.н.е.
1 Сега се случи Алма да го пренесува Божјото слово на народот, најпрво во земјата Зарахемла, а потоа во целата земја.
2 И ова се зборовите кои му ги кажа на народот во црквата која беше воспоставена во градот Зарахемла, според неговиот личен запис, велејќи:
3 Јас, Алма, бев осветен од мојот татко, Алма, да бидам висок свештеник во Божјата црква, тој имајќи моќ и власт од Бог да ги прави овие нешта, ете, ти говорам дека тој почна да воспоставува црква во земјата која беше во Нефитските граници; да, земјата која беше наречена земјата на Мормон: да, и тој ги крштаваше своите браќа во водите на Мормон.
4 И ете, ти велам, тие беа избавени од рацете на народот на царот Ное, преку милоста и моќта на Бог.
5 И ете, после тоа, тие беа одведени во ропство од рацете на Ламанитите во дивината; да, Јас ти велам, тие беа во заробеништво, и повторно Господ ги избави од ропство преку моќта на Неговото слово; и бевме доведени во оваа земја, и овде исто така почнавме да ја воспоставуваме Божјата црква низ оваа земја.
6 И сега ете, Јас ви велам, браќа мои, вие кои припаѓате во оваа црква, дали доволно го задржавте сеќавањето на заробеништвото на вашите татковци? Да, и дали доволно го задржавте сеќавањето за Неговата милост и макотрпност кон нив? И згора на тоа, дали доволно го задржавте сеќавањето дека Тој ги избави нивните души од пеколот?
7 Ете, Тој ги промени нивните срца; да, Тој ги разбуди од длабок сон, и тие се разбудија кај Бог. Ете, тие беа насред темнината; сепак, нивните души беа просветлени од светлината на вечното слово; да, тие беа опкружени со оковите на смртта, и синџирите на пеколот, и вечно уништување ги чекаше.
8 А сега ве прашувам, браќа мои, дали тие беа уништени? Ете, ви велам, Не, не беа.
9 И повторно прашувам, дали оковите на смртта беа скршени, и синџирите на пеколот кои ги опкружуваа олабавени? Ви велам, Да, тие беа олабавени, и нивните души се проширија, и тие пееја со искупувачка љубов. И ви велам дека тие се спасени.
10 И сега ве прашувам под кои услови се спасени? Да, на која основа се надеваа на спасение? Која е причината за нивното ослободување од оковите на смртта, да, и исто така од синџирите на пеколот?
11 Ете, можам да ви кажам—зарем мојот татко не веруваше во зборовите кои му беа пренесени од устата на Абинади? И зарем тој не беше свет пророк? Зарем не ги зборуваше Божјите зборови, а мојот татко Алма им веруваше?
12 И според неговата вера имаше моќна промена која му го обзема неговото срце. Ете ви велам дека сето ова е вистина.
13 И ете, тој го проповедуваше словото на вашите татковци, и моќна промена ги обзема и нивните срца исто така, и тие се покорија и ја положија својата верба во вистинскиот и жив Бог. И ете, тие беа верни до крајот; затоа беа спасени.
14 И сега ете, Јас ве прашувам, мои браќа од црквата, дали вие духовно сте биле родени од Бог? Дали сте го добиле неговиот изглед на вашите лица? Дали сте ја искусиле оваа моќна промена во вашите срца?
15 Дали практикувате вера во искупувањето на Тој кој ве создаде? Дали очекувате со око на вера и го гледате ова смртно тело како кренато во бесмртност, и оваа распадливост крената во нераспадливост, за да стоите пред Бог и да бидете судени според делата кои сте ги направиле во смртното тело?
16 Ви велам, дали можете да си замислите да го слушнете гласот Господов како ви вели, на тој ден: Дојдете кај Мене вие благословени, зашто ете, вашите дела биле праведни дела на лицето на земјата?
17 Или дали си замислувате дека можете да го лажете Господ на тој ден, и да кажете—Господе, нашите дела беа праведни на лицето на земјата—и дека Тој ќе ве спаси?
18 Односно спротивно, дали можете да се замислите себеси донесени пред судот на Бог со вашите души исполнети со вина и сожалување, имајќи сеќавање на сета ваша вина, да, совршено сеќавање на сета ваша пакост, да, сеќавање дека сте им пркоселе на Божјите заповеди?
19 Ви кажувам, дали можете на тој ден да погледнете кон Бог со чисто срце и чисти раце? Ви говорам, можете ли да погледнете нагоре, имајќи го изгледот на Бог врежан на вашите лица?
20 Ви кажувам, дали можете да замислите да бидете спасени кога вие сте си дозволиле да станете поданици на ѓаволот?
21 Ви кажувам, ќе знаете на тој ден дека не можете да бидете спасени; бидејќи ниту еден човек не може да биде спасен освен ако неговите облеки не се избелени; да, неговите облеки мора да бидат прочистени додека не се исчистени од сите дамки, преку крвта на Тој за кого нашите татковци зборуваа, кој ќе дојде да го искупи Неговиот народ од нивните гревови.
22 И сега ве прашувам, браќа мои, како ќе се чуствува секој од вас, ако стоите пред судот Божји, со своите облеки испрскани со крв и со секаква нечистотија? Ете, што ќе сведочат овие нешта против вас?
23 Ете зарем нема да сведочат дека сте убијци, да, и исто така дека сте виновни за секакви видови пакости?
24 Ете, мои браќа, мислите ли дека некој таков може да има место да седне во царството Божјо, со Авраам, со Исак, и со Јаков, и исто така со сите свети пророци, чии облеки се прочистени и безпрекорни, чисти и бели?
25 Ви кажувам, Не; освен ако го направите лажго нашиот Создавач од почетокот, или ако претпоставите дека Тој е лажго од почетокот, не можете да претпоставите дека таков може да има место во небесното царство; туку тие ќе бидат отфрлени бидејќи тие се деца на царството на ѓаволот.
26 И сега ете, ви кажувам, браќа мои, ако сте искусиле промена во срцето, и ако сте почувствувале да ја пеете песната на искупувачка љубов ќе ве прашам, дали можете да се чувствувате така сега?
27 Дали сте чекореле, држејќи се себеси невини пред Бог? Би можеле ли да кажете, ако бевте повикани да умрете сега, во самите себеси, дека сте биле доволно покорни? Така што вашите облеки биле исчистени и обелени преку крвта на Христос, кој ќе дојде да го искупи Неговиот народ од нивните гревови?
28 Ете, дали сте лишени од гордоста? Јас ви кажувам, ако не сте тогаш не сте подготвени да се сретнете со Бога. Ете мора брзо да се подготвите; зашто небесното царство е близу, а никој таков нема да има вечен живот.
29 Ете, кажувам, постои ли некој помеѓу вас кој не е лишен од зависта? Ви кажувам дека таквиот не е спремен; и јас би сакал тој да се подготви брзо, бидејќи се ближи часот, и тој не знае кога ќе дојде времето; бидејќи таквиот не се смета за невин.
30 И повторно ви кажувам, постои ли некој помеѓу вас кој го исмева својот брат, или го натрупува со прогонства?
31 Тешко на тој, бидејќи тој не е подготвен, и времето се ближи за тој да мора да се покае или нема да може да биде спасен!
32 Да, тешко на сите вас сторители на беззаконие; покајте се, покајте се, бидејќи Господ Бог тоа го кажал!
33 Ете, Тој испраќа покана до сите луѓе, бидејќи праведните раце се испружени кон нив, и Тој вели: Покајте се, и Јас ќе ве примам.
34 Да, Тој вели: Дојдете кај Мене и ќе земете од овошјето од дрвото на животот; да, ќе јадете и ќе пиете од лебот и од водите на животот слободно;
35 Да, дојдете кај Мене и донесете праведни дела, и нема да бидете исечени и фрлени во оганот—
36 Зашто ете, времето се ближи за било кој што не принесува добар плод, или било кој што не прави праведни дела, истите имаат причина да стенкаат и жалат.
37 О вие сторители на беззаконие; вие кои сте надуени во суетните нешта на светот, вие кои тврдевте дека ги знаете праведните патишта а сепак сте залутале, како овци кои немаат овчар, без оглед што овчарот ве повика и сѐ уште ве повикува, но вие нема да го послушате Неговиот глас!
38 Ете, ви кажувам, дека добриот овчар ве повикува; да, и Тој ве повикува во Негово име, кое е името на Христос; и ако не го послушате гласот на добриот овчар, по името по кое сте повикани, ете, вие не сте овца на добриот овчар.
39 И сега ако не сте овца на добриот овчар, од кое стадо сте? Ете, ви кажувам, дека ѓаволот е вашиот овчар, и вие сте од неговото стадо; и сега, кој може да го негира ова? Ете, ви кажувам, кој и да го негира ова е лажго и дете на ѓаволот.
40 Зашто ви кажувам дека сѐ што е добро доаѓа од Бога, а сѐ што е зло доаѓа од ѓаволот.
41 Затоа, ако човекот принесува добри дела тој го слуша гласот на добриот овчар, и го следи Него; но кој и да принесува лоши дела, истиот станува дете на ѓаволот, бидејќи тој го слуша неговиот глас, и го следи.
42 И кој и да го прави ова мора од него да ја прими својата плата; затоа, како плата добива смрт, а што се однесува за праведните нешта, мртов е во поглед на сите добри дела.
43 И сега, браќа мои, би сакал да ме слушнете, зашто јас зборувам со енергијата од мојата душа; зашто ете, јас ви говорев на вас јасно дека не можете да грешите, односно зборував според заповедите на Бог.
44 Зашто јас сум повикан да зборувам на овој начин, според светиот ред на Бог, кој е во Христос Исус; да, заповедано ми е да застанам и да сведочам пред овој народ за нештата кои биле говорени од нашите татковци во врска со нештата што ќе дојдат.
45 И ова не е сѐ. Зарем не мислите дека јас самиот знам за овие нешта? Ете, јас ви сведочам дека овие нешта за кои зборував се вистинити. А како мислите дека не знам за нивната сигурност?
46 Ете, ви кажувам дека тие ми се познати преку Светиот Дух на Бог. Ете, постев и се молев многу денови за да можам самиот да ги знам овие нешта. И сега самиот знам дека тие се вистинити; бидејќи Господ Бог ми ги прикажа преку Неговиот Светиот Дух; а ова е духот на откровението кој е во мене.
47 Згора на тоа, ви кажувам дека така ми беше откриено, дека зборовите кои ги говореа нашите татковци се вистинити, дури и според духот на пророштвото кој е во мене, кој е исто така преку прикажувањето на Духот Божји.
48 Јас ви кажувам, дека знам самиот дека сѐ што ќе ви кажам, во врска со тоа што ќе дојде, е вистина; и ви кажувам, дека знам дека Исус Христос ќе дојде, да, Синот, Единородениот од Отецот, полн со благодат, и милост, и вистина. И ете, тоа е Тој што дојде да ги однесе гревовите на светот, да, гревовите на секој човек кој цврсто веруваше во Неговото име.
49 И сега ви кажувам дека ова е редот по кој сум повикан, да, да им проповедам на моите сакани браќа, да, и на секој кој живееше на земјата; да, да им проповедам на сите, и на старите и на младите, и на заробените и на слободните; да, ви кажувам на вас постарите, и на средовечните, и на растечкото поколение; да, да ги довикам да се покајат и да бидат повторно родени.
50 Да, така вели Духот: Покајте се, сите вие краишта на земјата, бидејќи небесното царство наскоро се ближи; да, Синот Божји доаѓа со Неговата слава, со Неговата сила, величественост, моќ, и власт. Да, мои љубени браќа, ви кажувам, дека Духот вели: Ете ја славата на Царот на целата земја; а исто така Царот на небесата наскоро ќе блеска меѓу сите човечки деца.
51 А исто така Духот ми кажа, да, ми викна со силен глас, велејќи: Оди и кажи му на овој народ—Покајте се, зашто ако не се покаете не можете никако да го наследите небесното царство.
52 И повторно ви кажувам, Духот кажа: Ете, секирата е положена на коренот на дрвото; затоа секое дрво кое не носи добар плод ќе биде исечено и фрлено во огнот, да, оган кој не може да престане, и тоа неизгаслив оган. Ете, и запомнете, Светецот го кажа тоа.
53 А сега љубени мои браќа, ви кажувам, можете ли да се спротивставите на овие зборови; да, можете ли да ги тргнете на страна овие нешта, и да го згазите Светецот под вашите нозе; да, можете ли да бидете надуени во гордоста на вашите срца; да, дали сѐ уште ќе истраете во носењето на скапа облека и потпирањето на вашите срца на суетните нешта во светот, на вашето богатство?
54 Да, дали ќе истраете да мислите дека вие сте подобри од другите; да, дали ќе истраете во прогонувањата на вашите браќа, кои се покоруваат и чекорат по светиот ред на Бог, со кои беа доведени во оваа црква, беа осветени од Светиот Дух, и тие принесуваат дела кои доликуваат на покајание—
55 Да, и дали ќе истраете да им ги вртите грбовите на сиромашните, и на загрозените, и да го чувате вашиот имот од нив?
56 И конечно, сите вие кои ќе истраете во вашата пакост, ви кажувам дека овие се тие кои ќе бидат исечени и фрлени во огнот освен ако брзо не се покајат.
57 И сега ви кажувам, сите вие кои имате желба да го следите гласот на добриот овчар, излезете од пакосните, и разделете се, и не допирајте ги нивните нечисти нешта; и ете, нивните имиња ќе бидат избришани, за имињата на пакосните да не бидат вброени помеѓу имињата на праведните, за да биде исполнето Божјото слово, кое вели: Имињата на пакосните нема да бидат помешани со имињата на Мојот народ;
58 Зашто имињата на праведните ќе бидат запишани во книгата на животот, и на нив ќе им го доделам наследството од Мојата десна рака. И сега, браќа мои, што имате вие да кажете против ова? Ви кажувам, ако зборувате против ова, нема да значи, бидејќи Божјото слово мора да биде исполнето.
59 Зашто кој овчар помеѓу вас има многу овци а не внимава на нив, за да не влезат волците и да не го растргнат стадото? И ете, ако волк влезе во неговото стадо нема ли да го истера? Да, и на крај, ако може, ќе го уништи.
60 И сега ви кажувам дека добриот овчар ве повикува; и ако го послушате Неговиот глас Тој ќе ве внесе во Неговото стадо, и вие сте Негови овци; и Тој ви заповеда да не го пуштате гладниот волк да влезе помеѓу вас, за да не бидете уништени.
61 И сега јас, Алма, ви заповедувам на јазикот на Тој кој мене ми заповеда, да настојувате да ги послушате зборовите кои ви ги говорев.
62 Јас ви говорам со заповед на вас кои припаѓате на црквата; а на оние кои не припаѓаат на црквата им говорам со покана, велејќи: Дојдете и бидете крстени на покајание, за и вие исто така да можете да земете од плодот од дрвото на животот.